Македонија
Стефан Мелник победник на квалификациските турнири во финалето на Државното првенство во шах за слепи и слабовидни лица

Младиот Стефан Мелник, член на Шаховскиот клуб „Алкалоид“, со неочекувано голем успех го заокружи настапот на Државното првенство за слабовидни лица, кое беше организирано во Струга и кое заврши на 20 јули.
Стефан низ квалификациите со сигурна игра се пласираше во финалето за 2023 година, откако на Градското првенство на Скопје го освои првото место со 4,5 поени (од 5 партии), а потоа настапи и на полуфиналниот турнир, при што повторно го освои првото место со 8 поени (од 9 партии).
Со само 15 години се пласираше на финалниот турнир во сениорска конкуренција, на кој учествуваат десетте најдобри слабовидни шахисти во државава (шесте најдобропласирани играчи од минатото првенство и четворица играчи преку квалификации). Победник на финалниот турнир и шампион за 2023 година, со 7 поени од 9 партии, е Селковски Жарко, додека, пак, Стефан, со освоени 4,5 поени, се избори за шестото место, кое за идната година му обезбеди директен пласман на завршниот турнир.
– Задоволен сум од пласманот на шестото место за 2023 година, иако, искрено, посакував повеќе и мислам дека можев да бидам барем за некое место подобар. Сепак, во одредени партии направив мали грешки, за кои ќе се трудам во иднина да не ги повторам. Државното првенство за слепи и слабовидни лица е силен, респектабилен турнир и се надевам дека не само што во иднина ќе играм со најдобрите туку и дека ќе се наметнам кај селекторот ВМ Трајко Недев, бидејќи за мене тоа ќе биде остварување на сонот да играм за шаховската репрезентација на Македонија – изјави овој наш мошне млад и надежен шахист.
Стефан имаше значаен подем во светот на шахот откако започна активно да настапува на турнирите во текот на 2022 година, а од есента ги посетува и часовите во Шаховскиот клуб „Алкалоид“ во напредната група, која ја води велемајсторот Драгољуб Јаќимовиќ.
Оваа година, исто така, настапи на неколку шаховски натпреварувања борејќи се рамноправно со сите други учесници шахисти. Вредно е да се спомене и освоеното седмо место на Државното јуниорско првенство во категоријата до 16 години, со што се етаблира како потенцијал од кој во иднина може да се очекува уште повеќе.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Андоновски: Дигиталните реформи се двигател на подобри услуги и помалку бирократија за граѓаните

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска изрази благодарност и гордост што Република Македонија беше домаќин на Дигиталниот самит на Западен Балкан, значаен настан кој ја позиционира државата и градот Скопје како клучен регионален центар за дигитални иновации.
„Со одржувањето на овој Самит, кој свечено го отвори претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, ја испраќаме јасната порака дека Македонија е подготвена да ја предводи дигиталната трансформација во регионот. Секоја дигитална реформа што ја спроведуваме е насочена кон граѓаните – кон побрзи, поефикасни услуги, кон намалување на бирократијата и создавање нови можности“, изјави Андоновски.
Тој посочи дека дигитализацијата не е само технолошка промена, туку суштинска трансформација која има директно влијание врз квалитетот на животот – за граѓаните кои бараат подобар пристап до јавни услуги, за семејствата на кои им е потребен поквалитетен здравствен и образовен систем, за компаниите кои сакаат полесно деловно работење и за младите кои ја гледаат својата иднина тука, во регионот.
Како дел од своето обраќање, министерот ја претстави и иницијативата за проширување на моделот „роаминг како дома“ кон Европската Унија – чекор кој, како што рече, ќе значи реално намалување на трошоците за комуникација и подобра дигитална поврзаност на граѓаните со Европа.
„Голема благодарност до сите кои придонесоа овој настан да биде организиран на највисоко ниво. Тимот на Министерството за дигитална трансформација вложи исклучителен труд за достојно претставување на државата и нашата визија за дигитална иднина“, истакна Андоновски во своето официјално обраќање.
Македонија
(Видео) Костова: Бројот на работници во индустријата намален за 2,6 процента, лоши политики на Мицкоски и ДПМНЕ

