Свет
(Видео) Автобус со мигранти во Мексико падна во бездна длабока 40 метри, 18 мртви

Најмалку 18 лица загинаа, а 23 се повредени во автобуска несреќа во западно Мексико, при превоз на Мексиканци и мигранти на северот на земјата, соопштија властите.
„Вкупниот број на загинати во несреќата е 18, од кои тројца се малолетни и 15 возрасни“, соопшти полицијата во државата Најарит додавајќи дека несреќата се случила околу 3 часот по полноќ кога автобусот што сообраќал од Мексико за Тихуана паднал во бездната кај границата со САД.
„Повеќето од патниците беа странци од земји како Индија, Доминиканската Република и од африканскиот континент“, соопштија властите истакнувајќи дека некои патувале во Тихуана за да се обидат да преминат во САД.
Според пријавата, возачот на автобусот ја надминал дозволената брзина и изгубил контрола над возилото, кое паднало во бездна длабока 40 метри покрај патот.
Илјадници мигранти минуваат низ Мексико на пат кон северната граница на земјата за да побараат азил во САД или да се обидат да влезат без виза. Бројни мигранти патуваат илегално, скриени во камиони во нехумани услови. Во декември 2021 година 50 мигранти загинаа во камионска несреќа во Чијапас, јужно Мексико. Повеќето од нив беа од Централна Америка (Гватемала, Хондурас и Ел Салвадор).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Русија ја осудува острата ескалација на тензиите меѓу Израел и Иран

„Русија е загрижена и ја осудува острата ескалација на тензиите“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пренесува руски Интерфакс.
Тој изјави дека рускиот претседател Владимир Путин добива онлајн извештаи за настаните што се случуваат меѓу Израел и Иран.
„Претседателот Путин добива извештаи во реално време од руското Министерство за одбрана, Службата за надворешно разузнавање и Министерството за надворешни работи за настаните во регионот“, рече Песков.
Според него, руското Министерство за надворешни работи, по наредба на претседателот на Русија, наскоро ќе издаде детално соопштение за ситуацијата меѓу Израел и Иран, „кое потоа ќе биде дистрибуирано до Обединетите нации“.
Свет
Израел ги скри патничките авиони на тајна локација надвор од земјата

Израелските авиокомпании „Ел Ал“, „Аркија“ и „Исраир“ ги преместија своите авиони надвор од земјата на непозната локација, како подготовка за можен ирански напад врз аеродромот „Бен Гурион“, јавува дописникот на „Скај њуз“ од Блискиот Исток.
Авионите беа транспортирани без патници, како дел од однапред подготвени безбедносни протоколи во случај на понатамошна ескалација и напади врз клучна инфраструктура.
Ноќеска Израел изврши голем воздушен напад врз повеќе цели во Иран. Според израелски воени извори, погодени се објекти поврзани со нуклеарната програма на Иран и воени локации, вклучувајќи го и клучниот комплекс за збогатување ураниум во Натанц.
Свет
Германија ја зајакнува заштитата на еврејските и израелските институции по нападот врз Иран

Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека Израел има право да го брани своето постоење, а по израелските напади врз Иран, наредил зголемена заштита на еврејските и израелските објекти во Германија.
Утрово телефонски разговараше со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и свика состанок на кабинетот за безбедност во Берлин, објави германската влада.
Мерц нагласи дека целта останува да се спречи Иран да развива нуклеарно оружје и го обвини Техеран дека продолжува да ги крши своите обврски од Договорот за неширење на нуклеарно оружје и дека претставува сериозна закана за регионот, особено за Израел.
Тој ги повика двете страни да се воздржат од потези што би можеле дополнително да го ескалираат конфликтот и да го дестабилизираат Блискиот Исток.
Синоќа Израел изврши воздушен напад врз повеќе цели во Иран како дел од операцијата „Стоечки лав“. Според израелски воени извори, погодени се објекти поврзани со нуклеарната програма на Иран и воени локации, вклучувајќи го и клучниот комплекс за збогатување на ураниум во Натанц. МААЕ потврди дека Натанц е меѓу нападнатите локации и е во контакт со иранските власти за следење на нивото на зрачење.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека целта на операцијата е да се „неутрализира егзистенцијална закана“, истакнувајќи дека Иран со години развива нуклеарни капацитети и отворено се заканува дека ќе го уништи Израел. Иран го затвори својот воздушен простор, а израелската војска го подигна нивото на тревога за можен одговор, вклучително и лансирање беспилотни летала и ракети од Иран и територии контролирани од проирански групи.