Македонија
Новиот Porsche Cayenne официјално претставен во Македонија

Под ѕвездено небо на охридското крајбрежје блесна новиот Porsche Cayenne придружен од еден од најголемите диџеи на сите времиња, двократниот број еден светски диџеј Paul Van Dyk.
Бројната публика имаше ексклузивна можност одблизу за прв пат да се запознаат со врвниот SUV на Porsche кој на прв поглед зрачи со високо ниво на луксуз и присуство кое гарантира неспоредливи перформанси.
Porsche темелно го усоврши својот успешен луксузен теренец со сеопфатни промени во погонската група, шасијата, дизајнот и опремата. Новиот Cayenne дебитира со високо дигитализиран дисплеј и нов концепт за управување, нова технологија на шасијата и иновативни високотехнолошки карактеристики. HD Matrix LED светла со висока дефиниција обезбедуваат осветлување на патот приспособено на секоја ситуација во возењето, а за прв пат во Cayenne, совозачите имаат свој инфозабавен дисплеј. Со својот надграден дизајн и помоќниот опсег на мотори, Cayenne го нагласува фактот дека е најспортскиот автомобил во својот сегмент.
Рафиниран дизајн, иновативна технологија за осветлување
Новиот Cayenne сега има особено експресивен изглед. Новиот преден дел во комбинација со посилно заоблени крила, нова хауба и технички привлечни фарови ја нагласуваат ширината на возилото. Тридимензионално дизајнираните задни светла и новиот заден браник со интегриран држач за регистарски таблички го карактеризираат дизајнот на задниот дел на новиот Cayenne. Проширената палета на бои со три нови бои, спортските пакети кои заштедуваат до 33 килограми за Cayenne Coupé и новата широка палета на тркала од 20, 21 и 22 инчи, овозможуваат индивидуално и динамично конфигурирање на новиот Cayenne.
Дигитализиран и фокусиран на возачот: Porsche Driver Experience
Porsche интегрира целосно ревидиран концепт на дисплеј и контрола во новиот Cayenne. Новиот Porsche Driver Experience, првпат претставен во Porsche Taycan, се фокусира на возачот. Функциите што возачот ги користи се наоѓаат директно на управувачот или веднаш до него, како рачката на менувачот. Ова создава простор во новата централна конзола за прегради за складирање и голем контролер за климатизација во елегантен дизајн на црн панел. Големите, лесно достапни контроли во комбинација со механички прекинувачи за климатизација и хаптички контролер за јачина на звук обезбедуваат оптимална оперативност и префинет изглед. Клучна карактеристика на новиот Porsche Driver Experience е правилната рамнотежа помеѓу дигиталните и аналогните елементи.
За прв пат, редизајнираниот кокпит на Cayenne вклучува целосно дигитална 12,6-инчна табла со инструменти со таканаречен заоблен и варијабилен екран. Head-up дисплејот е достапен како опција. Стандардниот 12,3-инчен централен дисплеј на Porsche Communication Management (PCM) хармонично се интегрира во новата контролна табла и обезбедува пристап до сите релевантни функции на возилото. Екранот од 10,9 инчи за прв пат е достапен за совозачката страна. Ова го збогатува искуството во возењето на совозачот со прикажување податоци за перформансите, обезбедување посебен пристап до контролите на системот за инфозабава и, во зависност од пазарот, опција за прикажување на видео содржини. Дисплејот поставен пред совозачот не се гледа од страна на возачот за да не го одвлекува неговото внимание.
Зголемена удобност и перформанси
Porsche го опремува Cayenne со челична пружинска суспензија, вклучително и Porsche Active Suspension Management (PASM). Новите амортизери со технологија со 2 вентили, а со тоа и одделните фази на враќање и компресија, овозможуваат оптимизирани перформанси во сите ситуации на возење. Конкретно, удобноста при мали брзини, управувањето при динамични свиоци и поддршката при теренско возење се значително подобрени. Возачкото искуство може дополнително да се подобри со новата адаптивна воздушна суспензија со технологија со 2 комори и 2 вентили. Ова го подобрува искуството во возењето со мека суспензија, го стабилизира возилото и го поедноставува управувањето на и надвор од патот – споредено со стандардната суспензија и со претходниот модел. Суспензијата исто така нуди уште поостра диференцијација помеѓу режимите на возење Normal, Sport и Sport Plus.
Достапен со дополнителна стандардна опрема
Стандардната опрема на Cayenne е значително проширена за да вклучи Matrix LED фарови, Porsche Active Suspension Management, 20-инчни тркала, предни и задни Park Assist системи вклучувајќи камера за паркирање и фиока за паметни телефони со индуктивно полнење до 15 вати. Новите модели се достапни за нарачка веднаш, а испораката во Македонија ќе започне во текот на оваа година.
(ПР текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Средба Минчев–Ејакуза: Отворена власт и квалитетна администрација за подобри услуги кон граѓаните