Во кругот фабрики во Штип, пред само неколку дена ѝ беше ставен клуч на уште една фабрика, чии работници останаа без плата, без здравствено и пензиско осигурување, без социјална безбедност.
Со Мицкоски и ДПМНЕ, фабричките погони се празнат и затвораат, работниците остануваат на улица, вели Кристина Костова, потпретседателкта на СДСМ.
„Индустриското производство паѓа, а за една година бројот на работници во индустријата е намален за 2,6 проценти. Ова е резултатот на лошите економски политики на Владата на Мицкоски и ДПМНЕ. Со овој податок јасно се потврдува дека и индустријата е во лоша состојба. Најсилен удар има во преработувачката индустрија, пад од 2,7 проценти, во рударството пад од 1,7, во енергетиката пад од 0,6. Странските инвестиции се преполовени за само една година.
Од јануари до август падот на бројноста изнесува 3,8 проценти“.
Овој пад, според неа е директен резултат на лошите економски политики на Владата на Христијан Мицкоски и ДПМНЕ.
Оценува дека без план за индустријата, без предвидливост и без сериозна поддршка за инвестициите и индустријата, економијата и натаму ќе биде во ризик.
Но, ова, според неа, не е единствен проблем во економијата.
„Нема реално зголемување на платите. На хартија нешто се менува, ама во паричникот ништо. Инфлацијата го јаде секој денар, стандардот паѓа, кошницата поскапува, а Владата не убедува дека сме биле четврта или шеста економија во Европа. Нема контрола на цените. Основните продукти се недостапни за илјадници семејства, маржите не се контролирани, инспекциите молчат. Економијата стагнира. Падот кај капиталните производи е 7,1 процент, што значи стопирани инвестиции и одложени набавки на машини. Тоа е јасен знак дека индустријата нема доверба во насоката на Владата. Енергетската политика е хаотична. Сметките за струја останаа високи, договорите непредвидливи, компаниите ја губат конкурентноста. Во вакви услови нема нови работни места, има само отпуштања“.
Како што вели таа аминистрацијата е партизирана, процедурите се бавни, повратот на ДДВ касни, извозниците чекаат. Кога државата кочи, економијата не може да оди напред.
Порача дека ова е владин неуспех.
СДСМ, подвлече таа, бара веднаш, план за стабилизирање на индустријата и стандардот. „Итни мерки за предвидливи енергетски договори за индустријата, зајакната контрола на цените во основната кошница, реален социјален дијалог за плати што ќе ја победат инфлацијата, деблокада на капиталните инвестиции и партнерство со извозниците“.
Македонија
Муцунски – Странд: посочена важноста од поголема динамика во процесот на интеграцијата на земјите од регионот во ЕУ

Денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со Јоаким Странд, министер за европски прашања и државно сопствеништво на Финска, кој престојува во работна посета на земјава.
Разговорите беа посветени на актуелните европски и регионални прашања, со посебен акцент на политиката на проширување на Европската унија и перспективите во пристапниот процес. Министерот Муцунски ја реафирмираше цврстата посветеност за забрзување на евроинтегративниот процес со цел полноправно членство во ЕУ, во согласност со воспоставените критериуми и стандарди. Тој истакна дека државата останува доследен и кредибилен партнер на ЕУ, кој континуирано работи на спроведување на реформите и активно придонесува кон регионалната стабилност и соработка.
Муцунски посочи и на важноста од поголема предвидливост и динамика во процесот на интеграција на земјите од регионот во ЕУ, изразувајќи благодарност за континуираната и принципиелна поддршка од страна на Финска.
Двајцата министри разговараа и за билатералните односи, потврдувајќи ја заедничката заложба за нивно натамошно продлабочување и унапредување на соработката во сите области од заемен интерес.