Македонија
Тримчевска: Булеварот Васко Карангелевски, наместо модерна сообраќајница, е потсетник за неспособноста на Арсовска
„Во моментот се наоѓаме на булеварот Васко Карангелевски, инфраструктурен споменик на нереализирани ветувања и една од најважните сообраќајници, кој поминува низ општината Аеродром. Ова е еден од најкратките булевари во градот, но и булевар со рекордно најдолго време на реконструкција досега. Две години ние жителите на Аеродром секојдневно поминуваме во дупки, ги кршиме и оштетуваме нашите автомобили, а возачите и граѓаните, кои живеат во овој дел од општината, се задушуваат во прашината“, вели Милка Тримчевска, советник во Советот на Општина Аеродром.
„Булеварот Васко Карангелевски, денеска, наместо модерна сообраќајница, е само уште еден потсетник кој сведочи за неспособноста и неодговорноста на Данела Арсовска. Секое утро, додека жителите сообраќаат на оваа фреквентна општинска локација, имаат можност на дело да се потсетат и уверат за фактот дека Арсовска не работи ништо, на леснотијата со која таа ги почнува и не ги завршува проектите, а на уште едно во редот дадени и неисполнети ветувања пред скопјани.
Булеварот Васко Карангелевски или по ново булеварот сведок на неодговорноста на Арсовска е еден од малкуте проекти што таа ги почна во својот мандат. Денес, речиси две години подоцна тој е симбол на блеф, лажни ветувања и уште една потврда за немањето менаџерски капацитет за водење на Градот Скопје и градските институции“, изјави Милка Тримчевска, советник во Советот на Општина Аеродром.
„По хаосот во јавниот превоз, чистењето на отпадот, ние жителите на Аеродром сме сведоци за уште еден, овој пат инфраструктурен и урбанистички хаос, создаден токму од градоначалничката Арсовска. И доколку на вага се стават реализираните проекти наспроти креираните кризи во градот, со сигурност ќе натежне негативниот аспект од владеењето на Арсовска, владеење од кое последиците ги трпат жителите на Аеродром и на градот Скопје.
Инфраструктурните проекти, модерните улици и булевари се реалност насекаде во Европа. Подобрување на локалниот транспорт, локалниот економски развој и подигнувањето на безбедноста се проекти со кои се гордеат успешните градоначалници. Но, за да бидеш успешен, неопходно е политиката, политичките пресметки и егото да го тргнеш на страна и во прв план да се стават потребите интересите на граѓаните. Денес, од тука, во мое име и во име на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Аеродром, ја повикувам градоначалничката Арсовска да ги тргне настрана личните, дневнополитичките и фамилијарните бизнис-интерес и овој проект да го заврши што побргу. На повеќе од 40 степени најмалку што заслужуваме ние граѓаните на Аеродром е секојдневно да дишеме прашина и да возиме по недовршен булевар, а со тоа и да трпиме материјални оштетувања како резултат на суетата, неодговорноста и неработењето на Арсовска.
Аеродром и Скопје заслужуваат нови улици и булевари, такви какви што ѝ прилегаат на една метропола. Ние граѓаните на Аеродром бараме од Арсовска, по две години мандат, конечно, сериозно да ги сфати функцијата и довербата добиени од граѓаните и да почне да ги реализира ветените проекти. Скопјани заслужуваат модерен град и градоначалник кој ќе работи чесно, одговорно, решавајќи ги проблемите на граѓаните“, додаде Милка Тримчевска, советник во Советот на Општина Аеродром.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши и Бегај од Скопје порачаа: Заеднички кон ЕУ и подлабока регионална соработка
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнат и унапредат. На меѓународен план, двете држави имаат исти цели и интереси, а тоа се членството во Европската унија, меѓусебната поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Тој изрази очекување и надеж дека двете држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, бидејќи тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот на Западен Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатералните парламентарни односи, претседателот Гаши истакна дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат речиси секоја година.
Претседателот Бегај истакна дека Република Северна Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и претставуваат пример за соработка во регионот. Тој посочи дека е унапредена соработката во многу сфери од заеднички интерес, што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Останува определбата за уште поголема соработка, особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста и улогата на Македонците и Албанците кои живеат во двете земји и претставуваат мост за градење стабилни и пријателски односи. Патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.
Македонија
Движење ЗНАМ: Иницираме кратење на пратеничкиот состав од 120 на 90 во новото решение на Изборниот Законик
Потпретседателката на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, ја потврди заложбата на Движењето во однос на неопходноста од суштински и системски измени на изборниот модел во Република Македонија.
„Заложбите на Движење ЗНАМ се за воведување на една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, со што ќе се овозможи правична застапеност и на помалите политички субјекти и независните пратенички листи. Што всушност беше и барање во одлуката на Уставниот суд.“ – истакна Бендевска.
Дополнително, таа нагласи дека цврст став на Движењето е намалување на бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што, како што посочи, ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата.
„Го афирмирам односно реафирмирам ставот на Движење ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници на 90 со што ќе се придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки и ќе значи значителна придобивка за Буџетот на државата. Воедно, ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, кое ќе биде во служба на побрз, поквалитетен и посериозен законодавен процес.“ – потенцираше потпретседателката.
Во однос на гласањето на дијаспората, таа потсети дека воведувањето на ваквиот модел беше проследено со зголемување на бројот на пратеници на 123, што, како што нагласи, отвори низа прашања за финансиската оправданост и ефикасноста на изборниот процес во странство.
„Сведоци сме колку чини изборната постапка која подразбира испраќање избирачки одбори во дијаспората, при што бројот на гласачи во повеќе случаи не соодветствуваше со првичната намера и очекувањата.“ – изјави Бендевска.
ЗНАМ додава дека ќе продолжи да се залага за изборен модел што гарантира еднаква вредност на секој глас и институции што работат ефикасно, транспарентно и во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.

