Македонија
Нема да дозволиме нерасчистени случаи, мора да има одговорност, порача Меџити
Лично ќе иницирам инспекциски надзор за секој случај за кој постои и најмал сомнеж за оштета на пациенти, истакна министерот за здравство, Фатмир Меџити, на денешната работна средба со директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Рената Младеновска.
На средбата, која се реализира по иницијатива на министерот за здравство, Меџити, беше разговарано и за актуелните случувања во здравството, а за кои Министерството за здравство иницира вонреден инспекциски надзор.
„Министерството за здравство будно ја следи работата на сите јавни здравствени установи и е во постојана координација со раководните структури. Нема да дозволиме да останат нерасчистени случаи, мора да има одговорност кога во прашање е здравјето на граѓаните. Секаде каде што ќе се отвори дилема дали е обезбедена соодветна здравствена заштита за пациентите и дали тие добиле соодветен третман, ќе иницираме надзор на теренот“, потенцира Меџити.
Министерот за здравство, Меџити, истакна дека улогата на ДСЗИ во здравствениот систем е огромна и дека оваа институција мора сериозно да ја спроведува својата работа и транспарентно да известува бидејќи од неа во голема мера зависи довербата на пациентите во јавното здравство.
„Државниот санитарен и здравствен инспекторат е постојано на терен и врши надзор преку редовни, вонредни и контролни инспекциски надзори во сите здравствени установи. Фокусирани сме на делот на обезбедување квалитетна здравствена заштита и остварување на правата на пациентите. На секоја добиена претставка или налог од министерот за здравство ние соодветно постапуваме“, објасни Младеновска.
Директорката на ДСЗИ за време на средбата информира и за вонредниот инспекциски надзор реализиран во врска со случајот на мртвородно бебе во Клиничката болница во Битола за кој рече дека е завршен и дека набргу се очекуваат резултатите, кои ќе бидат во детали соопштени во јавноста од страна на ДСЗИ. Таа истакна дека ќе продолжи посветено да работи со цел институцијата со која раководи да постапува навремено и ажурно.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот локален дожд
Променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има услови за повремен локален дожд. Претпладне тивко, а попладне ќе дува слаб до умерен ветер во западните делови од западен, а во источните и долж Повардарието умерен повремено засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 3, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, ончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, освен денеска кон крајот на денот кога ќе има услови за слаб локален дожд. До петок ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец кој ќе биде поизразен долж Повардарието. Од петок ветерот ќе го смени правецот во југоисточен. За време на викендот облачноста ќе се зголеми.
Македонија
Делови од четири скопски општини денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирано неколку интервенции и тоа:
· поради изведување на водоводен приклучок на ул.Борис Трајковски 212, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица (место викано Каменик). Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности, општина Кисела Вода;
· поради изведување на водоводен приклучок ф-150 мм на ул.Варшавска 4, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Варшавска и дел од бул.8-ми Септември. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности, општина Карпош;
· поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на ул.Боца Иванова бб(за АБЦ Комерц), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Боца Иванова,Томе Пуре, Душко Поповиќ, Александар Бујнов, Бетовенова и дел од Петар Манџуков. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности, општина Бутел;
· поради изведување на водоводен приклучок ф-80 мм на ул.20 –ти Октомври 44 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности, општина Центар.
Македонија
Одронот е исчистен, сообраќајот на автопатот Скопје – Велес се одвива нормално
Во 20:38 часот на патниот правец Скопје-Велес, тунел Бадар, одронот е исчистен и сообраќајот се одвива нормално, информира АМСМ.
Претходно, од таму информираа дека сообраќајот се одвива по една лента поради одрон во тунелот.

