Економија
АФПЗРР: Објавен нов јавен повик за финансиска поддршка на земјоделците

Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој го објави јавниот повик од ИПАРД II-програмата за доставување барања за користење средства по мерката 3 – Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи.
Финансиската поддршка за овој јавен повик е составена од 75 % средства обезбедени од инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија (ИПАРД) во согласност со финансиската спогодба 2014-2020 и 25 % средства обезбедени од буџетот на Република Северна Македонија.
Финансиски средства по поединечно барање се доделуваат како неповратна финансиска поддршка (грант) во износ до 50 % од вредноста на вкупно прифатливите трошоци на инвестициите.
Краен рок за поднесување на барањата е 18 септември 2023 година.
„Потребните обрасци од барањето за користење средства по мерката 3 од ИПАРД-програмата 2014-202, како и упатство за корисници на средства по мерката 3 од ИПАРД-програмата 2014-2020, односно матрицата на промени кон упатството, кои се однесуваат на овој јавен повик, во кој се содржани сите информации за критериумите, условите за прифатливост на проектите и условите за финансирање и други информации, кои се неопходни за изготвување барање за користење средства од ИПАРД-програмата 2014-2020, упатство за изготвување деловен план и други корисни информации во електронска верзија, може да се преземат на веб-адресата на Агенцијата: www.ipardpa.gov.mk.
Групите на инвестиции по приоритетни сектори се однесуваат на следните типови инвестиции:
Млеко и млечни производи;
Месо и производи од месо (вклучувајќи јајца и живина);
Овошје и зеленчук (вклучувајќи ги компирите, печурките и легуминозните култури);
Житни зрна, мелнички продукти и скроб;
Растителни производи и масла и маснотии од животни;
Шира, вино и оцет;
Производство на енергија преку погони за преработка и производи од животни од примарната и секундарната биомаса, со исклучок на биомаса од рибни производи“, се истакнува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Скенирањето сметки на апликацијата „МојДДВ“ е со прекини, УЈП извести за технички проблеми

Управата за јавни приходи извести дека мобилната апликација „МојДДВ“ во моментов работи со прекини. Тимот на УЈП интензивно работи на отстранување на проблемот, со цел апликацијата да биде целосно функционална.
„Ги информираме корисниците дека, согласно член 6 од Законот за враќање на дел од износот на ДДВ на физичките лица, фискалните сметки можат да се скенираат во рок од 10 дена од датумот на нивното издавање. Тоа значи дека сите сметки, кои се во рамки на овој рок, ќе можат да бидат скенирани веднаш штом апликацијата повторно биде ставена во функција. Ги молиме сите корисници за трпеливост и разбирање. Тимот на Управата за јавни приходи е целосно ангажиран и работи на надминување на техничките пречки“, соопшти Управата за јавни приходи.
Од таму не откриваат за какви технички проблеми се работи, ниту пак кога очекуваат да бидат надминати.
Економија
Мицкоски најави нова инвестиција во Штип

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денес одговарајќи на новинарско прашање во однос на најавата на директорот на Технолошко-индустриските развојни зони за 4 нови странски инвестиции, изјави:
„Во текот на вчерашниот ден, во разговор со директорот, имаме добра вест, нова инвестиција, потврдена во индустриската зона во Штип. Фабрика којашто ќе вработи до 150 луѓе. Фабрика којашто ќе инвестира некаде околу 35 милиони евра. Којашто во својот пик за три години од денес ќе извезува 300 милиони евра коишто ќе влезат во Бруто домашниот производ и ќе произведува батерии и тоа е добро. И тоа е добро, а за сите овие други, да имаме и потврди и полека ќе ги објавуваме. Ова е веќе договорено со инвеститорот и заради тоа го кажав, инаку фабриката е од земја од Европска Унија, да немаме дилема.“
Економија
Дизелот поевтинува за 2,5 денари

Од ноќеска на полноќ дизелот ќе поевтини за 2,5 денари, додека цените на бензините остануваат исти, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 28.6.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 95 – 77,50 (денари/литар)
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 98 – 79,50 (денари/литар)
– Дизел гориво – ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 70,50 (денари/литар)
– Масло за горење – Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) – 72,00 (денари/литар)
– Мазут М-1 НС – 40,188 (денари/килограм)
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 2,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС, се намалува за 1,499 ден/кг.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1), не се менуваат.