Македонија
Ковачевски: Нема да има подобар договор ниту нови условувања, да донесеме одлука со која сите ќе се гордееме
На сите нас во државата треба да ни биде јасно-нема да има подобар договор, нема да има да има нов договор, нема да има друга преговарачка рамка и ова е единствената вистина, која не ја кажувам јас, не ја вели СДСМ, Владата, тоа е ставот на Европската Унија, изјави претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски во интервју за Медиумската информативна агенција МИА, пренесуваат од СДСМ чијшто претседател е Ковачевски.
Ковачевски истакна дека нема да има нови барања од страна на Бугарија и дека за тоа постојат цврсти гаранции од највиоските челници на ЕУ но и од самата Бугарија.
„Прилично јасни се работите, нови условувања за нас не може да има. Јасни беа и пораките од меѓународна заедница дека нема да има нови барања. Канцеларот Олаф Шолц за време на нашата заедничка средба, но и потоа јавно посочи дека за Германија нема никакви дилеми дека нови барања надвор од утврдената Преговарачка рамка не може да има. Да потсетам тоа беше децидно кажано и во Декларацијата на германскиот Бундестаг. Дека нема пречки за пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ и дека билатералните прашања нема да го одредат пристапниот процес на земјава кон членство во Унијата е и ставот на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Жозеп Борел. Исто така, и Бугарија на повеќе наврати го потврди истото. Претседателот на Бугарија, Радев, потпретседателката Јотова, бугарското МНР, сите тие беа многу јасни во изјавите дека нема нови услови, очекувањата се дека ќе се исполнат договорените услови во преговарачката рамка“ посочи Ковачевски.
Претседателот Ковачевски порача дека е потребен национален општествен консензус за конечно да ја постигнеме стратешката цел, Северна Македонија да стане членка на ЕУ, пренесуваат СДСМ во соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почна изградбата на водовод и атмосферска канализација во Ласкарце – инвестиција од 85 милиони денари
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска присуствуваше на почетокот на изградбата на водоводната мрежа и атмосферската канализација за жителите на селото Ласкарце во општина Сарај.
„Правиме пресврт во начинот на кој ја третираме состојбата на терен. Целта е трајно да ги решиме инфраструктурните проблеми“, изјави Хоџа.
Инвестицијата во Ласкарце за изградба на водоводната мрежа и атмосферската канализација изнесува 85 милиони денари, средства обезбедени од Министерството за животна средина и просторно планирање, и претставува дел од поширок пакет проекти со кои систематски се решаваат долгогодишните проблеми на граѓаните во општина Сарај.
Наскоро ќе започне и уредувањето на Сува Река, со што ќе се обезбеди трајно решение за намалување на ризикот од поплави во населените места на оваа општина.
Македонија
(Видео) Поскапувањата во јануари и февруари го „изедоа“ владиното покачување на минималната плата, ССМ пресмета 969 денари поскапа кошничка за февруари
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) за месец февруари пресмета зголемување на вредноста на минималната потрошувачка кошничка за 969 денари, објави денес претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов. За толку беше зголемена вредноста на потрошувачката кошничка што ја пресметува ССМ и во јануари, па Трендафилов направи споредба со најавата за системско усогласување на минималната плата следниот месец.
„Вредноста на синдикалната минимална кошничка за месец февруари повторно е зголемена и тоа за вредност од 969 денари. Истата изнесува 67.382 денари. За два месеци, од почетокот на годината веќе го ‘изеде’ најавеното усогласување на минималната плата кое функционерите сакаат да им го дадат на работниците од 1.500 денари односно секое семејство на работниците е посиромашно за 2.000 денари за само два месеца“, вели претседателот на ССМ.
Тој направи пресметка и за колку се зголеми синдикалната кошничка во изминативе две години, период во кој ССМ бара зголемување на минималната плата. „За 24 месеци, односно онолку време колку што одбиваат да ја зголемат минималната плата, вредноста на синдикалната минимална кошничка е зголемена за повеќе од 10.000 денари. Затоа, наместо да се препукуваат на грбот на работниците во парламентот и политичките партии да застанат со нив, да ја изгласаат новата минимална плата која треба да изнесува 600 евра и да ги зголемат сите останати плати за најмалку 6.000 денари затоа што животот очигледно е дека само за функционерите и за газдите е добар во Македонија, додека работниците тонат во сиромаштија“, рече претседателот Трендафилов.
ССМ по блокадите на Собранието, стопанските комори и на Владата, ѝ даде рок на Владата до крајот на месецов да ја зголеми минималната плата на 600 евра, а сите останати за 100 евра. Доколку минималната плата не се зголеми во тој рок, на почетокот на март ССМ најави дека ќе организира генерален штрајк и во јавниот и во приватниот сектор, во работен ден.
Македонија
Со оружје, стотици парчиња муниција и импровизирани направи во возилото, Италијанец се обидел да ја помине границата на Табановце – приведен е
На Граничниот премин Табановце, на влез во државата, полициски службеници го привеле С.В. (45) од Италија.
При гранични проверки и контрола на возило со италијански национални ознаки, кое го управувал, биле пронајдени и одземени осум импровизирани направи со игла за активирање на непозната муниција, пиштол калибар 22, шест кутивчиња со по 100 парчиња муниција, едно кутивче со 200 парчиња муниција, едно кутивче со 60 парчиња муниција, како и други предмети.
По наредба на јавен обвинител, лицето е задржано во полициска станица, а по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

