Македонија
Уставните измени се многу важен чекор, но не и последен, порачува бугарскиот претседател Радев
„Конечно, постигнат е напредок за гарантирање на правата на Бугарите во РСМ“, ова е одговорот на бугарскиот претседател Румен Радев на прашање на бугарски медиум во врска со постигнатиот договор за уставните измени во Владата во Скопје.
„Ова е првиот многу важен и задолжителен чекор, но не и последен. Исклучително е важно да се исполнат барањата во двата потпишани протокола од преговарачката рамка. Конечно се придвижи прашањето за гарантирање на уставната рамноправност на Бугарите во РСМ“, коментирал Радев, пренесува БТА.
Шефот на бугарската држава посочил дека само партијата „Има таков народ“ ја поддржала неговата идеја дека вклучувањето на Бугарите во македонскиот Устав ќе биде задолжителен услов за нашата земја да ги почне преговорите за ЕУ.
Радев изразил загриженост поради тоа што бугарскиот парламент и владата не реагирале на резолуцијата усвоена од германскиот Бундестаг за поддршка на европскиот пат на РСМ, па како што рекол, морал да испрати писмо до европските лидери, во кое инсистирал на бугарскиот став.
Според него, власта треба да вложи напори за следните чекори – говорот на омраза, медиумите, учебниците, натписите во музеите, рехабилитацијата на репресираните итн.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

