Македонија
Метежот на границите е само потврда за нехуманиот однос на Спасовски кон граѓаните и вработените, реагира Чулев
Ексминистерот на МВР, Наќе Чулев, вели дека поради километарски колони на граничните премини Богородица и Табановце, граѓаните се задржуваат и по неколку часа. Според него, овој метеж е само потврда за нехуманиот однос на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кон граѓаните и вработените.
„Новите биометриски документи треба да се заменат најдоцна до следната година, за закажување личен документ се чека речиси два месеца“, вака секојдневно изгледаат првите и ударни вести во медиумите. На повеќе од 40 степени и екстремно жешко време, патниците што патуваат кон Грција и Србија заглавуваат и по неколку часа на граничните премини од македонска страна, а граѓаните што треба да извадат нови документи за закажување чекаат повеќе, дури и по два месеца. Подигнувањето во просториите на управните служби трае и по неколку часа. Многу бирократија и непотребни административни процедури“, вели Чулев.
Според него метежот, редиците, нервозата и создавањето нервоза се само уште една потврда за нехуманиот однос што Оливер Спасовски и раководството околу него го имаат кон граѓаните на Македонија, но и кон вработените во Министерството за внатрешни работи. Како што вели тој, потребни се нови инвестиции и целосна реорганизација како би се намалил притисокот врз вработените и би се овозможила подобра и поквалитетна услуга и со тоа и побрз проток и помалку нервози за граѓаните.
„Идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе инвестира во нова организација и децентрализација, подобра инфраструктура, поголем број и соодветно обучен кадар на граничните премини, управните служби и другите служби во МВР, кои директно работат со граѓаните. За побрз проток на возила, најоптоварените гранични премини ќе се прошират со нови ленти и во летниот период ќе се алоцира поголем број обучен граничен персонал. Управните служби целосно ќе се реорганизираат, дигитализираат и децентрализираат, при што некои од документите ќе се издаваат електронски со дигитален потпис. Дополнително, ќе се отворат многу нови станици за издавање лични документи во општините, во Скопје и во внатрешноста, граѓаните шест месеци пред истекот на личниот документ со порака ќе бидат информирани за датумот кога тој истекува, а ќе има можност пасошите, личните карти и возачките дозволи да се доставуваат по службена пошта“, истакнува Чулев.
Чулев посочува дека овозможувањето подобра, поквалитетна и побрза услуга ќе биде еден од главните сегменти на кои ќе биде ставен фокусот за идниот развој на полицијата и Министерството за внатрешни работи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Теретана на отворено за прв пат во општина Илинден
Комплетно опремена спортска теретана на отворено за прв пат добија жителите на Општина Илинден, која се наоѓа кај пешачко – велосипедската патека во Марино.
Градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски истакна дека во рамки на ова фитнес катче, каде младите па и повозрасните жители на општината ќе можат да се рекреираат и вежбаат, поставени се повеќе најсовремени фитнес справи.
Досегашната пракса на инвестирање и создавање на услови за спортување, постојано се докажува како највредна инвестиција за сите генерации, па затоа општина Илинден од сопствениот буџет оддвои средства за реализација на спортската теретана на отворено, а во наредниот период продолжува и понатаму со инвестиции во спортот и спортските терени на нејзина територија, соопштуваат од општината.
Македонија
Вицегувернерката Нацевска: Продолжуваат активностите на Народната банка за развивање на домашниот финансиски пазар
„Ефикасното спроведување на монетарната политика, покрај од мерките на Народната банка, во голем дел зависи и од функционалноста и натамошниот развој на домашните финансиски пазари, меѓу кои девизниот пазар има клучна улога. Оттаму, Народната банка продолжува со активностите за натамошно унапредување и развивање на домашниот девизен пазар и во таа смисла, искажуваме поддршка за иницијативите и активниот придонес на домашните банки. Во тој процес, нашата институција ја одржува активната соработка со сите релевантни банкарски здруженија, со деловните банки и со сите останати чинители, заради натамошно унапредување и развивање на домашниот финансиски пазар“, порача вицегувернерката Емилија Нацевска во обраќањето на 29-тото годишно собрание на Здружението на финансиски пазари – АЦИ коешто се одржа во Струга.
Во обраќањето, Нацевска нагласи дека Народната банка постојано работи на унапредување на ценовната транспарентност и натамошно продлабочување на домашниот девизен пазар.
„За задржување на професионализмот и за усогласување со најдобрите меѓународни практики, се разгледуваат можностите за прифаќање на глобалниот кодекс за девизниот пазар (FX Global Code), како во Народната банка, така и од страна на банките. Оттаму се и очекувањата дека АЦИ Македонија и Министерството за финансии ќе продолжат со активната соработка за примена на договорот ИСДА на домашните пазари, како можност за подобро интегрирање и достапност на деловните банки до странските финансиски пазари, во склоп на проектот финансиран од ЕБОР за приспособување на домашната правна рамка за деривати и репо-договори со меѓународната практика“, порача Нацевска.
Поволните движења на девизниот пазар коишто беа забележани минатата година се резултат на нормализирањето на побарувачката на девизи од енергетскиот и од останатите водечки корпоративни сектори, а значителен придонес има и натамошното зголемување на понудата на девизи од физичките лица, што е силен сигнал за довербата во домашната валута. „Ваквите позитивни движења на девизниот пазар изминатата година придонесоа за релативно обемни интервенции на Народната банка за откуп на вишокот девизни средства од банкарскиот систем, коишто беа близу до рекордните нивоа пред пандемијата“, кажа Нацевска. Поволните трендови на домашниот девизен пазар и на почетокот на тековната година влијаат поволно врз нивото на девизните резерви. Со тоа, според сите релевантни меѓународни одредници, показателите за адекватноста на девизните резерви се постојано во сигурната зона, гарантирајќи ја стабилноста на курсот на домашната валута.
Македонија
Одземена дрога испратена во мала пратка и огнено оружје од скопјанец
Одземени 30 грама дрога и пиштол од скопјанец, по заедничка акција на инспектори од Одделението за истраги при Царинската управа и крим полицијата при МВР.
Дрогата е откриена при претрес на лицето извршен откако истото подигнало пратка во Пошта пристигната од Германија. Во координација со дежурен јавен обвинител, инспектори од Секторот за контрола и истраги заедно со припадници од МВР извршија и претрес во домот на лицето каде е пронајден пиштол кој е одземен од страна на царинските инспектори, соопшти Царинската управа.
Против лицето ќе биде поведена кривична пријава до Основното јавно обвинителство.
Царинската управа согласно приоритетите во континуитет спроведува акции за сузбивање на сите форми на криминал, грижејќи за безбедноста на своите граѓани, додаваат во соопштението.