Економија
„Алкалоид“ почна процес на целосна дигитализација и автоматизација на процесите во сегментот фармација преку имплементација на најсовремениот систем Manufacture Execution System – AlkaMES
АЛКАЛОИД започна процес на целосна АЛКАЛОИД АД Скопје, како глобална и иновативна компанија, континуирано ги следи светските достигнувања во развојот на фармацевтската индустрија.
Приспособувањето и искористувањето на иновативните технологии и прифаќањето на дигиталната трансформација се важен императив за да се биде во чекор со најновите трендови, како и заради нивна примена за унапредување и за усовршување на сите аспекти во работењето. АЛКАЛОИД започна со спроведување нов проект од стратешко значење во Профитниот центар Фармација, како носечки и стратешки столб на компанијата.
AlkaMES е суштински важен проект за управување со процесите, целосна дигитализација и автоматизација на производствените процеси со автоматско собирање податоци од производствената опрема и за функционирање без хартија, кој ќе се реализира во соработка со избраниот партнер ANTSolutions од Полска, компанија со големо искуство со системите за автоматизација и со повеќе од 600 имплементации во 35 земји, која функционира повеќе од 17 години и на повеќе континенти. Како исклучителна алатка за подобрување на резултатите во работењето, овој систем (софтвер и хардвер) има цел целосна дигитализација на производствениот процес преку надградба и интеграција на постојното функционирање, автоматизација на производствените процеси и опрема, примена на нови модули (со опфат и на Room Management, Container Management, Resource Management), интегрирање со постојните системи AlkaSAP ERP, AlkaT&T (Track&Trace) и BMS (Building Management System), AlkaMOS (Maintenannce Operating System) и AlkaOEE (Overal Equipment Effectiveness), надградба на системот за планирање, како и целосно електронско управување со отстапувања и со девијации во производството.
Покрај тоа, AlkaMES значително ќе ја подобри севкупната ефикасност, овозможувајќи заштеда на вредни ресурси и на време при собирањето податоци, следење и контрола на процесите во реално време и донесување правилни и навремени одлуки врз основа на точни и на ажурирани информации. Од план до реализација на овој голем проект, процесите на спроведување се соодветно регулирани, имајќи предвид дека системот е во целосна согласност со највисоките фармацевтски стандарди, обезбедувајќи стабилност, безбедност и контролиран пристап. На почетниот состанок, одржан на 18 јули 2023 г., беше најавен официјалниот почеток на проектот AlkaMES (Alkaloid Manufacturing Execution System), кој е во вредност од над милион евра. Генералниот директор и Претседател на УО на АЛКАЛОИД АД Скопје, г. Живко Мукаетов, со своето обраќање официјално го означи почетокот на проектот, истакнувајќи ги главните придобивки и цели на проектот и поздравувајќи го проектниот тим, кој е составен од преку 80 члена, претставници на АЛКАЛОИД и на партнерската компанија, поделени во девет тима, кои се врвни експерти, докажано искусни и посветени професионалци во својата професија.
Според временската рамка, пилот-проектот ќе се реализира до крајот на првиот квартал од 2024 г., а целосниот проект ќе заврши во првиот квартал од 2025 г. Со секој проект и со секоја активност АЛКАЛОИД постојано оди чекор натаму, секогаш залагајќи се за постојано усовршување и за подигнување на стандардите за квалитет и за примена на иновации во работењето, а самото тоа е доказ дека понудата на производи со врвен квалитет за крајните корисници и грижата за здравјето на луѓето се најголем приоритет за компанијата.
(ПР)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Средба Муцунски – Aзески: Фокус на извозот и економската дипломатија
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работна средба со претставници на Стопанската комора на Северна Македонија, предводени од претседателот Бранко Азески.
На средбата беа разгледани иницијативи и конкретни форми на поддршка за извозно ориентираните компании, вклучително и организација на тематски посети со активно учество на деловната заедница, унапредување на комуникацијата со дипломатско-конзуларните претставништва, како и промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор во државата.
Министерот Муцунски нагласи дека целта на овие средби е директно да се слушнат ставовите и размислувањата на коморите, како и да се добијат конкретни иницијативи за поддршка на компаниите, зајакнување на економската дипломатија и унапредување на извозот, што директно придонесува кон зајакнување на економијата и забрзување на економскиот развој.
Беше потврдена одличната досегашна соработка и изразено заемно задоволство од постигнатите резултати, при што се разговараше и за нејзино натамошно продлабочување, со цел обезбедување конкретни придобивки за компаниите и позитивно влијание врз вкупниот економски развој на државата.
