Македонија
Повредениот бугарски навивач во Скопје: Им благодарам на лекарите што ми го спасија животот

Екипата на Бугарската национална телевизија успеа да разговара со 29-годишниот Драгомир кој неделава беше избоден пред натпреварот помеѓу фудбалските клубови „Шкупи“ и „Левски“ во Скопје.
Момчето е сместено на Одделот за интензивна нега на хирургија во болницата „Свети Наум Охридски“ во Скопје, од каде што им се заблагодари на лекарите кои му го спасиле животот.
Неговата здравствена состојба по оперативниот зафат е тешка, но стабилна. Нема опасност по неговиот живот. За „БТВ“ раскажа дека уште е во шок од она што му се случило.
Лекарите кои се грижат за Драгомир објаснија дека не е препорачливо тој да биде префрлен во болница во Софија пред да му се подобри состојбата, а неговата мајка во петокот пристигнала во Скопје.
Драгомир има тешка убодна рана во пределот на стомакот. Неговиот напаѓач е идентификуван од страна на полиција, но по него се’ уште се трага.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Директорот на БЈБ од СВР Тетово: Нема да дозволиме насилството на поединци да ги нарушат сигурноста и мирот во заедницата

Денеска директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев, во СВР Тетово оствари средба со раководството, на која детално беа разгледани сите околности и преземените мерки по вчерашниот вооружен инцидент, во кој беше одземен еден живот, а повредени беа четири лица.
„Сакам граѓаните на Тетово и регионот да знаат дека полицијата е целосно мобилизирана и посветена. Се преземаат активности за да се гарантира и испорача безбедноста. Нема да дозволиме стравот и насилството на поединци да ја нарушат секојдневната сигурност и мирот во заедницата. Истовремено, на сторителите и сите кои мислат дека со оружје можат да решаваат спорови и несогласувања им порачувам дека ќе бидат пронајдени, изведени пред лицето на правдата и санкционирани. Полицијата ги стави во функција сите потребни служби со цел да бидат фатени сите инволвирани во овој инцидент“, дециден беше директорот на БЈБ Јанев, додавајќи дека безбедноста е наша заедничка вредност.
„Ги повикувам сите граѓани на Тетово и насекаде низ државата да соработуваат со полицијата, да пријавуваат информации и заедно да изградиме средина во која нема место за криминал и насилство. Само заедно можеме да се спротивставиме на поединците и групите кои не споделуваат исти вредности со нас чесните“, истакна Јанев заклучувајќи дека Македонија и сите граѓани заслужуваат мир и спокој, а полицијата е тука за да го испорача.
Македонија
(Видео) „Филипче треба да одговори чија е јахтата на која плови тој и Заев, колку чини и на кој начин е купена“, вели Лефков

„Не е проблем што Венко Филипче отишол на одмор. Секој човек тоа го заслужува. Не е ни проблем локацијата каде се наоѓа одморот. Проблемот е лицемерието кое го шират и друштвото во кое се наоѓа Венко Филипче. Додека на Бихачка штанцаат соопштенија за тоа колку лошо се живее во државата, гледаме како Филипче одлично живее“, вели Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Додека Венко Филипче и СДС имаат лажно душегрижништво за правата на работниците, велат дека има ниска минимална плата и притоа велат дека знаат како му е на народот, го гледаме Венко Филипче во друштво на Зоран Заев на јахта во Грција.
Проблемот е што криминалниот тандем Заев и Филипче уживаат со украдени пари од народот во Грција на скапи јахти.
Венко Филипче треба да одговори чија е јахтата на која плови тој и Заев, дали е негова, на неговиот поранешен шеф или на фирми поврзани со нив?
Доколку јахтата е на него или на Заев колку чини истата и на кој начин е купена? Со ова Венко Филипче докажува дека е само привезок на Зоран Заев.
Кога на Зоран Заев му требаше жртва за корона кризата тука беше Венко Филипче. Кога му требаше некој да му ја грее претседателската фотелја во СДС тука беше Венко Филипче. Сега кога му треба друштво на Заев за одмор тука е Венко Филипче.
Чалам, луксуз, скапи јахти, коли, мотори и ресторани. Ниту ги интересираат граѓаните кои поради нив живееја со 150 денари на ден, ниту пак знаеја како да им ги решат проблемите. Тие знаат само за тендери и провизии.
И на власт и во опозиција со украдените пари, уживаат во октоподи, лигњи, тропски плодови, за нив ништо се нема сменето, бидејќи се заштитени од ЈО Коцевски кој ги брани со своето останување на позицијата јавен обвинител.
Заев и Филипче мора да бидат историја, а секако, и да одговараат“, изјави Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Реакција на ДУИ на изјавата на премиерот Мицкоски: Кој нѐ враќа 30 години назад? Вие или ние?

„Парадоксално е што премиерот зборува за „невраќање во 2001 година“, додека секојдневното практикување на владеењето на неговата влада е враќање назад во времето: кон дискриминацијата, мајоризацијата, исклучувањето и кршењето на правата на Албанците и другите заедници.
Потсетувањето на 2001 година не е „стара тема“, туку потсетување на цената што граѓаните ја платија за еднаквоста и за Охридскиот договор, кој денес отворено се прекршува од актуелната влада“, вела од ДУИ.
„Наместо да нѝ држи лекции околу тоа за што треба да зборуваме, премиерот треба да им објасни на граѓаните зошто:
• го укина на противуставен начин правичното и соодветно застапување како уставна вредност што произлегува од Охридскиот договор,
• мајоризацијата се врати во одлучувањето, дури и во Уставниот суд каде одлуките сега се усвојуваат со етничко надгласување,
• неговата партија предложи укинување на Законот за употреба на јазиците, а тој е најголемиот застапник на идејата за негово непочитување,
• во администрацијата Албанците се дискриминираат,
• албанскиот јазик се игнорира од институциите,
• албанската дијаспора е исклучена од процесите на одлучување и од финансиската поддршка од власта, вклучувајќи го и противуставното намалување на бројот на општински советници,
• развојните проекти во албанските општини се блокираат, а инвестициите ги заобиколуваат областите каде живеат Албанци,
• концептот на „српскиот свет“ е претворен во државна политика, потврдено и во последниот извештај на Европскиот парламент,
• ја блокира европската иднина,
• се избегнува од ветинг,
• не ја поддржува иницијативата за истрага на секој функционер,
• се избегнува од истрага за процесот на приватизација.
Сега го поставуваме прашањето: кој нѐ враќа 30 години назад? Вие или ние?
ДУИ зборува за иднината, за развојот, за меѓусебната почит, но нема иднина без правда и еднаквост. Оној што ги заборава неправдите од минатото, ги повторува во иднината. Ние нема да дозволиме неправдите од пред 2001 година да се повторат преку злоупотреба на власта и институциите, туку ќе инсистираме на зачувување на мултиетничкиот карактер на државата и целосно почитување на Охридскиот договор, бидејќи тоа е темелот врз кој треба да се гради секоја политика, секоја инвестиција, секое училиште и секоја автопатска делница.
Кандидатите и победниците на изборите треба да бидат преферирани и избрани од народот, а не по желбите, преференциите и фаворизирањата на премиерот“, се наведува во соопштението на ДУИ.