Македонија
ДКСК: Државата оштетена за над 4 милиони евра откога „Пуцко петрол“ го присвоил конфискуваниот имот на „Трансмет“
Од антикорупциската комисија на денешната седница истакнаа дека мрежа испреплетена од голем број учесници потпомогнале во случајот со конфискација на имотот на „Трансмет“.
Дел од имотот, кој требало да биде конфискуван во случајот „Труст“, бил преземен од фирми и банки со што била направена штета од над 12 милиони евра, истакна членот на комисијата, Шемси Салаи.
Во шемата, како што беше појаснето од ДКСК, се офајдила фирмата „Пуцко петрол“, а опремата – движниот имот, најверојатно, е користен во правење профит за фирми семејно поврзани со осудениот во случајот „Труст“, Сеад Кочан.
Слабости, според Комисијата, биле утврдени уште на почетокот на процесот во СЈО, односно дел од имотот стекнат со кривични дела бил користен како гаранција за да не му биде определен притвор на сопственикот на „Трансмет“, Сеад Кочан.
Во случајот се спомнува и фирмата на Хана Јахоска, „Би холдинг“, како и фирмата „АД Астра“ на поранешниот директор на Шпаркасе банка, Сашо Боко.
ДКСК констатира дека фирмата „Би холдинг“ е роднински поврзана со „Пуцко петрол“ во сопственост на Асмир Јахоски.
Според ДКСК, над 12,4 милиони евра изнесува сумата од неспроведената конфискација.
Од Комисијата напоменаа дека некои од државните органи не презеле соодветни мерки и со тоа помагале во случајот „Труст“.
Според Салаи, отворено прашање е зошто правобранителството и Агенцијата за управување со одземен имот не поднеле никакви барања за да се надмине тој проблем.
„Произлегува сомнеж дека службени лица во Државно правобранителство и во Агенцијата за управување со одземен имот не ги презеле службените дејства, со што е овозможено преземање на имотот, а надлежните учествувале во изигрување на државата“, истакна Салаи.
Тој додаде дека се појавува и сомнеж зошто службени лица во Државното правобранителство, како што рече, не презеле дејства за конфискување на имотот на „Трансмет“, со што, според него, помогнале во изигрување на државата.
Мрежата, како што вели, била широка и опфаќала и нотари, ивршители и луѓе од други надлежни институции.
Нури Бајрами побара Комисијата да поднесе преставка и да се преиспита работата на судовите и на обвинителите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Началникот на Генералштабот на Армијата на состанок на Воениот комитет на НАТО
Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, генерал-мајор Сашко Лафчиски, на 21 и 22 јануари 2026 година ќе учествува на редовниот состанок на Воениот комитет на НАТО во формат на началници на Генералштабови од земјите членки на НАТО и партнерите.
На состанокот, со кој ќе претседава претседателот на Воениот комитет на НАТО, адмирал Џузепе Каво Драгоне, ќе учествуваат началниците на Генералштабовите на 32-те земји членки на НАТО, командантот на Врховната сојузничка команда за Европа (SACEUR), генералот Алексис Г. Гринкевич и командантот на Врховна сојузничката команда за трансформација (SACT), адмирал Пиер Вандие (Pierre Vandier). Началниците на Генералштабовите на сојузничките земји ќе се сретнат и со претставници од индо-пацифичките партнери на НАТО, Грузија и Украина.
Во рамки на првата сесија, генералот Гринкевич, ќе ги информира началниците на Генералштабовите за подготвеноста на НАТО во зајакнувањето на колективното одвраќање и одбраната на Алијансата, во услови на заеднички безбедносни предизвици.
Во втората сесија, командантот на Врховна сојузничката команда за трансформација ќе даде акцент на можноста како НАТО да го забрза процесот на испорака на соодветни капацитети преку поддршка на земјите членки во усвојувањето и имплементацијата на иновации во соодветен обем и со соодветна динамика.
Во формат на советот НАТО–Украина, началниците на Генералштабовите ќе дискутираат за безбедносната состојба во Украина и за континуираната поддршка на НАТО кон оваа земја, вклучително и за НАТО безбедносната помош и обука за Украина (NATO Security Assistance and Training for Ukraine – NSATU) и Заедничкиот центар за анализа, обука и едукација (Joint Analysis, Training and Education Centre). На оваа сесија е поканет да учествува и претседателот на Воениот комитет на Европската Унија.
Во продолжение на состанокот на Воениот комитет на НАТО, ќе се нагласи стратешката улога на партнерствата во справувањето со меѓусебно поврзаните и растечки глобални безбедносни предизвици, преку средби со претставници на индо-пацифичките партнери на НАТО и Грузија.
Генералот Лафчиски во оваа прилика ќе реализира и билатерална средба со началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Унгарија, генерал Габор Беренди, а ќе оствари и средба со припадниците на Армијата распоредени во Националното воено претставништво на Република Северна Македонија во НАТО штабот во Брисел, Кралството Белгија.
Македонија
„Воздухот што го дишеме е секој ден сè поопасен за животот“: „Стоп за Усје“ повторно излегува на улица
Од граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“, со најава дека во среда на 21.01.2026 во 18 часот, повторно излегуваат на улица затоа што, како што велат, воздухот што го дишеме е секој ден се поопасен за животот.
Според најавата датумот на протестот е во
„Листата на барања кои ги прочитавме на првата граѓанска блокада на 26.12.2025, ги доставивме до сите надлежни институции. Но, бидејќи Никој од нив не одговори Ништо, ниту пак не повикаа на разговор, повторно излегуваме на блокада, за да им покажеме дека ќе бидеме упорни се додека не ги исполнат нашите барања!
Или ќе излеземе сите – или ќе не снема еден по еден ! Излези, затоа што Воздухот нема да се исчисти сам!“
Со оваа порака, велат дека упатуваат јавен повик за мирна граѓанска блокада против загадувањето од индустрискиот капацитет Усје, како израз на револт и долгогодишна загриженост за здравјето на сите жители, а особено на децата.
„Усје сè уште одбива да се постават мерни станици кои ние граѓаните ќе ги следиме нон-стоп 24/7. Сè дотогаш нема да им веруваме на сите што тврдат дека Усје не загадува.
Оваа блокада произлегува од итното барање на граѓаните- Здравјето пред профитот!.
Бидејќи институциите не реагираат – ние граѓаните ќе мора повторно да го кренеме својот глас на блокадата.“
Локацијата на протестот, според најавеното ќе биде на раскрсницата на булеварот „Борис Трајковски“ и булеварот „Србија“ (правец кон Усје)
Македонија
Анел Фидоски нов шеф на скопското јавно обвинителство
На денешната седница на Советот на јавни обвинители, Анел Фидоски е избран за нов шеф на Основното јавно обвинителство Скопје.
Тој доби поддршка од седум членови на Советот, додека досегашниот раководител Гаврил Бубевски, кој конкурираше за нов мандат, освои пет гласа.
За функцијата беа пријавени пет кандидати. Освен Фидоски и Бубевски, кандидати беа и Тања Трајчевска, Дејан Петрески и Спасенка Андонова.

