Спорт
Бугарската фондација „Македонија“ сака да го купи ФК Вардар
Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар добил понуда од бугарската фондација „Македонија“ да биде купен. Наводно, тие понудиле 300.000 евра за да преземат 51% од акциите на клубот, а за следната година буџет од 500.000 евра.
Сепак, понудата е одбиена, велат од ФК Вардар.
„Ситуацијата е крајно алармантна. До клубот пристигна финансиска понуда од страна на Бугарската Фондација “Македонија”, која што сака да го купи нашиот Вардар, а со тоа и да го смени целиот идеолошки наратив, врз кој 76 години, континуирано се развивал клубот.
Нашиот став е дека воопшто не постои простор за дискусија со луѓе кои што не го признаваат македонскиот идентитет, па затоа одговорот ќе го објавиме вака јавно, нека биде тоа одговор на македонскиот народ, кон нечесната и крајно тенденциозна понуда: ВАРДАР НЕ Е НА ПРОДАЖБА!
На ваквите напади ќе продолжиме да одолеваме, само доколку секој од нас ја разбере важноста на купување на членската карта. Секој!
Членската карта е наш одговор и најважно оружје при одбраната на ВАРДАР – народниот клуб, највредното кое го поседува Македонија на спортски план и симболот на нашиот вечен непокор!
Голем е, затоа сакаат да го уништат – голем е, затоа ќе го заштитиме!
Воедно, ги повикуваме сите надлежни институции, особено оние кои подадоа рака. Време е за акција, народот повикува на борба за клубот. Членската карта е обврска за сите. Подадената рака значи одговорност!
Биди на стадионот кога ќе грмне “Море сокол пие”. Нека биде тоа нашиот одговор!“, објави ФК Вардар на социјалните мрежи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Тотенхем се сериозно заинтересирани за Енди Робертсон
Британските медиуми тврдат дека капитенот на шкотската репрезентација Енди Робертсон, долгогодишен лев бек на Ливерпул, би можел да стане нов играч на Тотенхем. Робертосон, 10 од 12-те сезони во Премиер лигата, одигра во дресот на Ливерпул.
Робертсон дојде од Данди Јунајтед во Англија, поточно во Хал, во 2014 година и со „тигрите“ испадна во Чемпионшип, но се врати во елитните редови на англискиот фудбал веќе следната сезона.
Во Ливерпул пристигна во 2017 година, каде што брзо се етаблираше на левата страна од стартната постава, а работите се променија со заминувањето на германскиот стручњак Јирген Клоп и доаѓањето на холандскиот тренер Арне Слот.
Робертсон одигра само 13 натпревари во Премиер лигата минатата сезона, а на почетокот на оваа Слот донесе уште еден лев бек, Милош Керкез.
Наводно, Тотенхем испратил понуда до 31-годишникот. Сепак Би-Би-Си пишува дека Ливерпул нема потреба од лев бек откако во меѓувреме го донесе 19-годишниот Бразилец Соуза.
Сепак, тие истакнуваат дека Бразилецот е премногу млад и дека поради тоа менаџерот Томас Франк бара искусен фудбалер на таа позиција.
Договорот на Робертсон истекува ова лето, а тој неодамна изјави дека не знае, односно сè уште не одлучил, што му носи иднината.
Foto/ EPA
Спорт
Ен Несири пред трансфер во Јувентус
Фудбалскиот клуб Јувентус, од почетокот на преодниот рок, се обидува да се засили со класична „деветка“. Откако неуспено заврши обидот со Жан-Филип Матета, челниците на клубот од Торино се насочија кон Јусуф Ен Несири.
Јувентус мора да ангажира напаѓач, бидејќи Џонатан Дејвид не се снајде, Душан Влаховиќ е повреден и неговиот договор истекува на крајот од сезоната.
Спортскиот директор на Јувентус, Марко Отолони, вчера бил во Истанбул, на натпреварот од Лига Европа помеѓу Фенербахче и Астон Вила (0:1), да преговара околу ангажманот на Мароканецот.
Јувентус нуди 5.000.000 евра за позајмица, 19.000.000 евра за опција за откуп на договорот и 3.000.000 преку бонуси.
Реално е Фенербаче да ја прифати понудата и наскоро се очекува Ен Несири да го облече дресот на Јувентус.
Спорт
Реал Мадрид ја напушта Евролигата
Реал Мадрид одлучи да се повлече од Евролигата и да стане еден од основачите на ново европско кошаркарско натпреварување под покровителство на НБА, проект наречен „НБА Европа“, пишуваат шпанските медиуми.
Според достапните информации, 12 клуба би учествувале во почетната фаза од проектот, а се проценува дека вредноста на франшизите вклучени во натпреварувањето би можела да достигне околу една милијарда долари во следните пет до шест години.
Според медиумите, Реал е се поблиску до тоа да биде еден од дванаесетте основачи на ова ново натпреварување. Овој потег започнува нова ера во европската кошарка и потенцијално ја менува распределбата на моќта на континентот, бидејќи „НБА Европа“ би можела сериозно да ги разниша традиционалните темели на Евролигата.
Во моментов, повеќето клубови сè уште имаат желба да останат во Евролигата, но потенцијално поголемиот профит и проширувањето на брендот преку „НБА Европа“ би можеле да ги наведат да ги преиспитаат своите приоритети во наредниот период.
Foto/ depositphotos

