Македонија
Договорена потесна координација на активностите меѓу јавните обвинителства и финансиската полиција
Јавниот обвинител Љубомир Јовески денеска оствари средба со директорот на Управата за финансиска полиција, Горан Иванов, со кого разговараше за потесна соработка и координација на дејствата меѓу Обвинителството и финансиската полиција во насока на обезбедување ефикасен кривичен прогон.
На средбата присуствуваа и основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство Скопје, Гаврил Бубевски, и заменикот на основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Трајче Пеливанов.
Притоа беше истакната важноста во следниот период да се вложат уште поголеми напори и да се покаже поголема ефективност во откривањето незаконски стекнат имот и имотна корист од кривични дела, што ќе се ефектуира со заплена и конфискација во судска постапка.
Иванов, од своја страна, ги потенцира и предизвиците со кои се соочува институцијата, пред сѐ, во однос на недоволните кадровски капацитети, но и потребата од усвојување на предлогот за измени и дополнувања на Законот за финансиската полиција, кој е во собраниска процедура.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Времето викендов: Променливо облачно со повремени врнежи од дожд, наместа пообилни
Времето утре ќе биде променливо облачно со повремено врнежи од дожд, наместа пообилни, проследени со грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 18, а максималната ќе достигне од 19 до 25 степени.
Во Скопје променливо облачно, попладне и кон крајот на денот со повремени врнежи од дожд. Во делови од котлината врнежите ќе бидат пообилни, проследени со појава на грмежи. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 23 степени.
Под влијание на циклонска активност во деновите од викендот ќе се задржи променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Врнежите наместа ќе бидат пообилни, локално во форма на невреме, проследени со грмежи и засилен ветер. Потоа времето ќе биде стабилно со пораст на дневната температура.
Македонија
Средби на претседателот на Собранието Гаши во Истанбул
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, придружуван од пратениците: Бејџан Иљас, Никола Мицевски, Оливер Спасовски, Мерита Колчи Коџаџику и Беким Сали, ја продолжува официјална посета на Република Турција со средби во Истанбул.
Делегацијата присуствуваше на Конференцијата за отворање на академската година 2024-2025 на Универзитетот Мармара, кој е еден од најстарите и најпрестижните универзитети во Турција. Претседателот Африм Гаши одржа предавање на тема: „Односите меѓу Северна Македонија и Турција на историски и политички план, актуелни прашања во светот“ пред ректорот, професорите и студентите на овој Универзитет.
Тој се осврна на заедничката географија и историја, образованието, културата и градењето на нацијата, заедничката геополитика и перспективите како би можел да изгледа заедничкиот свет во иднина. Изрази убедување дека Балканот повторно ќе се обедини, не само како географска целина, туку и како место на допир на цивилизациите, културите и религиите во пошироки размери, каде што ќе преовладува мирот, безбедноста и благосостојбата.
Тој посочи дека Република Северна Македонија е пример дека и на овие простори може да се гради соживот, градејќи држава и општество со различности, но во комплементарно единство.
На средбата со Одборот за надворешни економски односи Турција-Северна Македонија, стана збор за можностите за унапредување на економската соработка меѓу двете земји, која треба да го следи примерот на одличните политички односи. Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Гаши истакна дека државните институции прават сè што е во нивна моќ за да се олесни економската соработка, за што придонесува и географската близина, добрата инфраструктурна поврзaност и директните авионски линии меѓу двете земји. Беше подвлечено дека се заемни заложбите на двете земји за зголемување на вкупната трговска размена и беше изразено очекување за проширување на интересот на турските компании за инвестирање во Република Северна Македонија.
Во рамките на официјалната посета на Република Турција беше остварена и средба со граѓани од Република Северна Македонија кои престојуваат во Истанбул. Претседателот Гаши нагласи дека Република Северна Македонија и Република Турција ги поврзуваат историски и културни врски и во тој поглед, иселениците претставуваат значајна алка во цврстото пријателство и плодната соработка меѓу двете земји.
Македонија
Средба Коцевски-Вал
Меѓусебната соработка на Јавното обвинителство и Мисијата на ОБСЕ беше тема на денешната средба на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љупчо Коцевски со амбасадорот Килиан Вал, шеф на Мисијата ОБСЕ во Скопје.
Притоа амбасадорот Вал го запозна обвинителот Коцевски со планираната реформа на Мисијата на ОБСЕ во Скопје и новата тригодишна стратегија, во рамките на која првиот од петте кластери со активности ќе се однесува на кривичното правосудство. Во моментов Мисијата на ОБСЕ врши мапирање на потребите и проценка на секторот правосудство, при што побара соодветен придонес и од Јавното обвинителство.
Јавниот обвинител Коцевски се заблагодари на досегашната поддршка од Мисијата на ОБСЕ и детално го запозна амбасадорот со предизвиците и потребите со кои се соочува обвинителството.