Македонија
Автомобил се запали по судир со камион, возач изгоре – тешка сообраќајна несреќа на патот Прилеп – Ресен
Автомобил и камион се судриле на патот Прилеп – Ресен утрово околу пет часот. Во несреќата се запалил автомобилот, а возачот изгорел. Од МВР ја потврдуваат несреќата и велат дека е извршен увид од нивна екипа.
„Во СВР Битола било пријавено дека на патот Прилеп – Ресен, од крстосницата за с. Кукуречани до местото наречено Билбил Камен, се случила сообраќајна несреќа помеѓу товарно моторно возило ‘сканија’, со прилколка со штипски регистарски ознаки, управувано од Б .М. (44), и патничко моторно возило ‘опел корса’, со битолски регистарски ознаки. Во несреќата патничкото возило се запалило, а телото на возачот било опожарено“, велат од МВР.
Се расчистува случајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Министерката Јаневска ќе учествува на „Глобалниот конгрес за популација, здравје и човечки развој“ во Каиро
Министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска од 12 до 15 ноември ќе учествува на „Глобален конгрес за популација, здравје и човечки развој“ што по трет пат се одржува во Каиро, под покровителство на Претседателот на Египет, Абдел Фатах Ел – Сиси.
Предвидено е учество на министерката Јаневска на повеќе панел дискусии посветени на човечкиот развој, развој и примена на иновации со фокус на вештачката интелигенција, а ќе биде и воведен говорник на сесија посветена на неформалното образование како концепт на доживотно учење.
За време на конгресот, Јаневска ќе оствари билатерална средба со египетскиот министер за високо образование и научни истражувања, Мохамед Ајман Ашур.
Македонија
Неколку улици во Скопје денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради промена на затворач ф-125мм на крстосницата Индира Ганди/Гвадалахара, прекинато водоснабдување ќе имаат следниве улици; Гвадалахара, Индира Ганди, Метохиска, Јован Хаџи Шишко и Гарсија Лорка, општина Шуто Оризари.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Од ЈП Водовод и Канализација исто така информираат дека денеска поради уличен дефект од ф 1” на улицата Прашка бр.50, со прекинато водоснабдување ќе бидат дел од корисниците од улицата Прашка од 09:00 часот до завршување на санацијата на дефектот.
Македонија
Претпладне услови за магла, преку денот сончево со умерена локална облачност
Претпладне по одделни котлини ќе има услови за појава на магла. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 13 до 19 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината со услови за појава на магла. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на стабилно и суво време со постудени утра. Во текот на денот ќе преовладува сончево со мала до умерена облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на магла.

