Македонија
Димовски: За Македонци во Уставот на Бугарија никој не спомнува ни збор, а ние очите си ги вадиме за Бугарите во нашиот Устав
Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ преку статус на социјалните мрежи напиша дека денеска во Бугарија е започната процедура за измени на Уставот на Република Бугарија.
„За Македонци во Уставот на Бугарија никој не спомна ни збор, а ние очите си ги вадиме меѓу себе за Бугари во нашиот Устав“, вели Димовски.
Според него, да бевме сериозна држава која има некаква дипломатија или сериозен Претседател како што вели, темата за внесување на Бугарите во Уставот на Република Македонија ќе беше заедно со реципрочно барање за внесување на Македонците во Уставот на Република Бугарија.
Додава дека никој од власта во Македонија не побарал реципроцитет, а имаме, како што појаснува, стотици аргументи кои се и правни, цивилизациски, врз база на меѓународните повелби, европски резолуции, добиени судски случаи итн.
Таквата позиција, според членот на ВМРО-ДПМНЕ, ќе беше разбирлива, полна со аргументи и доволно прифатлива за меѓународната заедница како патека за разрешување на недоразбирањата.
Оценува дека лесно ќе можевме да дојдеме до состојба во која меѓународната заедница ќе ги видеше двојните стандарди на соседната држава и ќе го олабавеше притисокот за промена на Уставот на Македонија.
„Или двете држави ќе пристапевме кон надминување на недоразбирањата или немаше да имаме состојба во која недоволно зрели политичари со напади, прогон и злоупотреби сакаат да ја покријат својата неспособност. Но, ние имаме дипломатија, Влада и Претседател чија цел е да внесат кавга дома и по цена на губење на виталните и стратешки интереси на македонскиот народ и на Република Македонија.
Ние, како држава, играме фудбал цели 90 минути во нашите 16 метри, природно е да знаеме дека ќе примиме гол.
Нам ни треба излез од наша половина на стадионот.
Но, со ваква Влада и Претседател ние всушност играме со тим кој е или повреден, или престарен, или нема кондиција, или нема техника“, истакнува Димовски.
Според него, како што пишува во фејсбук статусот, уставните измени кои се предлагаат во Македонија се плод на слабата власт, а не на противничкиот фудбалски тим.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во вторник ССМ ќе ги блокира пратениците, во четврток газдите, а на 17 февруари Владата: ќе мора пешки да поминат пред работниците
Откога владин претставник вчера не се појави во Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) да потпише спогодба за зголемување на минималната плата и сите останати плати, претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, денес кажа дека протестите за минимална плата 600 евра и линеарно покачување на сите останати плати за 100 евра, продолжува со блокади на институциите. Прва институција која што ќе ја блокираат работниците ќе биде Собранието. Во вторник следната недела, 10 февруари, нема да им дозволат на пратениците да дојдат во Собранието со автомобили.
„Советот на ССМ за организирање протести, блокади и штрајкови одржа седница на која одлучи на 10-ти февруари да го блокираме Собранието. Да ги блокираме пратениците кои нема да можат да наплатат патни трошоци, а ќе треба да поминат покрај работниците и да им кажат зошто тие ќе имаат право на зголемување на нивните плати, а го чуваат во фиока предлогот на ССМ за зголемување на платите на работниците“, рече претседателот на ССМ, Трендафилов.
Во четврток, пак, на 12 февруари работниците ќе ги блокираат газдите, односно Организацијата на работодавачи, Стопанската комора и Сојузот на стопански комори, а на 17 февруари ССМ ќе ја блокира Владата и нема да дозволи министрите, како и претседателот на Владата да дојдат со автомобили туку ќе бидат принудени пеш да минат пред работниците.
Доколку и покрај блокадите Владата не одговори на барањето за 600 евра минимална плата и 100 евра линеарно покачување на сите останати плати, можен е уште еден голем протест пред конечна одлука за генерален штрајк.
Македонија
Фетаи: „Градиме поотворена и подоверлива администрација“
Владата на Република Северна Македонија го усвои официјалниот извештај за реализацијата на Стратегијата за транспарентност 2023–2026, кој сведочи за значителен напредок во отворањето на институциите кон граѓаните. Над 20 владини институции целосно ги објавиле информациите побарани од јавноста, додека 22 институции ги направиле транспарентни своите постапки за јавни набавки, конкретни чекори што ја зајакнуваат довербата на граѓаните во управувањето со јавните средства, соопштија од Кабинетот на заменик на претседателот на Владата задолжен за политики на добро владеење.
„На денешната седница, Владата ја разгледа и усвои Информацијата за реализација на заклучоците од Стратегијата за транспарентност (2023–2026). Извештајот ги прикажува мерливите резултати постигнати од Кабинетот на заменик-претседателот на Владата за политики на добро владеење, министерствата и другите државни институции.
Клучни постигнувања наведени во извештајот:
• Активна транспарентност кон граѓаните 20 институции ги објавиле на своите официјални веб-страници сите одговори на барањата за пристап до информации од јавен карактер, анонимизирани, почнувајќи од 24.6.2024 година. Три институции делумно ја исполниле оваа обврска, додека уште 15 институции се во завршна фаза на објавување.
• Отворање на постапките за јавни набавки 22 институции ги објавиле своите внатрешни процедури за јавни набавки на официјалните веб-страници. По завршувањето на периодот на мониторинг, и Министерството за социјална политика, демографија и млади ја објави својата процедура, давајќи дополнителен позитивен пример. Во меѓувреме, уште 16 институции се во процес на финализирање на објавите.
• Унапредување на Акцискиот план Ревидиран и усвоен е Акцискиот план на Стратегијата за транспарентност 2023–2026, со пореални рокови и јасно утврдени одговорности за секоја мерка.
• Дигитални чекори и подготовка за иднината Министерството за дигитална трансформација работи на креирање посебни секции на владиниот портал за заменик-претседателите на Владата и министрите без ресор. Исто така, веќе е формирана меѓуинституционалната работна група за изработка на Нацрт-стратегијата за транспарентност 2027–2029, а во наредните денови се очекува Владата формално да ја одобри, со цел интензивната работа да започне во текот на март“.
Заменик-претседателот на Владата за политики на добро владеење, Арбен Фетаи, истакна дека транспарентноста станува институционален стандард.
„Усвојувањето на овој извештај не е административен формалитет, туку доказ за реална посветеност да се обезбеди побрз и поцелосен пристап до информации. Преку меѓуинституционална соработка, градиме поотворена, поодговорна и подоверлива администрација за граѓаните“.
Македонија
Средба на градоначалниците на Битола и Пустец: разменети информации за состојбите во општините
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски и претседателот на Советот Бојан Бојкоски денеска имаа средба со градоначалникот на Пустец, Пали Колефски, кој е во посета на Општина Битола.
На средбата двајцата градоначалници разменија информации за состојбите во општините, за проектите кои ги реализираат, како и за продолжување на соработката во повеќе области.
Беше нагласена и иницијативата од двете страни, како општините да продолжат да соработуваат и преку прекугранични проекти со европски пари, за што и двете општини имаат искуство во таквата соработка.

