Македонија
Од Бучковски, преку Груевски и Ставрески до Бектеши – кој сè потпишувал за рудниците во струмичко
Еден месец откако ѝ предложи на Владата спојување на концесиите за рудници во струмичко без да ја извести јавноста за тоа, министерот за економија Крешник Бектеши денес во детали објасни зошто морал да предложи спојување. Со имиња и презимиња кажа кој сè потпишувал и давал позитивни мислења за отворање на рудниците за бакар и злато од 2005 година сè до пред еден месец, кога тој предложи, Владата изгласа спојување на концесиите, а вчера, по притисокот од јавноста и изјавите на некои министри дека се изманипулирани, Владата ја поништи одлуката за спојување на концесиите.
Еден и пол час министерот Бектеши набројуваше потписници на документи и ги образложуваше постапките за рудниците од кои може да се заклучи дека сите влади од 2005 година, вклучително и сегашната, сè што направиле досега било во корист на инвеститорот на рудниците наспроти огромниот, континуиран револт на жителите на Босилово и Ново Село, каде што се предвидени.

Одлуката за геолошки истражувања за првата концесија ја потпишал Владо Бучковски, тогашен премиер
Објасни дека се работи за две концесии од кои првата, помалата, е заобиколена од сите страни со втората, поголема концесија и дека двете се на истиот концесионер, на истиот инвеститор, а истата компанија заведена во Централен регистар.
Целата постапка почнала во 2005 година, за првата, помалата концесија.
„Првично, согласно тогашните закони, барање за концесија за детални геолошки истражувања е доставено од страна на ‘Фелпс доџ’ од 28.10.2005 година и со писмо е известено Министерството за економија од страна на генералниот секретар, во тоа време Снежана Станковиќ. Јас ќе се извинам што треба да ги спомнувам и имињата, но ги кажувам имајќи предвид дека ќе бидат објавени документите. Согласно тоа писмо, согласно Законот за минерални суровини, Министерството доставило барање за добивање мислење до Министерството за животна средина и до Министерството за земјоделие“, рече министерот Бектеши.
Двете институции доставиле позитивни мислења за геолошките истражувања. Мислењето од Министерството за животна средина го потпишал директорот на Управата за животна средина Костадин Сидеровски, а од Министерството за земјоделие позитивното мислење го потпишал во тоа време директорот Ќенан Селмани.
„Имајќи ги предвид позитивните мислења и Законот за минерални суровини во тоа време, Владата со предлог од Министерството за економија, со прикачени мислења од надлежните институции носи одлука за давање концесија за вршење детални геолошки истражувања. За да нема забуна, најважни одлуки во делот на издавање концесии за минерални суровини се одлука за детални геолошки истражувања, како прва постапка, одлука за давање на концесија за експлоатација, која е втора постапка, и крајна постапка, пред да почне со работа одреден концесионер е дозвола за експлоатација на рудата за која ги завршил истражувањата и добил договор за експлоатација. Оваа одлука е донесена во тогашната Влада со претседател Владо Бучковски“, рече министерот Бектеши.
Следела втора фаза во која концесионерот поднел барање за експлоатација, а Министерството за економија повторно било обврзано да бара мислења од институциите. Во име на Министерството за животна средина позитивно одговорил Филип Иванов, тогаш директор на Упрвата за животна средина. Дополнително побарале мислење и во делот за управување со води, кое тогаш било надлежност на Министерството за животна средина па позитивното мислење го потпишал истиот директор, Филип Иванов.

Пако Кузман, како директор на Упрвата за заштита на културно наследство, во неколку наврати потпишал позитивно мислење
Промени претрпел Законот за минерални суровини па за експлоатација станало неопходно и мислење од Министерството за култура, односно Управата за заштита на културно наследство. Позитивно мислење им потпишал тогашниот директор, Паско Кузман.
За барањето за експлоатација двапати позитивно се изјаснил и министерот за земјоделие Љупчо Димоски, еднаш за шумите еднаш за земјоделското земјиште.
