Македонија
Грковска-Таравари: Важно е и општините да се вклучат во промоција на принципите на добро владеење

Заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска беше во работна посета на Гостивар и оствари средба со градоначалникот на општината, Арбен Таравари.
На средбата се разговараше за заедничка организација на дебатни настани, по почетокот на наредната учебна година, а во рамки на активностите наменети за младите, кои вицепремиерката Грковска повеќе од една година ги спроведува под слоганот „Зависи од мене и тебе“.
Вицепремиерката Грковска и градоначалникот Таравари се согласија дека од исклучителна важност е континуирано да се работи на подигнување на свеста кај младите за прашања поврзани со етика, интегритет и одговорност, затоа што тие го носат потенцијалот за позитивни промени во општеството и за надминување на слабостите во системот и општеството во целина.
Во однос на транспарентноста, како клучен антикорупциски механизам, вицепремиерката информираше за напредокот во јакнењето на активната транспарентност на институциите. Во таа насока, таа се осврна на Упатството за транспарентност, кое Кабинетот за политики за добро владеење го изготви во соработка со Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер и Центарот за управување со промени. Грковска истакна дека иако произлезените препораки од Упатството се обврзувачки само за институциите на централно ниво, и општините треба да ги прифатат насоките за објавување на сите информации од јавен карактер, со што и локалните самоуправи ќе бидат поотворени и поблиски до граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево и топло со мала до умерена локална облачност, од утре многу топло време

Сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северoзападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 19, а максималната ќе достигне од 29 до 37 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 37 степени.
Под влијание на топла воздушна маса од југ, од утре следува период на сончево и многу топло време со мала до умерена облачност. Особено топло време се очекува во текот на следната работна седмица, кога дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, на повеќе места ќе надминува 35°C, а наместа ќе биде и над 40°C.
Македонија
Филипче: ВМРО-ДПМНЕ да каже дали имаат сериозен план за одблокирање на европските интеграции

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање, во врска со изјавата на премиерот Мицкоски за поднесување заедничка резолуција со Бугарија во Европскиот парламент за македонскиот јазик, посочи дека вакви сериозни прашања се дискутираат како предлог во Собранието, каде што учествуваат сите политички партии.
„Сметам дека е крајно несериозно такви сериозни предлози да се даваат од обични прес – конференции. Премногу е сериозно и важно прашањето да биде само предмет и обид за некаков дневно политички партиски интерес од страна на ВМРО ДПМНЕ. Сметам дека треба да се направи како предлог во Собранието бидејќи е нешто во што треба да учествуваат сите политички партии. Доколку има таков сериозен предлог ние апсолутно ќе го ќе го поддржиме“, рече Филипче.
Посочи дека ВМРО ДПМНЕ должат пред јавноста да образложат каков план имаат за одблокирање на евроинтеграциите.
„ВМРО-ДПМНЕ треба да каже дали имаат сериозен план, дали имаат сериозен план за дипломатска активност, дали имаат сериозен план за одблокирање на европските интеграции“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
(Видео) Полициски хеликоптер исфрли 80 тони вода врз пожар во струмичко

Денеска (18.07.2025), полициски хеликоптер од типот Бел-412 од Одделот за воздухопловни единици дејствуваше на пожар во општина Василево, с. Нивичино, струмичко каде што гори нискостеблеста шума.
При дејствувањето во 60 налета се исфрлени повеќе од 80 тони вода, соопшти МВР.
Пожарот, како што информираат се уште е активен и продолжуваат активностите за негово гасење.