Македонија
ВМРО-ДПМНЕ до Ковачевски: Каква е поврзаноста на СДС и ДУИ со фирмата што заврши на црната листа, а која направила софтвер за следење на граѓаните

„СДС и ДУИ се должни да дадат одговор во јавноста за тоа каква е нивната поврзаност со израелско-македонската фирма која работела на шпионскиот софтвер Предатор“, бара ВМРО-ДПМНЕ.
Оваа фирма САД ја стави на црната листа. Станува збор за фирмата Сајтрокс, која во Скопје го развивала шпионскиот софтвер Предатор.
„За истиот канадската универзитетска организација Ситизен Лаб откри дека се користел за незаконско следење на граѓани. Причина фирмата да биде на црната листа како што наведуваат од САД е нарушување на сајбер-безбедноста. Според САД фирмата користела софтвер за да добие пристап до информациски системи, а со тоа ја нарушувала безбедноста на поединци и организации ширум светот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Информација дека Македонија има купено софтвер за шпионажа Предатор објавија и грчки истражувачи. Од Димитар Ковачевски немаше никаква реакција. Оттука се појавуваат низа на дилеми и прашања“, се наведува во соопштението на опозициската партија.
„Јавноста мора да добие одговори на следните прашања, прво зошто јавното обвинителство молчи за овој скандал, второ, зошто Ковачевски молчи за шпионскиот софтвер, трето, дали Ковачевски можеби дал зелено светло за овој софтвер користен за следење на граѓаните?“, прашува ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Променливо облачно со локални врнежи од дожд, особено претпладне

Времето денеска променливо облачно со локални врнежи од дожд, наместа поројни, проследени со појава на грмежи, особено претпладне. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 14, а максималната ќе достигне од 18 до 24 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд и грмежи, особено претпладне. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне до 23 степени.
Во деновите од викендот времето ќе биде стабилно, сончево и топло со мала до умерена облачност. Од почетокот на следната седмица повторно ќе настапи дестабилизирање на времето со локални врнежи од дожд и појава на грмежи.
Македонија
Без струја дел од општина Аеродром

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците од булеварот Видое Смилевски Бато, делот кај што се вкрстува Февруарски Поход спроти Рамстор Ново Лисиче, во општина Аеродром.
Македонија
Крадци корнат бисти од гробишта – по Бутел, бронзена биста украдена и во Ѓорче

Нов случај со кражба на бронзена биста од гробишта бил регистриран во полицијата во текот на вчерашниот ден.
Скопјанка пријавила попладнето дека од гробиштата во Ѓорче Петров со употреба на физичка сила била одземена една бронзена биста.
Само два дена претходно, истото се случи и на гробиштата во Бутел. Тогаш од МВР информираа дека со употреба на физичка сила и подесен алат биле одземени три бронзени бисти.
„Макфакс“ претходно објави и дека во текот на минатата седмица беше откорнатата плоча од споменикот на децата бегалци во паркот „Жена борец“ во Скопје. Украден е релјефот од бакар, мотив на мајка со три деца, прицврстен на постаментот, отстранети се и бронзените букви од натписот „Татковината – копнеж на прогонетите“
Од МВР велат дека се работи на расчистување на случаите.