Во документацијата стои и позитивно мислење потпишано од Миле Јанакиески, министер за транспорт врски, надлежен за делот пристапни патишта.
Во делот на експлоатацијата, различно од делот за геолошки истражувања, со измената на законот, обврска на Министерството за економија во тоа време било да бара мислење и од општината и од советот на општината. Во март 2012 година Министерството добило позитивно мислење од Општина Босилово потпишано од градоначалникот Љупчо Колев како и позитивни мислење потпишано од тогашниот претседател на Советот, Никола Милчев.
Со сите позитивни мислења Владата на 16.06 2012 донела одлука за концесија за експлоатација, потпишана од Зоран Ставрески, кој тогаш ја водел седницата на Влада.
Откако е објавена одлуката, потпишан е договор со концесионерот за концесија за експлоатација на минерална суровина во Општина Босилово, село Иловица и е потпишан договорот од тогашниот министер за економија Беким Незири.
Откога завршила и втората фаза за првата концесија, Владата донела одлука да објави јавен повик и за втората концесија. За да го објави повикот за геолошки истражувања, Министерството за економија барало и добило позитивни мислења од министерствата за животна средина, култура, земјоделие, транспорт и врски, водостопанство и од општините. Потписници на позитивните мислења за геолошки истражувања за втората концесија се Паско Кузман како директор на Упрвата за заштита на културно наследство, Филип Иванов, директор на Упрвата за животна средина, заменик министерот за транспорт и врски Горан Михајловски, министерот за земјоделие Љупчо Димовски и директорот на Упрвата за водостопанство Методија Томески.
Бидејќи сите мислења биле позитивни, објавен бил јавниот повик, а на наддавањето концесијата ја добила истата компанија, „Фелпс доџ“ па Владата на 7 декември 2010 година со потпис од Зоран Ставрески му одобрила да врши геолошки истражувања и за втората концесија, а тогашниот министер за економија Фатмир Бесими го потпишал договорот.

Никола Груевски два дена пред Нова година, на 29.12.2015 година, ја потпишал одлуката на Влада со која се одобрува концесија за експлоатација и за втората, поголема локација
Следела втора фаза и за втората концесија, односно концесионерот поднел барање за експлоатација. Министерството пак побарало и добило позитивни мислења од институциите, а потпишале министерот за земјоделие Михаил Цветков, министерот за животна средина Нурхан Изаири, градоначалниците на Босилово и Ново Село, Љупчо Колев и Блажо Велков, позитивно се изјаснил и Советот на Општина Босилово со претседател Софче Попоска- Георгиева, министерот за транспорт Владо Мисајловски, директорот на Упрвата за заштита на културно наследство Виктор Адамс и в.д. директорот на Заводот и Музеј – Струмица, Зоран Рујак.
На два дена пред Нова година, 29.12.2015 година, тогашниот премиер Никола Груевски ја потпишал одлуката на Влада со која се одобрува концесија за експлоатација и за втората, поголема локација. Договорот за експлоатација го потпишал тогашниот министер за економија Беким Незири.
Истиот концесионер ги добил двете концесии и побарал спојување, кое законот му го дозволува, а Министерството за економија направило комисија која извршила увид на терен и утврдила дека се исполнети условите да се спојат концесиите, па во 2016 бил доставен предлог за спојување до Владата за кој Бектеши вели дека идентичен со оној од пред еден месец. Но тогашната Влада, поради политичката состојба, не дала никаков одговор.
Следеше изборен период во кој Владата не смее да одлучува за концесии, а по преземањето на власта, во 2018 година Бектеши, за да не дозволи неодговарањето да се протолкува како молчење на администрацијата, го обновил барањето до Владата во 2018 година.
„Во претходната Влада на четири седници најмалку е ставена на дневен ред точката за спојување на концесиите. Ни ниедна од тие седници Владата не донела одлука. Четирипати ја одложила точката и им се давало простор на таков начин на концесионерот да ја тужи одлуката за одбивање на решение за дозвола за експлоатација“, рече министерот Бектеши.
