Македонија
Политичко надитрување за уставните измени
Повеќе чекори ја делат ДУИ од излегување од Владата. Тие соопштија дека нивните министри поднеле оставки – но со напомена дека се условени.
Иако ваква законска формулација не постои, сепак од ДУИ велат дека оставките не важат додека ВМРО-ДПМНЕ не гласа за уставните измени.
Во писмото што го објави вчера партискиот лидер Али Aхмети се наведува дека земјата е во критична фаза од европската иднина, а големите одлуки бараат политичка, национална и државна одговорност и жртви, со оглед на барањето на опозицијата дека би гласале за уставните измени доколку Демократската унија за интеграција излезе од Владата.
„Министрите и владините функционери од редовите на Демократската унија за интеграција поднесоа оставки од функциите што во моментот ги извршуваат! Оставките автоматски се ефективни во моментот кога опозицијата ќе гласа за уставните измени“, напиша Ахмети во писмото.
Од Владата има молк, па не се знае дали воопшто ги добиле најавените оставки. „Макфакс“ стапи во контакт и премиерот Димитар Ковачевски, кој досега нема коментар за најавеното условено повлекување на министрите од ДУИ.
Процедурата за оставките не е сложена и е кратка. Се доставуваат до премиерот, потоа премиерот ги прифаќа, но има случаи и кога ги одбива. Ако ги прифати, тогаш се поднесуваат до Собранието. Таму се констатираат и се избираат нови министри. Оставките ќе значат формирање нова влада, овој пат без ДУИ.
Министри и порано поднесувале оставки, но останале во фотелјите
Во минатото имало неколку примери кога премиер на влада одлучувал да не ги прифати оставките на министрите. Така, во 2009 година, по бродската несреќа, во која загинаа голем број бугарски државјани во Охридското Езеро, тогашниот премиер Никола Груевски не ја прифати оставката на ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, која беше поднесена од морални причини.
Лани премиерот Зоран Заев не ги прифати оставките на министерот за здравство, Венко Филипле, и на неговиот заеменик, Илир Хасани, по случајот со пожарот на тетовската модуларна болница, каде што загинаа 14 лица.
Овие оставки не беа условени, но не беа ниту неотповикливи.
Се памети случајот на министерот Антони Пешев, кој раководеше со Министерството за транспорт и врски, а поднесе неотповиклива оставка за авионската несреќа во 1993 година. Неотповикливо ја напушти премиерската функција и Хари Костов во 2004 година.
Понуди за оставки имало и други. Ексминистерот за внатрешни работи, Љубомир Фрчковски, само понуди оставка поради атенатот на Киро Глигоров, но не замина од функцијата.
Која е процедурата за излез на ДУИ од Владата?
Со оглед на тоа што се работи за т.н. условени оставки, најпрвин ќе се чека опозицијата да даде зелено светло за уставните измени.
Ако измените поминат, оставките на министрите и функционерите од ДУИ би стапиле во сила и партијата ќе ја напушти Владата.
Следен чекор, во согласност со барањето на ВМРО-ДПМНЕ, кое беше објавено по лидерската средба пред два месеца, би било формирање преодна влада, без ДУИ.
СДСМ го поздрави чекорот на ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ повика на брзи избори
СДСМ, вчера, по најавените оставки, се обрати преку партиско соопштение коментирајќи дека ДУИ го ставила државниот пред партискиот интерес и покажала одговорност кон врвната стратешка цел – европската иднина на земјата и граѓаните.
Од партијата посочија дека се исполнети сите услови на Мицкоски и одговорноста е кај него.
Од друга страна, опозициската ВМРО-ДПМНЕ повика на брзи избори.
„Добро е што ДУИ по 20 години власт е подготвена да замине во опозиција, од каде што ќе може да одговара за криминалот и да ја докажува својата невиност. Откако ДУИ го направи првиот чекор, си поднесоа оставки, сега само тие да бидат неотповикливи и да одиме на брзи избори бидејќи сѐ друго е одолжување и играње играчки на грбот на државата и иднината на граѓаните“, се вели во коментарот на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Малолетник сакал да се самоубие, МВР го спречи постапувајќи по објава оставена на социјалните мрежи
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи интервенираше навремено откако беше забележана објава на социјалните мрежи што укажуваше на можност за самоубиство од страна на малолетен корисник.
Полицијата веднаш ги презеде сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето, кое за кратко време беше пронајдено. Малолетникот е во добра состојба, а родителите се известени и запознаени со понатамошните чекори за негово ментално здравје.
Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Родителите треба редовно да комуницираат со своите деца, да се интересираат за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат веднаш при забележување загрижувачки објави или несвојствено однесување – апелираат од Секторот за компјутерски криминал.
Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформата или да известат родител, наставник или најблиска полициска станица.
-Навремената реакција може да спаси човечки живот. Секторот за компјутерски криминал ќе продолжи со засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор, велат од МВР.
Македонија
Почна седницата на Советот за безбедност во Вила Водно
Почна седницата на Советот за безбедност што ја закажа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на која на дневен ред е безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова, а на седницата присуствуваат членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Начинот на работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија, начинот на остварување на правата и исполнувањето на должностите на членовите на Советот, свикување и одржување на седниците, спроведувањето на заземените ставови, поведените иницијативи и дадените мислења и предлози, информирањето за својата работа, како и други прашања во врска со организирањето и начинот на работа на Советот, се определени со Деловник за работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија.
Седниците на Советот се затворени. Во одредени случаи седниците можат да бидат и јавни за што одлучува претседателот на Советот.
Македонија
Муцунски разговарал со шеикот Бин Зајед и дал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски денеска телефонски се слушнал со заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан.
Муцунски ја истакнал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и изразил сочувство за жртвите од нападите.
„Министерот остро ги осуди нападите извршени од Иран врз Обединетите Арапски Емирати, оценувајќи ги како сериозна повреда на принципите на меѓународното право, вклучително и почитувањето на државниот суверенитет и територијалниот интегритет. Тој нагласи дека во услови на зголемени регионални тензии, неопходни се воздржаност, одговорност и дипломатски ангажман, со цел спречување понатамошна ескалација и зачувување на стабилноста и мирот во регионот“, се вели во соопштението на МНР.

