Култура
Отворен филмскиот фестивал „Преку езерото“ во Дојран
Со српскиот филм „Летото кога научив да летам“ на Радивоје Андриќ од Србија се отвори неофицијалната програма на фестивалот на медитеранскиот и балканскиот филм „Преку езерото“ во Дојран.
Станува збор за семејна приказна видена низ очите на едно девојче. Таа го истражува тој особено интересен момент од животот кога детството завршува и почнуваат новите возбудливи времиња.
Како дел од првата фестивалска вечер, актерката Елена Трајковска имаше кратко едукативно шоу за децата за филмот како медиум. А најмалите уживаа и во детска анимирана фестивалска програма.

Специјалната програма на „Преку езерото“ оваа година во фокус ги има српскиот современ филм и кинематографија. Србија е земјата од каде што почнуваат тенденциите во балканскиот и медитеранскиот филм.
„Српските филмаџии се храброста во светот на филмот. Филмските слики што доаѓаат од Дунав секогаш се влеваат во Црното Море, а оттаму во Средоземното Море и стануваат бран што ги поплавува сите медитерански филмаџии и љубители на филмот. Во ова специјална селекција ќе видиме три нови српски филма. Првиот филм е за деца и млади, вториот за возрасни, а третиот за сите Балканци и Медитеранци, кои ќе уживаат во љубовна драма од минатото“, информираат организаторите.
Целиот концепт на „Преку езерото“ е на филмскиот режисер и продуцент Јани Бојаџи.
Фестивалот продолжува и следните денови, до 23 јули, со селекција на најдобрите филмски остварувања во светот на подвижните слики на Балканот и Медитеранот од срцето на Европа.
Вечерва, во 20.30 часот, проекција ќе има филмот „Името на народот“, на српскиот режисер Дарко Баиќ. Филмот го следи животот на српскиот патриот и интелектуалец Светозар Милетиќ и неговото семејство за време на борбата за ослободување на српскиот народ од австроунгарското угнетување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

