Македонија
Мазнева има време за цвеќе, но не и за одговор – ќе ги врати ли комуналците на работа
За положувањето цвеќе испрати соопштение, за враќањето на работа на избрканите комуналци – молк. Со ваква тактика постапува директорката на јавното претпријатие „Комунална хигиена“, Косана Мазнева, додека избрканите и јавноста чекаат нејзина одлука дали ќе постапи по напатствијата на Државниот инспекторат за труд. Преку ПР-службата на претпријатието се пофали дека оддала почит на жртвите од земјотресот, но на СМС-пораката и на повиците од „Макфакс“ не одговара.
Некои од отказите што ги подели ги правдаше со тезата дека лицата примле плата, а биле отселени, но досега Обвинителството нема добиено кривична пријава со ваква содржина. Одговорот дали избрканите комуналци ќе добијат втора шанса – јавноста не го знае.
Мазнева беше прашана дали ќе постапи по одлуката на Инспекторатот за труд, како и дали смета дека постапила правилно кога отпуштила дел од вработените. Одговор и по два дена – нема.
Државниот инспекторат за труд, по поднесената претставка од вработените во Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ – Скопје, на кои им беа дадени откази, утврдил дека тие биле отпуштени незаконски. Како што информираа од Сојузот на синдикатите, Инспекторатот налага да се поништат отказите.
„Донесена е инспекциска мерка, со која менаџментот на ЈП ‘Комунална хигиена’ – Скопје треба да донесе писмен акт со кој ќе ги поништи одлуките за отказ поради тоа што тие се спротивни на законот и на колективниот договор“, велат од Синдикатот.
Пред претпријатието месецов имаше протести и интервенција на полицијата. Скопје се давеше во отпад. По протестите, градот беше исчистен. Градоначалничката Данела Арсовска не ги послуша вработените што протестираа и бараа разрешување на Мазнева посочувајќи дека директорката е силна жена, која заслужува поддршка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Илинден, Карпош, Кисела Вода и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:20 – 14:20 часот, корисниците од дел од с. Марино, општина Илинден;
· од 09:00 – 15:00 часот, корисниците на ул. Козле, крак 2, општина Карпош;
· од 10:00 – 13:00 часот, корисниците од улиците: 1511 и 1512, (позади Автосервисот – Мечкаров), општина Кисела Вода;
· од 11:00 – 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Коце Металец, општина Гази Баба.
Македонија
Претпладне магла, во текот на денот сончево со мала облачност
Сончево со мала до умерена локална облачност. Во утринските и претпладневните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -2, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала облачност и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на седмицата времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла.
Македонија
Делови од Центар и Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на булеварот Св.Климент Охридски (спроти Соборен Храм), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на потегот од крстосницата со Партизански Одреди до паркинг ЈАТ, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Исто така денеска поради реконструкција на водоводна цевка Ф 300мм. на улица Бањалучка 10 со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од улицата Бањалучка, Осло, Будимпештанска, Урош Ѓурович, Љубица Георгиева дел од улица Женевска и Васил Чакаларов. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на работните активности.

