Македонија
„Банана филм“ на Милчо Манчевски: Управниот суд пресуди во наша корист, Агенцијата за филм мора да продолжи со исплатите за нашите проекти

Управниот суд го прифати барањето на „Банана филм“ да се донесе привремена мерка против Агенцијата за филм. Агенцијата ги стопира исплатите за веќе одамна завршениот филм „Кајмак“, во продукција на „Банана филм“ и во режија на Милчо Манчевски, а го стопира и потпишувањето на преддоговорот за филмот „Биста“ („Збогум, Копакабано!“), кој доби поддршка на минатогодишниот конкурс на Агенцијата. „Банана филм“ тужеше тврдејќи дека Агенцијата постапува незаконски во однос на филм што е веќе одобрен од самата Агенција, прифатен, завршен и дистрибуиран во целиот свет, но и во однос на нов проект, кој веќе ги поминал сите филтри на самата Агенција.
На минатонеделното рочиште Управниот суд го уважи барањето на „Банана филм“, па сега в.д. директорот на Агенцијата, Бојан Лазаревски, ќе мора да даде налог за исплата на преостанатите 30 % според договорот за „Кајмак“ и ќе мора да склучи преддоговор и да исплати 5 % за развој на сценарио за „Биста“. Доколку не ја почитува одлуката, в.д. директорот ризикува да одговара кривично за неизвршување судска одлука.
„Ја пријавивме Агенцијата за филм за местени конкурси, за незаконски исплати (крадење), за судир на интереси, а тие за одмазда ни ги блокираа успешните проекти. Нашите тврдења ги потврдија и антикорупциската комисија, Државниот завод за ревизија, ‘Транспаренси интернешнл’, инспекција на Министерството за култура. Еве сега и судот го потврдува самоволието на филмската мафија. Се надеваме дека набргу ќе има и соодветни казни за сторените кривични дела“, велат од „Банана филм“.
Во меѓувреме, неделава, Комисијата за заштита на конкуренцијата отвори постапка против Агенцијата за филм и приватното здружение ДФРМ за испитување на забранета државна поддршка. Допис за доставување на целокупната документација е веќе доставен до Министерството за култура. Според наоди на Државниот завод за ревизија, но и на самото Министерство за култура, Агенцијата незаконски му исплатила на приватното здружение над 120.000 евра.
По негативниот извештај на Државниот завод за ревизија за работата на Агенцијата за филм и ДФРМ, свој случај за работата на Агенцијата и на ДФРМ отвори и антикорупциската комисија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Драматично кај Јасен: Спречена катастрофа кога огнот се проширил кон блиските објекти

Голем е пожарот кој со денови беснее во ловиштето Јасен, а надлежните во повеќе наврати успеваат да го стават под контрола, по што повторно избувнува.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, соопшти дека попладнево огнот се заканил на објектите на ЈП Јасен но со брза, енергична и одлучна акција со повеќе возила кои претходно биле поставени во полукружна одбрана, огнот бил сопрен во близина на самите објекти. Состојбата ја опиша како драматична.
„Прилагодените пинцгауери и хермелини по којзнае кој пат се покажаа одлични, без нив целата оваа борба против огнената стихија ќе имаше друг тек“, рече Ангелов.
Упати голема благодарност до припадниците на специјалните единици на Армијата и Полицијата, Волци, Ренџери и ЕБР како и до пожарникарите од скопската бригада за противпожарна заштита и вработените во ЈП Јасен како и Национални Шуми. Благодарност упати и до Илија Бојаровски – задолжен за односи со јавноста, за кој Ангелов рече дека се наголтал прашина и чад снимајки пеколни сцени, за пожтвуваната борба против пожарите кои беснееја низ државата.
Македонија
Ивановска се кандидира за градоначалничка на Центар: „Не барам моќ, туку сакам да им ја вратам на граѓаните“

Поранешната претседателка на Антикорупциска комисија, Билјана Ивановска, официјално најави кандидатура за градоначалничка на Општина Центар како кандидат на граѓанската политичка платформа „Независни заедно“.
Ивановска најави дека во кампањата ќе се фокусира на решенија, а не на лични напади. Таа истакна дека во Центар ги дели истите проблеми со граѓаните и дека правдата, интегритетот и одговорноста се вредности кои ќе ги применува во креирањето на политики.
„Мојата визија е Општина Центар да биде на граѓаните, а не на профитот. Досегашната состојба е резултат на многу корумпирани и лукративни политики кои го занемарија интересот на граѓаните. Мене не ме водат апетити за профит, јас ги вложувам моите интегритет и капацитет за да понудам решенија кои можат да бидат добри за живеење и да го вратат достоинствениот живот. Не барам моќ и функција, туку сакам моќта да им ја вратам на граѓаните“, рече Ивановска.
Во рамки на платформата „Независни заедно“ членуваат граѓанските иницијативи „Шанса за Центар“, „Зелените за Гази Баба“ и „Групација 398“. Платформата е во процес на собирање потписи за формирање политичка партија.
Македонија
Мицкоски: Над 40 милиони денари за субвенционирање на сметките за електрична енергија за ранливите граѓани

Преку Министерството за енергетика, минерални суровини и рударство е распишан јавен повик кои што можат да аплицираат оние семејства кои што ги исполнуваат условите за субвенционирање на сметките за електрична енергија.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека за таа цел се превидени повеќе од 40 милиони денари, одговарајќи на новинарско прашање дали владата ќе ги субвенционира ранливите граѓани во покривање на трошоците за електрична енергија.
Мицкоски нагласи дека Македонија има најниска цена на електричната енергија, што не е случај со државите од соседството кои што имаат зголемување на цената на струја од 15, 20 па и 30 проценти.
„Но, она кое што исто така можам да го кажам во многу период на регулирање на електричната енергија откако е оваа Влада 14 месеци, ние немаме покачување на електричната енергија за домаќинствата што не е случај во околината.
Ако ги гледате другите држави ќе видите дека таму електричната енергија е покачена, 15,20 па во некои држави од соседството и 30 проценти. Така што и според Евростат и според сите параметри ние сме држава во Европа која што има најниска цена на струја за или една од двете, трите најниски цени за електрична енергија за домаќинствата.“, посочи премиерот Мицкоски.