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари работна средба со извршниот директор на Партнерството за отворена власт (ПОВ), Аидан Ејакуза, во пресрет на тематскиот регионален состанок посветен на иницијативата Партнерство за отворена власт.
На средбата се разговараше за тековната имплементација на Националниот акциски план 2024–2026, како и за стратешките активности кои Министерството за јавна администрација ги презема во насока на унапредување на транспарентноста, отчетноста, дигитализацијата и граѓанското учество во институциите.
Министерот Минчев истакна дека Македонија останува целосно посветена на принципите на отворено владеење и дека ПОВ е клучна рамка за подобрување на квалитетот на јавните услуги и довербата на граѓаните во институциите.
„Нашата крајна цел е да изградиме јавна администрација која е професионална, отворена, достапна и во служба на граѓаните. Партнерството за отворена власт ни овозможува да ги зајакнеме механизмите за транспарентност и отчетност, но и да создадеме услови за поефикасни, квалитетни и правични јавни услуги. За нас, ова не е само меѓународна обврска, туку реална можност за подобрување на секојдневието на граѓаните“, изјави министерот Минчев.
Директорот Ејакуза го поздрави напредокот на државата и ја потенцираше важноста на активната вклученост на граѓанското општество и користењето на дигитални алатки како клучни двигатели на промените во рамките на иницијативата ПОВ. Тој ја охрабри земјата да продолжи со амбициозниот пристап и да ја зајакне улогата на Советот за ПОВ како форум за конструктивен дијалог и следење на имплементацијата.
Министерството за јавна администрација ќе продолжи со проактивен пристап и партнерска соработка со домашни и меѓународни учесници, со цел натамошно унапредување на транспарентноста, интегритетот и ефикасноста на јавните институции во Република Македонија.
Македонија
Николоски: Доста е од злоупотреби на тајните служби, процесуирање на одговорните е предуслов за демократијата во Македонија

Потпретседателот на Владата и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, повика Обвинителството да отвори истрага и да ги процесуира одговорните за наводната злоупотреба на тајните служби, оценувајќи дека расчистувањето е клучно за демократијата.
„Одговорност и процесуирање на одговорните за злоупотреба на тајните служби како предуслов за демократија во Македонија, објави на социјалните мрежи
Во опозиционите денови искажувавме сомнежи дека сме следени од тајните служби кои беа злоупотребувани од власта на СДСМ и ДУИ, а со нив и Стево Пендаровски.
Имавме сомнеж дека Агенцијата за разузнавање пишува клеветнички лажни извештаи до западните партнери и сојузници, а АНБ следела и прислушувала“.
Тоа, вели Николоски, беше начин за политичка дискредитација кој не им успеа.
„Промените се случија на минатогодишните избори, а со тоа и патот кон расчистување во тајните служби и одговорност за оние кои ги злоупотребуваа.
Повикувам: Обвинителството ова да го истражи и одговорните да бидат процесуирани. Доста е од злоупотреби на тајните служби“, пишува тој.
Македонија
До крајот на денот, сончево со мала до умерена облачност

Времето до крајот на денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Во текот на ноќта ќе преовладува претежно ведро и тивко време.
Утре сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 20, а максималната ќе достигне од 28 до 37 степени.
Во Скопје, времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе се спушти до 15, а максималната ќе достигне до 34 степени.
Во среда и четврток ќе биде променливо облачно, наместа нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме. Потоа следи стабилизирање на времето.