Македонија
(Видео) Костовски: Да не дозволиме ситни интереси на поединци скапо да ја чинат земјата и да влеземе во нова изолација
Ги повикуваме сите пратеници на одговорност да се вклучат во дискусијата во Собранието и да ги поддржат уставните измени, истакна на денешната прес-конференција Мартин Костовски, пратеник на СДСМ.
Според него, сите 120 пратеници, како претставници на народот и избрани од народот, имаат обврска на прво место да ги стават граѓаните, да ги стават државните, националните и стратешките интереси.
„Имаме неповторлива шанса да го продолжиме европскиот пат и да оствариме уште една стратешка цел: членство во ЕУ до 2030 година. Со признаен и потврден македонски јазик во ЕУ и македонски идентитет. Да бидеме рамо до рамо на големата маса, рамо до рамо со државотворните европски народи. Граѓаните сакаат и заслужуваат да бидат европски граѓани, да имаат европски квалитет на живот и европски животен стандард, во европска држава, а тоа да биде нивната родна земја. Предлогот за измена и дополнување на Уставот е доставен до македонското Собрание. Се однесува на додавање делови од народи во нашиот Устав, во преамбулата и во само два члена, 49 и 78“, соопшти тој.
Појаснува дека се додаваат деловите од бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и од египќанскиот народ.
„Целата македонска јавност, сите граѓани, може да се уверат дека станува збор за измени што само го унапредуваат македонскиот Устав и го зајакнуваат македонскиот идентитет. Прво, затоа што ги унапредува основните права на деловите од народи што живеат во нашата земјата и, второ, ја истакнува посебноста на македонскиот народ. Еднаш засекогаш да ставиме крај на тезата: еден народ – две држави. Затоа, да се обединиме за иднината на земјата со глас за Европа во македонското Собрание“, вели Костовски.
Потенцира дека не треба да се дозволи ситни интереси на поединци и политички кариери скапо да ја чинат земјата и да влезе во нова изолација, која ќе трае со години.
„Да не дозволиме самите од внатре да се блокираме на патот кон и ЕУ и нови загубени 10, 15 или 20 години додека регионот напредува. Без уставни измени, нема членство во ЕУ. Сите пратеници што навистина се за членство во ЕУ – ова е шансата на дело да ја докажат. Без изговори, без калкулации. Глас за Европа е глас за подобра македонска иднина“, дополнува пратеникот од СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ароганцијата на некои во „Вреди“ станува одвратна, Чаир беше лекција, а секоја лекција се прифаќа со достоинство, вели Османи
Чаир беше лекција, а секоја лекција се прифаќа со достоинство, напиша на социјалните мрежи Бујар Османи.
„Ја презедов мојата одговорност и му честитав на победникот, бидејќи дури и во овие околности сакам да оставам зад себе наследство на политичка култура, како што правев во текот на целата кампања.
Но, ароганцијата на некои во „Вреди“ станува одвратна.
Не прифаќам дека поради оваа причина резултатот на ДУИ и коалицијата треба да биде погазен.
Со 114 илјади гласови, НАИ останува најголемата сила и легитимен претставник на Албанците.
Али Ахмети е и останува неоспорен идеолог и лидер на Албанците“.
Навредите кон него, како што додава Османи, не се знак на политичка сила, туку знак на морална слабост.
„Овие ниски напади имаат една цел, да донесат деморализација пред вториот круг,
но ќе се случи спротивното: единство и решеност.
Албанците дадоа масовна поддршка во првиот круг, а во вториот круг мора да потврдиме кој навистина ја држи нивната политичка волја.
НАИ останува гласот на Албанците, додека Али Ахмети, нивниот морален и идеолошки столб.
Ги поканувам сите Албанци во вториот круг да го потврдат ова достоинствено и масовно“.
Македонија
Герасимовски: Спроведуваме вонредна есенска дератизација на целата територија на Општина Центар
Службите на Општина Центар заедно со Институтот за јавно здравје Скопје, веќе 5 дена спроведуваат вонредна есенска дератизација, со која се опфатени 1.980 шахти, соопштија од Општина Центар.
Дератизацијата, како што е наведено во соопштението, се спроведува со цел уништување штетни глодари и превенција од заразни болести, како дел од мерките што општината ги презема за заштита на населението.
„Спроведуваме вонредна дератизација со цел да ги спречиме сите можностите од појава на зараза. Во услови на хаос во градот во однос на јавната хигиена, оваа акција е важен чекор за сузбивање на потенцијални извори на болести“ рече Герасимовски.
Општина Центар информира дека препаратот е специјално дизајниран за контрола на популацијата на глодари и е сертифициран од овластен производител, обезбедувајќи безбедност за другите животински видови.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, во наредните денови со повремени локални врнежи од дожд
Времето утре, променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во западните делови ќе има повремен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13, а максималната ќе достигне од 16 до 22 степена.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 20 степени.
Во наредните денови следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд.
Во петок и понеделник врнежите ќе бидат поројни со услови за појава на грмежи, а во понеделник наместа и пообилни. Ќе дува засилен, повремено силен ветер од јужен правец кој ќе надминува брзина од 70 km/h.

