Македонија
(Видео) Мерко не им правел притисоци, а тие суделе според законот – Судскиот совет не најде пропусти кај струшките судии
Струшките судии тврделе дека не трпеле притисоци од струшкиот градоначалник Рамиз Мерко или други лица, а поврзани со неговите предмети. Ова го констатира работната група од Судскиот совет, која разговарала со сите пет судии што работат таму. Првиот човек на работната група, Миљазим Мустафа, рече дека тие не заблежале ниту незаконско постапување од страна на судиите, а за кои посочи дека ги презеле сите дејства до донесување на пресудите. Контролата на Основниот суд во Струга дојде откога струшниот градоначалник Рамиз Мерко се најде на т.н. црна листа, меѓу другото, и поради влијание врз правосудните органи.
„Беше извршен работен разговор со сите судии што вршат судиска функција. Беа прашани за притисоци, за начинот на функционирање од која било страна. Тие категорично демантираат дека се соочени со какви било притисоци при вршењето на својата работа. Како генерален заклучок е дека при уводот на предметите е констатирано дека нема пропусти од страна на судиите или претседателот на судот. Тие се доделени според АКМИС-системот, почитувани се роковите за дејствата и од нивна страна нема пропусти. Со судиите беше извршен разговор за евентуални притисоци. Сите беа едногласни дека немаат притисоци од надвор и дека својата работа си ја вршат во согласност со законот“, рече членот на Судскиот совет, еден од тројцата што биле на посета во судот, Миљазим Мустафа.
Тие ги проверувале уписниците за предмети од 2020 година до 2023 година. Таму, според нив, немало кривични предмети против Рамиз Мерко. Под лупа биле и предметите против Општина Струга и Меѓународниот универзитет, чиј сопственик е семејството на Мерко. Детаљно не се разгледувале, но од она што се проверило – постапувањето на судиите било законско.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Алијанса за Албанците на 27 декември ќе одржи собрание за реогранизација на партијата
На последниот состанок на Претседателството на Алијансата за Албанците, каде што се дискутираше за политичките случувања во земјата и понатамошните чекори кон структурирање на органите, членовите на Претседателството едногласно гласаа за одлуката за свикување на партиското Собрание, соопштија од партијата.
Според најавата, Собранието ќе се одржи на 27 декември и ќе се дискутира за реорганизација на структурите и органите на партијата, партиските политики и важните стратешки документи.
„Алијансата за Албанците продолжува да останува во одбрана на националната кауза, гласот на артикулирање на уставните и законските права на Албанците и зачувување на евроатлантската ориентација на земјата како единствен пат за перспективата на граѓаните“, пишува во соопштението.
Македонија
Повторно во прекин сообраќајот на „Богородица“
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ кон Грција (ГП „Евзони“) од 17:00 часот повторно е во прекин, информира АМСМ.
Сообраќајот беше во прекин од 11:00 часот поради штрајк на земјоделците.
Во 15 часот повторно беше нормализиран, а сега повторно е затворен.
На ГП „Дојран“ има задржувања за влез во државата.
Македонија
Левица: Очекуваме власта утре да покаже доблест и да се појави на Анкетна комисија за Кочани
Во пресрет на утрешната седница на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, повторно апелираме до пратениците од владејачкото мнозинство и поканетите претставници од власта, да не измислуваат изговори и да се појават на седницата, велат од Левица.
„Повторуваме дека оваа седница е свикана по претставка на родителите на трагично загинатите деца од Кочани, а датумот е успгласен токму со нив, бидејќи единствено утре не е закажано судско рочиште за „Пулс”. Оттука, утре е единствен ден кога родителите би можеле конечно да се обратат од Собранието кон претставниците на институциите од кои зависат одговорноста и промената на системот“, велат од партијата.
Од Левица наведуваат дека три пати се обиделе да закажат седница за трагедијата во Кочани.
„Три пати беше блокирана со директна улога на спикерот Гаши и ДПМНЕ. Власта која не најде сила ниту за комеморативна седница во Собранието, сега нема никаков легитимен изговор да ја кочи расправата. Досегашните изјави на власта дека токму утре било предвидено да се започне расправата за Предлог-буџетот, наоѓајќи алиби за повторно избегнување на седницата, е несоодветен и невистинит. Буџетската расправа трае пет дена, што е повеќе од доволно за да се исцрпи целата дискусија, а рокот за донесување на Буџетот е најдоцна до 31 декември“, велат од Левица.
Од таму упатија апел утре да не се повтори уште еден институционален срам.
„Седницата мора да се одржи, без одлагања, празни изговори и политички калкулации. Родителите доаѓаат да го кажат она што државата со месеци одбива да го слушне. Од власта и државниот врв се очекува, најмалку, да се појават и да погледнат во очи луѓе кои бараат правда, одговорност и промена. Секое ново бегање и саботирање би било уште една навреда за семејствата, но и народот, како и уште еден чекор кон одржување на системот кој дозволува да се повторуваат трагедии“, се наведува во соопштението.

