Култура
В недела во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид ќе се изведе премиерата на театарската претстава „Едвард Втори“

В недела, со почеток во 21 часот, во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, ќе се изведе премиерата на театарската претстава „Едвард Втори“. Претставата е копродукциски проект на Драмскиот театар од Пловдив, Р. Бугарија, и театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од Велес, Република Северна Македонија, и е дел од официјалната програма на фестивалот Охридско лето. Претставата се реализира со поддршка на Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје и Министерството за култура на Република Северна Македонија.
Соработката меѓу двата театра опфаќа две копродукции.
„Двегодишниот проект опфаќа создавање две претстави потпишани од значајни европски режисери – ‘Едвард Втори’, дело на Андриј Жолдак, Украина и перформанс на Дијана Добрева, Бугарија. Двете копродукции ќе бидат проби на сцените на двата театра и ќе бидат придружени со работилници, на кои ќе земат учество студенти од Универзитетот ‘Европа прима’, информираа од Драмскиот театар во Пловдив.
Инаку, претставата „Едвард Втори“ на Кристофер Марлоу има неколку насоки. Главната насока е приказната за Едвард II, проследена од „Ричард Втори“ од Шекспир. Темите за кои се зборува се односот татко и син, во отсуство на мајката, потоа мотивите на моќта и луксузот, а со тоа и прекумерното уживање, енергијата на младите луѓе и нивната директност.
„Едвард Втори“ е во режија на Андриј Жолдак од Украина, а драматург е Сашо Димовски од велешкиот театар. Ликот на Едвард Втори го игра актерот од театарот од Пловдив, Борис Крстев.
„Крајниот конфликт на 21 век е конфликтот за превласт меѓу мажот и жената и во текот на оваа претстава ќе видиме како тоа се одвива. Овие нишки се раскажуваат низ разни театарски форми, од психолошки вистинити ситуации до ритуален театар и од современиот физички театар до можниот театар на иднината. Во центарот на приказната се актерите, кои се вистински личности и преку нив можеме да видиме и нешто за луѓето што живеат денес, во 2023 година“, истакна режисерот Жолдак.
Претставата не е наменета за лица помлади од 16 години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Концерт на музичари од поранешна Југославија во Филхармонијата

Во петок, 5 септември, во Камерната сала на Македонската филхармонија, публиката ќе има можност за прв пат во Скопје да го слушне No Borders Orchestra, ансамбл во кој свират најдобрите професионални музичари од поранешна Југославија.
Програмата ќе вклучува некои од најубавите дела некогаш напишани за гудачки оркестар: Adagietto од Малер, Verklärte Nacht од Шенберг и Metamorphosis од Штраус. Ова се дела кои, според уметничкиот директор Премил Петровиќ, претставуваат експлозија на страст собрана околу темите Љубов и Смрт.
Делата на овие тројца композитори се среќаваат и се одразуваат во делата на најважните помлади регионални композитори, меѓу кои е и една композиторка од Северна Македонија, кои го тематизираат нашето време на криза и неопходната потреба за трансформација на сите нас и на сите нивоа. Композиции од Нина Перовиќ (Црна Гора), Давор Бранимир Винце (Хрватска), Дарија Андовска (Северна Македонија) и Марко Никодијевиќ (Србија) беа напишани специјално за овој проект.
Социјалната мисија на овој ансамбл, во кој свират музичари од Западен Балкан, секогаш укажува и охрабрува позитивни општествени промени, соработка и толеранција, но исто така допира до луѓето и комуницира со публиката на иновативен и емотивен начин.
Култура
Кинотеката на Македонија ја почнува новата Филмска училница

Кинотеката на Македонија од 13 септември 2025 ја почнува новата Филмска училница, едукативна програма наменета за ученици од основното образование (11 до 14 години), кои сакаат да ја откријат магијата на филмот и да ги совладаат првите чекори во создавањето сопствени кратки филмови.
Филмската училница ќе се одвива секоја сабота, во текот на десетина последователни викенди, до почетокот на декември. Учесниците ќе имаат можност да се запознаат со процесот на создавање филм – од идеја и сценарио, преку снимање и монтажа, до финална проекција пред публика.
Сите училници ќе ги предводи режисерот Саша Станишиќ, долгогодишен едукатор и филмски професионалец, а во улога на гости предавачи ќе се вклучат и монтажери, кинематографери, сценаристи и продуценти, кои ќе им ги откријат на младите филмаџии тајните на професијата.
Филмската училница 2025 се реализира во рамките на меѓународниот проект FilmED, финансиран од Европската Унија преку програмата Creative Europe – MEDIA, со цел развој на филмска писменост, промоција на европската кинематографија и збогатување на едукативните ресурси за млади. Проектот ги обединува институциите и организациите од Македонија (Кинотека на РС Македонија), Полска (Центар за филмска култура „Анджеј Вајда“), Унгарија (Национален филмски центар на Унгарија), Чешка („Крутон“) и Словачка (кино „Усмев“), со координација на Гете-институтот од Прага.
Со оваа иницијатива Кинотеката продолжува со својата посветеност на младата публика и развивање нови генерации што критички ќе го разбираат и креираат филмот како медиум што ги поврзува креативноста, културата и современото образование.
Повеќе информации за проектот можете да пронајдете на веб-страницата https://film-ed.eu/.
Сите дополнителни информации можете да ги добиете на веб-страницата https://kinoteka.mk/, https://filmskauchilnica.mk/, како и на телефонскиот број +389 78 398 085 и на е-поштата [email protected]
Култура
Продолжува кампањата „Читаме современи македонски автори“ во Градската библиотека

ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје го започнува четвртиот циклус од кампањата „Читаме современи македонски автори“ со романот „Три Марии“ од Оливера Ќорвезироска како книга на месецот, а разговорот со авторката ќе се одржи в среда (3 септември) во 19 часот во спомен-собата „Т’га за југ“.
Кампањата започна во септември 2022 година и досега беа претставени вкупно 24 современи македонски автори и исто толку дела.
Проектот, низ трите препознатливи фази (книга на месецот, разговор со авторот и клуб на читатели) значително го зголеми интересот за современата македонската книжевност низ сите библиотеки од мрежата на ГБСК, па и пошироко. „Читаме современи македонски автори“ во 2024 година беше проласена за Промотор на читачката култура од страна на Македонската асоцијација на издавачи (МАИ).
Во четвртиот циклус од „Читаме современи македонски автори, исто така, предвидени се осум автори и дела. Книгата за месец септември е „Три Марии“ од Оливера Ќорвезироска (издание на Арс Ламина), добитник на Рациновото признание за 2025 година.
Ова е трет роман за возрасни на Ќорвезироска по „Заклученото тело на Лу“ и „Аб’т“. Тој е внимателно осмислен омаж на Славко Јаневски, којшто не е класична посвета, ниту римејк на конкретно дело. „Три Марии“ содржи три самостојни приказни за три различни жени кои носат исто име – Марија и кои сакаат да ги напуштат моментните животи поради грешна љубов. Своја или туѓа. Она што ги обединува во романескна структура е токму станот што се издава и што сите три сакаат да го изнајмат, барајќи спас во него.
Разговорот со Ќорвезироска ќе го води книжевната критичарка Александра Јуруковска, а фрагменти ќе чита актерот Андреј Серафимовски.