Македонија
Пуштен во употреба концептот оне-стоп-шоп на Ќафасан – Ќафтане

Од денеска е пуштен во употреба концептот оне-стоп-шоп на граничниот премин Ќафасан – Ќафтане со Република Албанија. Премиерот Димитар Ковачевски рече дека со овој концепт се овозможува побрз проток на граѓаните од двете држави, но и на компаниите што транспортираат производи на овој граничен премин.
„Резултатот на соработката е тоа што сме тука заедно, каде што го означуваме почетокот на работата на двете царниски управи, денес сме пример како треба да се однесуваат две соседни држави, со ова им се олеснува работата на 11.000 компании, кои се занимаваат со извоз, ние не застануваме тука, се работи и на Коридорот 8, нешто што во следните пет години ќе стане реалност, ќе имаме најдобра инфраструктура на Балканот заедно со Италија, Бугарија и Албанија. Коридорот 8 може да добива финансирање од ЕУ и работиме на изградба на железничка пруга меѓу Албанија и Македонија“, рече Ковачевски.
Како што вели тој, зголемена е соработката меѓу двете земји.
„Јас сум еден од оние што повторуваат дека не ни требаат граници, она што следува е и зголемување на службениците на патарините и на границите. Со ‘Отворен Балкан’ 40 отсто е зголемена трговската размена меѓу Албанија и Македонија до сѐ побрзо укинување на границите кога и Македонија и Албанија ќе станат членки на ЕУ“, додаде Ковачевски.
Вицепремиерот Груби рече дека е огромно задоволство да се присуствува на овој настан и изрази огромно благодарност до Владата за овој значаен проект, за соработката меѓу Албанија и Македонија и посочи дека ова е само еден чекор кон надминување на сите пречки меѓу двете земји.
Претходно, беше потпишан протоколот за воведување one-stop-shop на овој граничен премин, со цел спроведување поефикасни и олеснети гранични формалности, односно поквалитетни услуги и побрз проток на стоки и патници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Почина Панчо Минов, поранешен пратеник и градоначалник на Кавадарци

На 67-годишна возраст денеска почина Панчо Минов, поранешен градоначалник на Кавадарци и поранешен пратеник во Собранието.
Панчо Минов беше дипломиран правник и политичка фигура со повеќедецениско искуство. Тој два пати беше избран за градоначалник на Општина Кавадарци – прво како кандидат на Либералната партија (2000–2005), а потоа како независен кандидат (2005–2009).
Минов имаше и пратеничка кариера, учествувајќи во повеќе состави на Собранието.
Првпат беше избран во првиот повеќепартиски состав (1990–1998), а подоцна повторно стана пратеник преку ГРОМ (2016–2020) и СДСМ (2020–2024).
Македонија
Уште колку луѓе треба да настрадаат за Панче Тошковски да почувствува одговорност, прашуваат од СДСМ

Министерот Панче Тошковски без око да му трепне јавно соопшти дека не чувствува никаква одговороност за колапсот на безбедносниот систем и фактот што на улиците се пука како да сме Див Запад, велат од СДСМ.
Според нив, последиците од партизацијата на полицијата и претоварењето во партиски сервис на ДПМНЕ скапо ги чини граѓаните.
„До кога мисли Тошковски да се криe зад политички реторики додека улиците стануваат небезбедни за граѓаните?
Не е само последното пукање во Куманово, непрекинатиот раст на вооружените и насилни инциденти во различни градови е сигнал за целосно системско потфрлање на безбедниот апарат, нема ниту превенција ниту соодветна реакција.
За тоа мора да има одговорност“, додаваат од оваа партија.
Македонија
Парични казни за три градинки и едно училиште по спроведени инспекциски контроли во кујните

Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), во септември годинава спроведоа инспекциски контроли во училишните и кујните во градинките на територијата на цела држава. Спроведени беа 91 контрола во градинки и 23 вонредни надзори во училишта.
За утврдените недоследности, издадени се 9 решенија со наредби за нивно отстранување. Во две градинки, хигиената не била задоволителна во кујните, а една градинка немала спроведено задолжителен здравствен преглед на вработениот персонал во кујните. Парични казни изречени се за 3 градинки, и поради несоодветно чување, уништени се 24 килограми храна.
Од спроведените контроли во училиштата, незадоволителни услови констатирани се само во една училишна кујна. Отстапки во однос на добрата производствена и добра хигиенска пракса утврдени се во две кујни. Поради погрешно декларирање, уништени се 59 килограми храна.
Инспекциските служби на АХВ за утврдените недоследности со контролите во училишните кујни изрекле 1 парична казна и донеле 5 решенија со наредба за нивно отстранување.