Нагласувајќи ја важноста на дипломатско-конзуларните претставништва и на дипломатската мрежа во целост, претседателот на Стопанската комора истакна дека иницијативите за зајакнување на економската дипломатија доаѓаат во вистински момент, во насока на поддршка на стопанството и економското закрепнување.
На средбата беа разгледани и конкретни иницијативи и настани планирани за наредниот период, како можности за понатамошна соработка помеѓу Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и Стопанската комора.
Економија
Мој ДДВ не се укинува – налозите за исплата во февруари се подготвуваат, извести УЈП
Управата за јавни приходи ги демантира написите во дел од медиумите дека се укинува мерката „МојДДВ“.
„Јасно и недвосмислено истакнуваме дека не постои одлука за укинување на „МојДДВ“ – мерката се спроведува континуирано, а сите граѓани можат да ја користат апликацијата и да ги остваруваат своите права согласно законските одредби. За спроведување на мерката „МојДДВ“ се предвидени средства во Буџетот за 2026 година, со што се обезбедува нејзино непречено и континуирано спроведување“, велат од УЈП.
Во текот на 2025 година за редовна исплата исплатени се 3.458.885.995 денари, што е 56,2 милиони евра средства вратени на сметките на граѓаните по основ на „МојДДВ“.
Гледано по квартали, повратот на средства преку „МојДДВ“ во текот на 2025 година е следен:
•За К4 2024 година (исплата во февруари 2025) исплатени се 870.329.146 денари за 496.442 корисници;
•За К1 2025 година исплатени се 784.442.146 денари за 491.770 корисници;
•За К2 2025 година исплатени се 882.137.038 денари за 503.655 корисници;
•За К3 2025 година исплатени се 921.977.665 денари за 515.182 корисници;
•За К4 2025 година налозите се во обработка и согласно законските одредби исплатата на средства е предвидена за февруари 2026 година.
Во текот на 2025 година беа извршени и дополнителни исплати (од изминатите години) кон корисниците кои немале точни податоци во периодот кога биле редовните исплати:
•За скенирани сметки во 2020 година исплатени се 2.658.049 денари;
•За скенирани сметки во 2023 година исплатени се 7.552.401 денари;
•За сметки скенирани во 2024 година исплатени се 4.076.525 денари.
На сметките на граѓаните во 2025 година по основ на редовна и дополнителна исплата на средства преку „МојДДВ“, исплатени се вкупно 3.473.172.970 денари или 56,4 милиони евра.
УЈП ги известува граѓаните дека веќе ги подготвува налозите за исплата на средства за скенирани сметки во последниот квартал од 2025 година, која треба да се реализира во февруари 2026 година.
„Апелираме граѓаните да не потпаѓаат под шпекулации и да ги следат исклучиво официјалните информации и соопштенија на Управата за јавни приходи. Истовремено, УЈП ја информира јавноста дека апликацијата „Мој ДДВ“ функционира редовно. Во рамки на тековните технички подобрувања на системот, можно е повремено забавување при најавување на апликацијата од страна на корисниците или при вчитување на фискалните сметки. Овие појави се привремени, а надлежните технички служби континуирано работат на нивно отстранување, со цел да се обезбеди подобро корисничко искуство. Со ова уште еднаш потврдуваме дека апликацијата „Мој ДДВ“ останува во функција и не се разгледува нејзино укинување“, се додава во соопштението на УЈП.
Економија
Малите и средни претпријатија се ’рбетот на економијата – претставена Националната стратегија за МСП 2025–2030
Министерството за економија и труд денес ја презентираше Националната стратегија за мали и средни претпријатија 2025–2030, стратешки документ кој ја дефинира насоката за развој, конкурентност и отпорност на малите и средни претпријатија во Република Северна Македонија во наредните години.
Малите и средни претпријатија претставуваат ’рбет на националната економија, сочинувајќи околу 99 проценти од вкупниот број претпријатија и обезбедувајќи егзистенција за речиси три четвртини од вработените. Тие имаат клучна улога во економскиот раст, иновациите и социјалната стабилност на државата.
На настанот, министерот за економија и труд Бесар Дурмиши истакна дека Стратегијата е повеќе од формален документ и дека таа претставува јасна определба за поддршка на домашните претприемачи.
„Малите и средни претпријатија не се само дел од нашата економија – тие се нашата економија. Секој нивен успех значи посигурна иднина за едно семејство и посилна држава. Со Стратегијата за МСП 2025–2030 создаваме услови тие да бидат лидери на промените, а не нивни следбеници,“ истакна министерот.

