Регион
Курти тврди: Ги исполнивме условите за членство во Советот на Европа, приемот почна
Косовскиот премиер Аљбин Курти изјави дека ги исполниле условите за членство во Советот на Европа и дека суштинската фаза од процесот на прием е веќе почната.
„Денеска заедно го отвораме првиот состанок на координативната група за членство на Косово во Советот на Европа. Косово, изградено на вредностите на Советот на Европа, природно има свое место во оваа организација“, изјави Курти.
„Косово ги исполни и законските барања и стандардите… Сега кога процесот помина во парламентот, слободно можеме да кажеме дека почнува суштинската фаза на процесот“, рече Курти на состанокот на меѓуинституционалната работна група.
Министерката за надворешни работи, Доника Грвала, изјави дека Приштина требало да влезе во Советот уште пред многу години.
„Сега, кога помина првата фаза, сè ќе зависи од добрата координација на оваа група… Темпото на членство во Советот на Европа ќе зависи и од вашата координација… Косово требаше да влезе во Советот на Европа пред многу години“, нагласи Гервала, а пренесуваат медиумите во Приштина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
14 мигранти загинаа во судир со брод на крајбрежната стража кај Грција
14 мигранти загинаа во Егејското Море откако нивниот брод се судри со брод на крајбрежната стража кај грчкиот остров Хиос, соопшти крајбрежната стража. Службеник на крајбрежната стража изјави дека го забележале бродот што превезувал мигранти кон грчкиот остров Хиос и им наредил да се вратат назад.
„Шверцерите маневрирале кон бродот на крајбрежната стража, предизвикувајќи го судирот“, изјавил службеникот за Ројтерс. Ројтерс не можел независно да потврди точно како се случил судирот. Двајца припадници на грчката крајбрежна стража биле однесени во болница на Хиос, заедно со 25 спасени мигранти, според првичните информации од крајбрежната стража, објави АФП.
Меѓу повредените се бремена жена и седум деца, објавија грчкиот јавен радиодифузен сервис ЕРТ и новинската агенција АНА. Крајбрежната стража соопшти дека е во тек операција за пребарување и спасување, со помош на бродови на крајбрежната стража, приватни чамци и нуркачи.
Регион
Автобус изгоре на автопат кај Солун, патниците навреме евакуирани
Пожар избувна рано утринава во градски автобус што сообраќал на линија во предградието Синдос во Солун, во северна Грција, јавува „Катимерини“.
Пожарот настанал додека автобусот се движел по автопатот Патра–Атина–Солун–Евзони. Сите тројца патници и возачот навреме го напуштиле возилото, додека автобусот целосно бил уништен од огнот.
Противпожарната служба интервенирала за гаснење на пожарот и спроведува истрага за причините за инцидентот.
Фото: илустрација (Depositphotos)
Регион
Бомба фрлена врз куќата на Здравко Чолиќ во Белград
Доцна синоќа беше фрлена бомба врз куќата на пејачот Здравко Чолиќ во белградската населба Дедиње.
Полицијата и дежурниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград се на местото на настанот, а истрагата е во тек, пренесуваат медиумите во регионот.
Деталите, според написите, засега не се познати, но според извештаите никој не е повреден во експлозијата, но е причинета голема материјална штета, пишува „Телеграф“.
Пејачот бил во куќата
Полицијата веднаш ги блокирала приодите кон куќата по приемот на пријавата.
Припадници на Министерството за внатрешни работи спроведуваат истрага, а форензички експерти собираат докази и ги прегледуваат снимките од безбедносните камери за да го идентификуваат сторителот, пишува медиумот.
Во моментот кога била фрлена бомбата, Чолиќ, неговата сопруга и помладата ќерка Лара биле во вилата.
Според Телеграф, тие спиеле во моментот на експлозијата, а звукот ги разбудил.
Фото: ЕПА

