Македонија
Бурни реакции откога деца од Битола беа носени во Бугарија на средби со политичари, а МВР го извести Обвинителството
Mинистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски објави дека полицијата доставила известување до Јавното Обвинителство за „Мал битолски Монмартр“, односно за носењето деца на средби кај бугарски политичари, меѓу кои претседателот Румен Радев и царот Симеон Втори.
Известувањето е по допрен глас, а против раководството на „Мал битолски Монмартр“. Станува збор за културна установа, која носеше деца во посета во Бугарија и на средби со бугарските политичари.
За случајот реагира и Детската амбасада „Меѓаши“
Тимот на Првата детска амбасада за ваквата состојба со децата од „Монмартр“ јавно го повикува ОЈО да постапува наведувајќи каде е прекршено правото на детето.
„За жал, наместо децата да се третираат сериозно, тука се користат како инструмент за политички цели, со изговор за развивање добрососедски односи. Го повикуваме Основното јавно обвинителство (ОЈО) да преземе соодветни мерки, особено поради инволвирање на децата од Македонија во политички кампањи во друга земја и неколкукратно прекршување на правата на децата во согласност со Конвенцијата за правата на детето и член 12 став 4 од Законот за заштита на децата: ‘Се забранува злоупотреба на децата поради политичко или верско организирање и дејствување’“, порачуваат од „Меѓаши“.
Реагираа и поранешните бугарски функционери
Поранешната шефица на бугарската дипломатија и актуелна пратеничка, Екатерина Захариева, вели дека е достигнато ново најниско ниво:
„Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ѝ нареди на полицијата да почне предистражна постапка против наставник затоа што носеше деца да се фотографираат во Бугарија – пред Народниот театар и во Пловдив, а потоа ги посети бугарскиот парламент и претседателството“, објави Захариева на социјалните мрежи.
Слично, се побуни и поранешниот министер за одбрана, Красимир Каракачанов.
„Македонското МВР поведе постапка против раководството на ‘Малиот битолски Монмартр’ за тоа што културната установа однела деца во Бугарија и се сретнале со бугарски политичари, дури и со претседателот. Наместо да ги поздрави културната размена, блиските врски и заедничките иницијативи, македонското МВР се жали во медиумите дека децата учесници на културната манифестација се фотографирале со бугарски политичари“, вели Каракачанов.
И лани истото ликовно студио, во рамките на проектот ,,Од двете страни на границата“, однесе деца од Битола на средби со царот Симеон Втори по што положија венец на гробот на цар Борис Трети во име на Фондацијата „Бугарска меморија“.
Зад оваа посета на деца во Бугарија беше контроверзниот бугарски бизнисмен Милен Врабевски, кој стоеше и зад отворањето на клубовите ,,Иван Михајлов“ во Битола и „Цар Борис Трети“ во Охрид.
Како што тогаш објави бугарска БТА, Фондацијата „Бугарска меморија“, на чие чело е Врабевски, почнува со кампања. Во рамките на кампањата Фондацијата ќе го претставела својот модел за подобрување на односите помеѓу Македонија и Бугарија, односно бизнисменот ќе го финансирал петдневниот престој во Бугарија на ученици од битолското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Шалтерите на скопски „Водовод“нема да работат за време на празникот
ЈП Водовод и канализација – Скопје ги известува граѓаните на град Скопје дека на ден 08.12.2025 година (понеделник), по повод државниот празник – Денот на Св. Климент Охридски, шалтерите за наплата, шалтерите за рекламации и операторите во Дирекцијата на претпријатието нема да работат.
На 09.12.2025 година (вторник) се продолжува со редовно работно време.
Македонија
Нова група 48 американски волонтери на Мировниот корпус ќе биде ангажирана во училишта во Македонија
Нова група 48 американски волонтери на Мировниот корпус во следните две години ќе биде ангажирана во училишта во Македонија и ќе помага за јакнење на јазичните вештини на учениците и за развојот на поинклузивна училишна средина.
