Македонија
(Видео) Митева: Владата нема одговор за спорните елементи за рудникот „Иловица“, дозволиле влез на фирма блиска до ДУИ во момент кога концесијата била поништена

Гледавме долги прес-конференции на Владата, но одговор на главните прашања нема. Димитар Ковачевски и Крешник Бектеши со недели бегаат од одговор на најсуштинското прашање: Зошто, ако навистина сакале да нема рудник во Иловица, дозволиле фирма на семејството Дестани, кое важи за блиско до ДУИ, да влезе во сопственичката структура на „Еуромакс ресурсис“, и тоа во време кога се води спор по еднострано раскинат договор од страна на Владата, со купување 25 % од акциите, истакна на денешната прес-конференција Марија Митева од ВМРО-ДПМНЕ. Владата, како што напомена таа, според законот, е таа без чија дозвола Дестани не можел да стане дел од „Еуромакс ресурсис“.
„Оттука, легитимно се поставуваат следните неколку прашања на кои Владата не сака да даде одговор бидејќи неминовно може да се дојде до заклучокот дека Ковачевски и Бектеши се обидоа да го протнат овој случај далеку од очите на јавноста.
1. Зошто пред Дестани да влезе во „Иловица“, Владата води хајка против рудникот и СДС и ДУИ, а откако Дестани презема удел, таа хајка запира?
2. Зошто Дестани влегува во фирма која во моментот на неговото влегување има спорна концесија? Дали и како знаел дека институциите ќе ја вратат и дали и како знаел дека Владата една година потоа ќе ги спои тие концесии?
3. Дали компанијата на Дестани дозволила потребна студија за влијание врз животната средина да ја нема, зошто нашите информации говорат дека таква студија нема и не е доставена и ако не е, зошто не е, ако доставиле, нека ја покажат?
4. Следствено на третото прашање се поставува прашањето какво искуство има компанијата на Дестани во копање злато и кои стандарди ќе бидат применети, со оглед на тоа што таа воопшто не работи во оваа област. Како тогаш струмичани да веруваат дека почвата во Струмичко нема да се контаминира и дека рудникот нема негативно да влијае на животната средина?“, прашува Митева.
Владата, како што вели, нема одговор затоа што очигледно е дека рудник во Иловица со Дестани како дел од него со СДС и ДУИ се оние што сакаат тоа да се реализира.
Додава дека Владата треба да знае оти идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе го преиспита целосно случајот со влегувањето на Дестани во „Иловица“ и дали се исполнети сите процедури. Секоја нерегуларност ќе биде најстрого санкционирана, истакнува Митева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Одбележана 24-годишнината од загинувањето на десеттемина армиски припадници кај месноста Карпалак

Делегација од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата, предводена од државниот секретар Елизабета Чуповска-Ристова и директорот на Генералштабот, бригаден генерал Орце Јордев, денеска положија венец со свежо цвеќе на спомен-обележјето на македонските бранителите, кои своите животи ги загубија кај месноста Карпалак во 2001 година.
Десеттемина прилепски бранители, Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски, ги положија своите животи за зачувување на независноста, суверенитетот и на територијалниот интегритет на татковината.
Во спомен на бранителите на спомен-обележјето свежо цвеќе положија и делегации од Владата предводена од заменик-претседателот на Владата за политички систем, Љупчо Димовски, од кабинетот на претседателката и врховен командант на Армијата, претставници од семејствата на загинатите припадници на Армијата, од здруженија на граѓани и од политички партии.
Венци со свежо цвеќе ќе бидат положени и пред спомен-обележјето на македонските херои во центарот на Прилеп.
Македонија
Семејна заштеда и помал притисок за родителите: Дурмиши за поевтинувањето на училишниот прибор

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска ја промовираше новата владина мерка „Училишна кошничка“, насочена кон намалување на трошоците за училишен прибор и заштита на семејниот буџет пред почетокот на новата учебна година.
„Веруваме дека образованието треба да биде еднакво достапно за сите – без оглед на семејниот приход. Затоа, заедно со Владата, преземаме мерки што овозможуваат секое дете да започне со училишните обврски под еднакви услови, а родителите да почувствуваат конкретно олеснување,“ изјави министерот Дурмиши.
Согласно членот 29 од Законот за трговија, Владата на Република Северна Македонија вчера усвои Одлука за утврдување на највисоки цени за продажба на училишен прибор во малопродажба и големопродажба, која ќе важи од 15 август до 15 септември 2025 година.
Според одлуката се предвидува намалување на цените на училишен прибор најмалку за 10% во трговијата на големо и 15% во трговијата на мало.
Мерката, според соопштеното, важи за сите видови продавници кои продаваат училишен прибор – од книжарници, преку супермаркети, до спортски продавници.
„Ќе биде опфатен широк спектар на производи: тетратки, ранци, моливи, боици, фломастери, калкулатори, ножици, лепак, папки и други основни материјали.
Секој производ што ќе биде опфатен со оваа мерка ќе биде јасно означен со натписот „Помалку трошоци, повеќе за тебе“, а во сите продавници ќе биде поставен плакат со информации за мерката, со цел потрошувачите да имаат целосна и транспарентна слика.
Цените ќе се споредуваат со референтната цена од 1 јуни 2025 година или со набавните документи за поново внесени производи. Тоа значи дека намалувањето е реално, проверливо и фер – и за потрошувачите и за трговците,“ појасни министерот.
Оваа мерка, како што потенцираше Дурмиши е дел од поширок системски пристап на Владата да интервенира таму каде што трошоците се највисоки, а потребите најголеми.
„Минатогодишната „Училишна кошничка“ беше исклучително успешна – заштедите по ученик изнесуваа од 750 до 2.000 денари. Секоја семејна заштеда значеше повеќе можности за децата, а помал притисок за родителите,“ изјави Дурмиши.
Министерот подвлече дека целта останува иста, да им се овозможи на сите ученици еднаков и достоинствен почеток на учебната година, без финансиски бариери.
„Продолжуваме со следење на состојбите на терен, анализи и дискусии за нови мерки – секогаш водени од интересот на граѓаните. Образованието треба да почне со насмевка – а ние сме тука да помогнеме тоа навистина да се случи,“ вели Дурмиши.
Македонија
(Видео) СДСМ: Инфлација од 4,8 отсто, властите да ги прифатат нашите предлози за укинување ДДВ на храната

Заменик-претседателката на Форумот на жени при СДСМ, Ема Нешковска, на денешната прес-конференција изјави дека инфлацијата од 4,8 проценти на годишно ниво ја доведува економијата во сериозен пад и ја турка населението во сиромаштија. Според неа, ова е резултат на промашените економски политики на владата предводена од Христијан Мицкоски.
Нешковска истакна дека најмногу поскапување има кај храната и основните производи, што го прави животот потежок за граѓаните кои се приморани да прават тешки избори помеѓу плаќање сметки и купување намирници.
Таа ги повика властите да ги прифатат предлозите на СДСМ за укинување на ДДВ за храна, зголемување на минималната плата и покачување на платите во другите сектори како начин за намалување на трошоците и заштита на стандардот на граѓаните.
„Времето на владина незаинтересираност и арчење на парите на граѓаните мора да заврши. Сметката ја плаќаат граѓаните“, порача Нешковска.