Тој лично вели дека е против рудниците, но за да се сопре нивната изградба побара акт дека ја уништуваат животната средина од некоја од надлежните институции врз основа на кој Министерството за економија веднаш ќе изготви предлог за раскинување на договорот не за едната, туку за двете концесии.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ ги осуди заканите и навредите кон новинарот Видиновски: Институциите да реагираат
„СДСМ најостро ги осудува заканите и личните навреди кон новинарот Александар Видиновски, кон граѓаните и директорот на Канал 5 Телевизија од бугарски државјани“, велат од СДСМ.
„Говорот на омраза, заканите и навредите се недозволиви, претставуваат атак врз целата новинарска професија, слободата на говорот и слободата на информирање кои се европски вредности.
Ги повикуваме институциите да реагираат и да ги преземат сите мерки за санкционирање“, соопшти СДСМ.
Македонија
Случајот со смртните закани врз новинарот Александар Видиновски да се истера до крај, бара Демократскиот сојуз
Демократскиот сојуз жестоко ги осудува примитивните напади и смртните закани врз новинарот Александар Видиновски на социјалните мрежи и ја поздравува одлуката на Јавното обвинителство да отвори предмет против сторителите на овие кривични дела.
„Во општество каде што слободата на медиумите е загарантирана со устав и закон, а новинарите имаат посебна улога при откривањето злоупотреби и креирањето јавно мислење за потребата од владеење на правото, недозволени се закани врз нивниот физички интегритет и загрозување на нивниот живот“, велат од Демократскиот сојуз.
„Новинарот Видиновски професионално си ги извршува своите новинарски задачи и со својата работа покажува дека не смее да има недопирливи луѓе или институции, домашни или странски, сеедно, за кои нема да важи законот во Македонија.
Демократски сојуз потсетува дека безбедноста на новинарите мора да биде еден од приоритетите на секое демократско општество кое ја негува слободата на говорот, истовремено ги охрабрува надлежните институции да го истераат до крај случајот со новинарот Видиновски и виновниците да ги изведат пред лицето на правдата“, се наведува во соопштението на Демократскиот сојуз.
Македонија
(Фото) Сиљановска-Давкова се сретна со претседателот на ОАЕ: перспективите за продлабочување на билатералната соработка во фокусот на разговорот
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на Светскиот самит на владите во Дубаи, оствари средба со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеик Мохамед бин Зајед Ал Нахјан.
Претседателката се заблагодари за гостопримството и за можноста да учествува на престижниот самит, оценувајќи го како исклучително значајна платформа за справување со глобалните и регионалните предизвици и за водење значаен дијалог со истакнати лидери и партнери од целиот свет.
Во фокусот на разговорот беа перспективите за продлабочување на билатералната соработка и беше посочена потребата од унапредување на правната рамка, се наведува во соопштението од кабинетот на Претседателката.

Посебен акцент беше ставен на економските односи и можноста за забрзување на проектите од взаемен интерес, коишто се во подготвителна фаза.
Претседателката го поздрави воведувањето на безвизен режим меѓу двете држави, оценувајќи го како одлична можност за олеснување на севкупната комуникација меѓу двете општества.
Таа изрази уверување дека средбата, што се реализира во пресрет на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете држави, ќе даде силен импулс во севкупното натамошно унапредување на соработката меѓу двете земји.
Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните глобални прашања и важноста на напорите за разрешување на постоечките конфликти.
Во тој контекст, претседателката ја поздрави конструктивната и одговорна улога на Обединетите Арапски Емирати, којашто се базира на принципите на мир и толеранција. Претседателката го истакна интересот од македонска страна за продлабочена соработка преку заеднички иницијативи за меѓукултурен дијалог и промоција на општите цивилизациски вредности, се додава во соопштението.