Волонтерите денес дадоа свечена заклетва во присуство на претседателката на државата, Гордана Сиљановска Давкова, министрите за образование и наука и за локална самоуправа, Весна Јаневска и Златко Перински, американската амбасадорка Анџела Агелер, директорот на Мировниот корпус, Дејвид Рисајд, повеќе градоначалници и училишни директори.
Посакувајќи им успешен почеток, министерката Јаневска рече дека новата група ќе биде големо засилување на веќе ангажираните 52 американски волонтери во образовните установи во Македонија.
„Вашето присуство не е само симбол на волонтерство, туку и сведоштво за желбата за градење мостови меѓу луѓето. Сакам да нагласам дека вашиот ангажман нема да се ограничи само на унапредување на јазичните вештини или на создавање поинклузивна училишна средина. Вие ќе придонесете за нешто многу поголемо, за зајакнување на партнерството меѓу нашите држави, градење взаемна доверба, разбирање и посилно пријателство меѓу нашите народи“, рече Јаневска.
Волонтерите ќе бидат ангажирани во 20 основни училишта, 5 средни училишта, 2 ресурсни центри за ученици со посебни образовни потреби, едно училиште за лица со оштетен вид и една градинка. Јаневска е сигурна дека тие ќе остават трага во заедниците во кои ќе живеат и работат, но и дека многумина од нив ќе се вратат дома со, како што рече, дел од Македонија во срцето.
„Ние одамна сме научиле дека вистинските пријателства се градат со доверба, соработка и искрено почитување. Оддаваме посебна чест на американскиот народ и на Соединетите Американски Држави, кои повеќе од 30 години се наш стратешки партнер во стремежот кон изградба на понапредна, поцврста и пообединета држава. Поддршката која ја добиваме останува значајна за развој и модернизација на нашето општество, и за тоа упатувам длабока и искрена благодарност“, рече Јаневска.
Соработката на Македонија со Мировниот корпус датира од 1996 година, кога беше воспоставен првиот Проект за унапредување на наставата по англиски јазик преку договор меѓу двете влади.
Мировниот Корпус е американска невладина организација посветена на светскиот мир и дружење. Организацијата работи преку волонтери кои две години живеат и работат во локалните заедници. Основана е во 1961 година од страна на претседателот Џон Ф. Кенеди
Македонија
Ѓорѓиевски на Светскиот ден на волонтерството: И оваа година Град Скопје стои рамо до рамо со волонтерите како поддржувач во создавањето поодговорно, похумано и посолидарно општество
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денес се приклучи на активностите по повод Светскиот ден на волонтерството, заедно со претседателот на Советот на Град Скопје, Даме Димитровски. Во соработка со Црвениот крст на Република Македонија–Црвен крст на Град Скопје, тие учествуваат во низа хуманитарни и социјални активности насочени кон поддршка на најранливите категории граѓани.
„Денес, на Светскиот ден на волонтерството, со гордост се приклучувам како волонтер во активностите на Црвениот крст.
Овој ден е силен потсетник за важноста на волонтерството, но и повик до институциите и граѓаните да ги поддржат волонтерските организации и нивната хумана мисија.
Токму затоа, денес заедно со претседателот на Советот на Град Скопје, Даме Димитровски, се приклучуваме на активностите организирани од Црвениот крст на Република Македонија – Црвен крст на Град Скопје.
Заедно со група пратеници од Собранието на Република Македонија, ќе учествуваме во хуманитарни и социјални активности низ градот, посветени на оние кои најмногу имаат потреба од наша поддршка.
Овој чекор е јасен показател за институционалната поддршка која волонтерството ја заслужува, една од темелните вредности на Црвениот крст и клучен двигател за создавање посилни, похумани и поотпорни заедници“.
Преку активности за поддршка на стари и изнемоштени лица, додаде тој, помош за ранливи категории како бездомните и лицата со попреченост, како и преку учество во хуманитарни иницијативи, испраќаме порака дека волонтерството е чест и привилегија.
„И оваа година, Град Скопје стои рамо до рамо со волонтерите како поддржувач, сојузник и активен учесник во создавањето на поодговорно, похумано и посолидарно општество“.

