Македонија
Герасимовски: Земјотресот од 1963 – катастрофа што не сакаме да се повтори

По повод 60 години од разорниот земјотрес во 1963 година, Општина Центар организира изложба на фотографии и видеопроекција од најпогодените локации и објекти, но и нивниот нов лик и возобновување по земјотресот. Изложбата е отворена во „КСП – Јадро“, каде што градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, одржа пригоден говор порачувајќи дека земјотресот од 1963 година претставува длабока лузна, која не треба да се заборави, ниту да се дозволи да се повтори.
„5.17 часот, 26 јули 1963 година, време и датум што се врежани како голема лузна на ткивото на нашата општина и град. Природна катастрофа, која посакуваме никогаш да не се повтори, но поради која работиме напорно во запазување на високите стандарди за безбедни градби. Зашто само така се штитат и се сакаат и Центар и Скопје“, изјави Герасимовски.
Притоа Герасимовски ги повика граѓаните да ја посетат изложбата и во следните седум дена напоменувајќи дека Општината ја реализира во чест на жртвите од земјотресот и обновата на општината.
„Изложбата е концепирана како мултимедијален настан, на кој ќе можете да видиме историски фотографии од неколку периоди од развитокот на Скопје, со акцент на територијата на општина Центар, документарен филм за нашето Скопје, макети од централното градско подрачје, албуми со приватни фотографии и друга меморибилија. Ќе можете да го видите предземјотресен Центар, катаклизмичниот постземјотресен Центар, но и обновениот Центар“, порача Герасимовски.
Герасимовски потсети дека општина Центар во текот на својата историја преживеала големи катастрофи, но истрајноста била поголема и таа е пресликана преку симболот на фениксот на грбот на Општина Центар. Тој исто така потсети дека опстојувањето на општината и градот целиот народ им го должи на пријателите од другите држави, кои во тешките моменти ни дале несебична помош. Благодарение на таа солидарност општината создала нераскинливи врски за развивање пријателски односи меѓу народите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Граѓаните плаќаат за чиста средина, а не за депонии и ѓубришта: Митески најави кривична против ЈП „Комунална хигиена“доколку не реагира за отпадот

Комуналните служби на Општина Аеродром само денеска собраа над 10 тони отпад (50м3) кои завршија во „Дрисла“, соопшти в.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески.
„Ова не е еднократна акција – ова е наша секојдневна работа. Нашите општински служби се на терен, додека Градското комунално претпријатие кое треба да ја изврши оваа работа, е неажурно и немо. Доста е“.
Граѓаните, додава тој, плаќаат за чиста и уредна средина, а не за депонии и ѓубришта. Напоменува дека никој нема право да го загрозува здравјето и иднината на децата.
„Од утре продолжуваме уште поинтензивно.
Ако нема веднаш реакција од ЈП „Комунална хигиена“, како градоначалник ќе поднесам кривична пријава за загрозување на животната средина согласно член 218 од Кривичниот законик, и секојдневно ќе барам постапување од Обвинителството и МВР“, објави Митески.
Ова, како што истакна, не е политика, туку прашање на достоинство, здравје и иднина.
Македонија
Мицкоски: Народот е обединет и сплотен, не очекува убедлива победа за подобро и поубаво Сопиште

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски денеска присуствуваше на промоцијата на кандидатурата на Јане Мицевски за градоначалник на Општина Сопиште, како и на кандидатите за советници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
„Народот е обединет и сплотен, не очекува убедлива победа за подобро и поубаво Сопиште.
Ветуваме реализација на многу проекти кои ќе ја подобрат инфраструктурата, ќе создадат нови можности за младите и ќе придонесат за економски развој и модернизација на општината. Заедно, со посветеност и транспарентност, ќе изградиме Сопиште какво што сите го посакуваме.
Јане Мицевски е вистинскиот избор за Сопиште“, објави Мицкоски.
Македонија
Николоски во Атина: во фокусот економската соработка меѓу двете земји и подобро регионално поврзување

Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски од денеска е во дводневна работна посета на Атина, каде ќе оствари работни средби со високи претставници на Владата на Грција.
Во рамки на посетата, планирана е средба со вицепремиерот Костис Катзидакис, министерот за инфраструктура и транспорт Христос Димас, како и со алтернативниот министер за инфраструктура и член на Парламентот, Константинос Киранакис.
Исто така предвидена е средба и со менаџментот на пристаништето Пиреа.
На средбите предвидено е да се разговара за економската соработка меѓу двете земји, како и за подобро регионално поврзување.
Ќе се разговара и за изградбата на брзата пруга на коридорот 10, што многу ќе приоднесе за развој на трговијата и размената меѓу двете држави, а ќе преставува и главен крвоток за поврзување на грчките пристаништа со Централна Европа.
Во рамки на средбите планирано е да се отворат теми за унапредување на сообраќајот на Коридор 10 и 10 -д, зголемување на ефикасноста во патниот и железничкиот транспорт, за промовирање на ависообраќајот, како и унапредување на регионалната соработка.