Македонија
(Видео) Митева: Раскината концесијата, Дестани станува нов сопственик, па Владата на СДС и ДУИ дозволува спојување на концесиите
Владата на СДС и ДУИ во случајот со „Иловица“, наместо за народот, работи за Дестани, кој важи за близок до ДУИ. Компанијата на семејството Дестани добила дозвола од Владата да преземе удели во „Еуромакс ресурсис“, која ја има концесијата за „Иловица“, иако нема никакво искуство од ископот и рафинирањето злато, вели портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
„Владата на СДС и ДУИ дозволила компанија на Дестани да влезе во рудник за кој самите тврдеа дека нема да се отвори. Владата согласно закон дала согласност, без која Дестани не можел да се стекне со удел во компанијата и да стане концесионер на Иловица. Дестани купил удел во фирмата, а купувањето го дозволила самата влада на СДС и ДУИ. И тоа во време кога владата ја има раскинато концесијата, и има спор пред Управен суд. Зошто ако владата бил сигурна дека рудник нема да има и ја раскинала концесијата, воопшто дала дозвола Дестани да влезе? И зошто Дестани ако не бил сигурен дека концесијата ќе биде вратена воопшто купил удели во Еуромакс Ресурсис? Како магично само 15 дена откако Дестани влегува во сопственичката структура во Иловица, Управен суд носи одлука, за укинување на Одлуката на владата за раскинување на Концесијата?“, прашува Митева.
Бара одговор и на други прашања.
„Зошто владата дозволила Дестани да влезе во Иловица, ако и самите тврдеа дека рудник нема да има? И второ, дали власта свесно дозволила Дестани да стане концесионер, за парите од отштетата при евентуална арбитража која би требало да ја добие носителот на концесијата да отидат кај Дестани па потоа да се префрлат во СДС и ДУИ?
Не се јасни намерите на власта, дали сакаат да се отвори рудникот и притоа да не знаеме какви стандарди ќе се користат и дали почвата во струмичко ќе се контаминира или сакаат да ги земат парите од арбитражната одлука и да наплатат стотици милиони без било што да сработат?“
И во едниот и во другиот случај СДС и ДУИ добиваат, а граѓаните губат, истакнува Митева и додава дека во целата постапка ДУИ е реализатор, а СДС главен помагач.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

