Економија
Јапонското Министерство за економија и ТИРЗ со заеднички иницијативи за засилена економска соработка
Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски, оствари средба со помошник-министерот за економија на Јапонија и генерален директор на Директоратот за трговски политики, Матсуо Такехико. И двајцата ја нагласија важноста од засилена економска соработка меѓу Јапонија и Северна Македонија, особено во пресрет на глобалните политички и економски предизвици, а се разговараше и за конкретни иницијативи за соработка.
„Јапонија има огромен економски и инвестициски потенцијал и може да стане важен партнер за забрзан раст на Северна Македонија. Разговаравме за конкретни програми, кои ги нуди Министерството за поддршка на инвестиции на јапонски компании во странство, како и програми за обука на наши менаџери, преку која веќе поминаа над 200 менаџери на македонски мали и средни компании. Тоа е потенцијал што треба да се искористи“, нагласи Деспотовски.
Јапонскиот помошник-министер за економија нагласи дека е многу значајно зајакнување на економската соработка меѓу земји што делат заеднички вредности како Северна Македонија и посочи дека земјата нуди атрактивни елементи за јапонските инвеститори, особено за компаниите што работат во делот на ИТ и напредните технологии.
Директорот на ТИРЗ упати и посебна покана до јапонскиот министер за економија да дојде во официјална посета на земјата в година во рамките на активностите за одбележување на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји.
Деспотовски претходно имаше средби со првите луѓе на јапонската Агенција за развојна соработка, јапонската Асоцијација на производители на автомобилски компонети, Јапонската стопанска комора, како и Јапонската асоцијација на нова економија, од кои произлегоа и конкретни планови за економска соработка и поттикнување јапонски компании да инвестираат во Северна Македонија.
„Целта е да ги презентираме нашата земја и можностите за инвестиции пред повеќе јапонски компании и институции. Првичните разговори се охрабрувачки и веќе се отвораат можности за соработка на повеќе нивоа“, вели Деспотовски.
Тој е во неколкудневна посета на Јапонија организирана во соработка со јапонската амбасада во Македонија. Целта е презентација на инвестициските можности во нашата земја, а предвидени се средби со неколку јапонски комори, бизнис-асоцијации, компании и државни институции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Агенцијата за поддршка на претприемаштво го додели признанието за најдобар ментор за 2023 година
Во рамките на Европската недела на претприемаштво, Агенцијата за поддршка на претприемаштвото успешно го реализира настанот Mentor Awards 2023, кој се одржа како дел од активностите на програмата „Стандардизирани менторски услуги“.
Настанот поддржан од Јапонската агенција за меѓународна соработка – JICA имаше цел да ја истакне важноста на мисијата на менторите во унапредувањето на работењето на македонските мали и средни претпријатија.
Добитник на наградата за најуспешен ментор за 2023 година е Неби Јусуфи од Регионалниот центар во Тетово, кој се истакна со својата експертиза, посветеност и позитивно влијание врз корисниците и со својата работа постигна значајни резултати. Најдобриот ментор за минатата година го избра жири составено од ментори.
На настанот менторите од шесте регионални центри имаа можност да презентираат по еден значаен пример на спроведена менторска услуга во нивниот регион. Во рамките на Mentor Awards 2023, во согласност со методологијата за спроведување стандардизирани менторски услуги во мали и средни претпријатија за периодот 2024 – 2029, Агенцијата ѝ додели овластување за инструктор за обука во пракса на Евгенија Лисичова, а на Никола Димковски (комуникациски вештини) и Тони Цветановски (управување со човечки ресурси) им додели овластување за обучувачи за теоретска настава.
Овие овластувања претставуваат важен чекор во создавањето на генерација квалификувани обучувачи, кои ќе го пренесуваат знаењето и искуството за унапредување на претприемништвото во земјата. Настанот ја потврди важноста на менторството како клучен фактор за успехот на македонските компании. Менторите, преку спроведување на стандардизираните менторски услуги, го ставија во функција своето долгогодишно знаење, обезбедувајќи насоки за развој, раст и одржливост на корисниците на овие услуги.
Претходниот ден, тим од Агенцијата за поддршка на претприемништвото предводен од в.д директорката Даниела Димовска оствари плодна средба со претставници на невладини организации кои работат во областа на економијата, претприемништвото и иновациите. Беа разменети мислења и идеи и беа поставени основи за идна соработка и за поддршка и развој на претприемничките иницијативи.
Покрај тоа, во текот на Европската недела на претприемништвото, Агенцијата реализираше низа активности со цел да го истакне значењето на претприемништвото и да обезбеди поддршка за младите и бизнис заедницата. Беа спроведени посети во средните училишта „Орце Николов“, „Арсени Јовков“ и „Лазар Танев“, при што учениците имаа можност да се запознаат со основните принципи на претприемништвото и програмите и мерките кои ги нуди Агенцијата, а беа организирани и работилници за поддршка на младите претприемачи, каде што беа презентирани успешни претприемачки модели и стратегии.
Како дел од одбележувањето, претставници од Агенцијата ги посетија и фирмите „Винарија чифлик“ од Битола и СВАРОГ од Прилеп, компании кои се и корисници на мерката менторство што ја спроведува Агенцијата со цел да ја истакнат важноста на поддршката за мали и средни претпријатија и да ги охрабрат во нивниот понатамошен развој.
Со овие активности АППРМ потврди дека е клучен партнер во развојот на претприемаштвото во земјата обезбедувајќи платформа за инспирација, поддршка и промоција на нови иницијативи, кои ќе ја зајакнат економијата и ќе ја подготват следната генерација успешни претприемачи.
Економија
Еврото падна на најниско ниво во последните две години во однос на доларот
Еврото денеска падна на најниско ниво во последните две години во однос на доларот откако најновите податоци покажаа дека деловната активност во еврозоната нагло паднала во ноември.
Според податоците на берзата, европската заедничка валута во еден момент се тргуваше по 1,0399 долари, што е најниска вредност од декември 2022 година, пренесува CNN (CNBC).
Глобалната агенција S&P објави дека композитниот индекс во еврозоната паднал од октомвриските 50 поени на 48,1 поени.
Економија
Во октомври годишен раст од 11,0 отсто на вкупните депозити и од 9,2 отсто на вкупната кредитна поддршка
Годишниот раст на вкупните депозити изнесува 11,0%, којшто произлегува од зголемените депозити на двата сектора, со поизразен придонес на секторот домаќинства.
На годишна основа, вкупните кредити се зголемени за 9,2% како резултат на зголеменото кредитирање на двата сектора, при поизразен придонес кон растот на кредитите на корпоративниот сектор.
Најновото соопштение за монетарните движења е достапно на следниот линк.