Свет
Откриена е причината за падот на украинскиот хеликоптер во кој загина министерот

Хеликоптерот што се урна во предградие на Киев, пришто загинаа 14 лица, меѓу кои и министерот за внатрешни работи, летал на мала височина при лоши временски услови, соопшти денеска обвинителството.
Хеликоптерот се урна во магла во близина на градинка на 18 јануари, а украинскиот претседател Володимир Зеленски го нарече страшна трагедија.
Меѓу жртвите беше и министерот за внатрешни работи Денис Монастирски (42), истакнат член на тимот на Зеленски. Хеликоптерот летал кон место во близина на бојното поле.
„Екипажот немаше соодветни дозволи за летање во такви услови“
Во извештајот на обвинителството за несреќата се обвинети пет службеници од итната помош за прекршување на правилата за безбедност на летот.
„Според истрагата, службените лица извршиле флагрантно прекршување на безбедноста во сообраќајот и правилата за управување со воздушниот сообраќај, што предизвикало смрт на луѓе“, се вели во соопштението.
Обвинителите велат дека властите го користеле хеликоптерот за да одговорат на потенцијални итни случаи во и околу Киев и дека тој не бил лиценциран за други видови летови.
Екипажот, исто така, немал соодветни дозволи за летање при тешки временски услови, соопштија обвинителите.
Поради тешките временски услови, екипажот на хеликоптерот бил принуден да лета на екстремно мала надморска височина, дури и пониска од висината на зградите долж трасата.
Шефот на екипажот ја забележал пречката и почнал да врши кружен маневар, но ненадејно ја изгубил ориентацијата и паднал поради недостаток на потребните вештини, се вели во извештајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Меланија ми рече дека е апсолутно прекрасно – Трамп за писмото што му го предаде Зеленски

Претседателот на САД, Доналд Трамп, во интервју за „Фокс њуз“ изјави дека намерно не го прочитал писмото што му го предаде украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера.
Зеленски за време на состанокот во Овалната соба му даде на Трамп писмо од неговата сопруга, адресирано до Меланија Трамп.
Ова се случи откако првата дама на Соединетите Американски Држави му напиша писмо на Путин.
Зборувајќи за писмото на Олена Зеленска, Трамп изјави за „Фокс њуз“ дека било запечатено. „Меланија ми рече дека е апсолутно прекрасно писмо“, рече тој.
„Сигурен сум дека е прекрасно писмо“.
Свет
Дизајнерот кој го облече Зеленски откри што се крие зад оделото што го носеше вчера во Белата куќа

Украинскиот моден дизајнер Виктор Анисимов, кој работеше на оделото за претседателот Володимир Зеленски, истакнува дека поформалниот стил што Зеленски го одбра за посетата на Белата куќа бил однапред планиран и не е само реакција на критиките што ги добил по февруарската средба во Овалниот кабинет.
Анисимов објаснува дека на новиот изглед работеле уште од јануари, пред да се појават критиките за претходниот избор.
Иако Зеленски е познат по својот едноставен и воен стил, дизајнерот вели дека претседателот одлучил да го развива својот имиџ со формална комбинација.
Оделото што Зеленски го носеше во Белата куќа, во сини и црни тонови, првично било дизајнирано за Денот на независноста на Украина.
„Не размислувавме за политичката симболика на облеката, туку како ќе изгледа и како ќе се чувствува претседателот во тоа одело“, рече Анисимов.
Според него, формалниот стил бил дел од поширока стратегија која го вклучуваше имиџот на Зеленски на светската политичка сцена, особено во светло на неговите напори да го заврши конфликтот во Украина без територијални отстапки и без одземање на членството во НАТО.
Иако модата стана централна тема на дискусија, Анисимов нагласува дека не бил загрижен за политичкото внимание што го предизвикала одлуката на Зеленски за облеката.
„Повеќе ме интересира кој ќе биде со нас како земја отколку што Зеленски носел“, рече дизајнерот, потенцирајќи дека за него многу поважен е исходот од состанокот и иднината на Украина.
Одлуката за поформален стил била дел од поширока стратегија на Зеленски да ја прикаже Украина како одлучна и сериозна нација на глобалната политичка сцена.
Свет
Трамп: Зеленски мора да биде флексибилен во преговорите, Европа сака да има војска на терен

Американскиот претседател беше прашан од новинарите дали има вести за можна трилатерална средба на која би учествувале рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски. Трамп рече дека вчера се слушнал со Путин и дека се надева оти рускиот лидер ќе се однесува како што треба. Ако не, додава Трамп, тоа ќе биде тешка ситуација.
Трамп изјави дека се надева дека Зеленски ќе направи што мора да направи, но нагласува дека мора да биде и „флексибилен“ во преговорите. Тој додава дека не би рекол дека Зеленски и Путин некогаш ќе станат „најдобри пријатели“, но забележува дека токму овие двајца лидери „мора да донесат клучни одлуки“.
Кога беше прашан за можноста за безбедносни гаранции, Трамп рече дека европските земји „ќе го преземат најголемиот товар“. „Тие сакаат да имаат војска на терен“, додава тој, осврнувајќи се на Франција, Германија и Обединетото Кралство. „Не мислам дека тоа ќе биде проблем.“
Кога беше прашан дали може да гарантира дека американските војници нема да бидат на терен, Трамп одговори потврдно.
„Вие ја имате мојата гаранција, а јас сум претседател. Само се обидувам да го спречам убивањето луѓе.“
Трамп, исто така, посочи дека поддршката на САД за безбедноста на Украина би можела да дојде во форма на воздушна сила. Американскиот претседател, исто така, рече дека отсекогаш ја сметал Украина за еден вид тампон-зона помеѓу Русија и Европа.
Трамп наведува дека вчера имал „многу добар разговор“ со Путин по средбата со Зеленски и европските лидери. „Не го направив тоа пред нив, мислев дека би било непочитување кон претседателот Путин“, вели тој. „Путин не сакаше да разговара со луѓе од Европа“.