Македонија
Нови пожари: гори во Куманово и Штип, запалена сува трева

Нови пожари избувнаа денес во Куманово и Штип, каде што, според информациите, запалена е сува трева.
Регионалниот ЦУК Куманово известува, според информацијата на Tериторијалната противпожарна бригада Куманово, за пожар на отворено на улицата Ѓуро Поштар, каде што гори сува трева и стрниште.
Пожарникарите на Територијалната противпожарна единица ТППЕ Куманово интервенираат од 13.52 часот со 1 ПП-возило и три пожарникари и екипата сѐ уште е на терен.
Регионалниот ЦУК Штип ја пренесува информацијата од пожарникарите од ТППЕ Штип дека во 13 часот имале дојава за пожар на запалена сува трева во близина на турските гробишта во град Штип. Пожарникарите се излезени со едно теренско возило и со едно ПП-возило со 7 пожарникари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски очекува убедлива победа на локалните избори: Кандидатите се со план, програма и визија

Премиерот Христијан Мицкоски, на настан од општина Брвеница, прашан за изборот на 16 нови кандидати за градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори на синоќешниот ИК, и кој е најголемиот адут на партијата на овие избори, истакна дека очекува убедлива победа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
,,Тоа се луѓе коишто очекувам да бидат победници на следните локални избори. Мотивирани се, дисциплинирани, со план, со програма, со визија и убеден сум дека ќе додадат вредност во животите на луѓето во општините во коишто ќе бидат идни градоначалници. Очекувам убедлива победа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на следните локални избори“, рече Мицкоски.
Претседателот на владејачката партија дополни дека Владата ги зајакнува темелите, истите оние кои претходната влада се обиде да ги урниса.
,,За помалку од два месеца од денеска и јавноста тоа ќе го види и да продолжиме со реформскиот процес да ја градиме Македонија, да ја обновуваме Македонија, да ги зајакнуваме темелите коишто претходната влада на СДС и ДУИ се обиде да ги урниса“, кажа Мицкоски.
Македонија
Османи: Очекуваме 150.000 гласа, по изборите Националната алијанса за интеграција ќе биде втора политичка сила во државата

Кандидатот за градоначалник на Чаир и водечки глас на Националната алијанса за интеграција (НАИ), Бујар Османи, во рамки на денешната прес-конференција најави дека албанската коалиција која ја предводи ДУИ на изборите очекува историски резултат.
„Очекуваме да добиеме некаде околу 150 илјади гласови, како НАИ, и само околу 50-60 илјади за ВРЕДИ,“ изјави Османи. Тој нагласи дека според сите проценки, НАИ ќе биде втора сила на државно ниво, додека ВРЕДИ, како што рече, „ќе биде 5-та или 6-та.“
„За мене е важно што Националната алијанса за интеграција ќе биде втора сила со најмногу гласови во државата. Оваа држава треба да биде во партнерство меѓу двете најголеми заедници, албанската и македонската, почитувајќи ги правата на сите малцинства,“ порача Османи.
Тој нагласи дека овие избори имаат клучно политичко значење и ќе ги дефинираат новите односи на сила меѓу етничките и политичките блокови во државата. Според него, најважно е граѓаните јасно да ја искажат својата волја на 19 октомври.
„Овие избори ќе покажат дека имате еден победник кај македонскиот блок и вториот ќе биде НАИ, додека ВРЕДИ ќе биде 5-та или 6-та,“ рече Османи, додавајќи дека „важно е јавното мислење да се подели на овој начин на изборите“, заклучи тој.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Али, Артан, Бујар, Филипче и Заев, оската на злото, ДУИ-СДС нема да избега од правдата

Не ги носи никој во „мрачниот српско-руски свет“ како што сеат магла Османи и ДУИ, туку во светот на одговорноста – пред лицето на законот, за целиот криминал и предавства што ги направи криминалната клика.
Али Ахмети, Артан Груби, Бујар Османи, Венко Филипче и Зоран Заев можат колку сакаат да зборуваат за Европа и за вредности, но токму тие се синоним за криминални тендери, модуларни болници што гореа и убиваа луѓе, уништени институции, раскопана економија и тргување со националните интереси, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„На Бујар Османи „рускиот свет“ му е Павлов рефлекс – веднаш кога нема што да каже, излегува со „руски“ или „српски свет“ и мисли дека со тоа ја завршил работата. Толку многу ги потценува Албанците што мисли дека нафта пијат, токму од онаа што луѓе блиски до ДУИ и до струмичките тајкуни кланови ја носеа во РЕК Битола. Османи има синдром на напуштена љубовница, која очајно сака да се расправа, надевајќи се дека ќе го импресионира својот лидер кој внимателно одмерува дали токму тој ќе биде наследникот.
Додека Албанците и Македонците заедно страдаа, мала корумпирана клика на оската на злото „ДУИ–СДС“ се богатеше на грбот на народот. Јахти, станови и милионски бизниси беа нивната вистинска агенда, додека граѓаните едвај преживуваа во сиромаштија и инфлација“.
Затоа, додаваат од партијата на власт, панично бараат алиби и кријат зад измислени стравови. Но, според ВМРО-ДПМНЕ, времето на ДУИ и СДС завршува. Ова, како што додаваат е време на правда и одговорност, време кога Али, Артан, Бујар, Филипче и Заев ќе мора да одговараат пред законот, а граѓаните конечно ќе живеат во правна држава со европски вредности и чесни институции.