Македонија
На бонбона-бизнисите им нема крај: директорот на штаб на ДПМНЕ награден со 18,5 милиони денари за две години, велат од Левицата
Општините, каде што на власт се кадрите на ДПМНЕ, се претворени во цицачи за финансирање на функционерите и елитата во друштво на Мицкоски, обвинува Левицата.
„Новоназначените лица од Мицкоски кои секојдневно пропагираат борба против криминалот и корупцијата во државава, за делење тендери и крадење на нашите народни пари зборуваат во прво лице, бидејќи и самите тие, како и оние кои ги осудуваат во јавност, си оствариле огромен сопствен бенефит. Имено, вкупно 18.053.858,5 денари градоначалниците на само две општини му подариле на директорот на Централниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, Ивица Томовски, поточно неговата компанија ‘Сити логистикс’“, велат од Левицата.
„Ова е уште еден еклатантен пример како човекот кој секојдневно се појавуваше на прес-конференции, зборуваше за паразити кои ја празнат државната каса, тргнал и тој самиот по истиот пат и тоа не од сега, туку веќе пред некоја година.
Во општина Гази Баба е склучен Договор за реконструкција на објект Трубарево – втора фаза меѓу ЈКП Гази Баба и Сити Логистикс, на ден 21.02.2023 година во вредност од 5.000.001,02 денари. Потпишан е од в.д. директорот Игор Атанасовски. Дополнително, уште еден Договор за реконструкција на објект меѓу ЈКП Гази Баба и Сити логистикс е склучен на ден 05.12.2022 година во вредност од 4.800.013,44 денари. Овој договор е исто така потпишан од в.д. директорот Игор Атанасовски. Тоа се вкупно од Гази Баба 9.800.014,46 денари. Томовски и претходно бил мотивиран за својата работа во партијата и тоа токму од неговиот лидер, Мицкоски“, се вели во соопштението на Левица.
„Со потпис на Хистијан Мицкоски, Ивица Томовски од ВМРО-ДПМНЕ бил избран за Управител на ЕЛЕМ Турс ДООЕЛ Скопје во 2017 година. Само од плати во тој период Томовски добивал над 2 милиони денари или над 30.000 евра. Компанијата Сити Логистикс и тогаш не била оставена на цедило бидејќи како тогашен Управител на ЕЛЕМ Турс, Томовски добивал тендери токму од ЕЛЕМ за чистење на деловните простории каде што еден од тие договори е со вредност од 2 милиони и 600 илјади денари, поточно 42.000 евра. На тој договор потпис имаат ставено управителот Томовски и Мицкоски.
Неколку општини ги одржуваат во живот неколкуте компании блиски до Мицкоски, другите општини директно му даваат финансиски инекции, а централната власт се грижи за сопствените тендери“, се додава во соопштението на Левицата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно време со локални врнежи од снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во западните делови ќе има локални врнежи од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -12 до -2, а максималната ќе достигне од -2 до 8 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -7, а максималната ќе достигне до 6 степени.
Утре кон крајот на денот, во текот на ноќта и во среда се очекуваат повремени врнежи претежно од снег. Во четврток ќе биде претежно облачно, а во петок ќе преовладува умерено облачно време со сончеви периоди.
По котлините ќе има услови за појава на магла.
Од сабота, најпрво во западните делови, а потоа насекаде, повторно се очекуваат врнежи од дожд и снег.
Македонија
Лимани од Букурешт: Северна Македонија гради модерен, инклузивен и дигитализиран систем на социјални услуги
Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани учествува на тридневна регионална конференција во Букурешт, Романија. Конференцијата насловена – Од рамка до акција: Градење посилни, поинклузивни и интегрирани социјални услуги ги обедини креаторите на владини политики на европско ниво, претставниците на Светска Банка за Европа и Азија, академската фела и експертите за социјални политики со цел размена на искуства и унапредување на социјалните сервиси.
Министерот Лимани кој се обрати во министерската сесија се осврна на реформата на системот за социјална заштита во Северна Македонија, започната во 2019 година, која претставува директен одраз на стратешките приоритети на Владата – социјална правда, економска инклузија, грижа за младите и семејствата и изградба на функционална, модерна и дигитална држава.
„Во услови на повеќекратни кризи – економски, здравствени и енергетски, ние одлучивме да инвестираме во луѓето. Затоа оваа реформа е вредносна. Таа ја промени логиката на системот: од фрагментирана помош кон интегрирана, од администрирање кон грижа, од централизирани институции кон услуги блиску до граѓаните. Оваа реформа е резултат на долгогодишната и континуирана соработка со Светска банка, чија стручна и финансиска поддршка беше од клучно значење за нејзината подготовка и успешна имплементација. Без оваа поддршка, реформскиот процес тешко дека ќе беше реализиран или ќе ги постигнеше планираните резултати ,“ истакна Лимани.
Тој истакна неколку клучни промени кои придонеле за унапредување на социјалната заштита во државата, како креирање на цврста законска и институционална рамка, усогласена со европски стандарди. Притоа ги посочи новиот Закон за социјална заштита, Законот за социјална сигурност на стари лица и измените на Законот за заштита на децата кои се темелот за градење на стабилен систем кој е правичен, транспарентен, одржлив.
„Борбата против сиромаштијата и социјалната исклученост ја адресиравме преку темелна реформа на паричните надоместоци. Го поедноставивме системот, воведовме реално таргетирање според потребите на домаќинствата и ги зголемивме износите за најранливите категории за над 300%,“ посочи Лимани.
Лимани зборуваше и за темелната реформа на центрите за социјална работа, со која социјалната заштита се трансформира од пасивен во активен систем. Зборуваше за инвестициите во инфраструктурата, човечките ресурси и професионализацијата на услугите.
Тој ја истакна децентрализацијата и развојот на социјалните услуги како јасен и директен одраз на владината политика за рамномерен регионален развој.
„Денес функционира мрежа од над 150 лиценцирани даватели на социјални услуги, а услугите за помош и нега во домот и личната асистенција се веќе реалност во десетици општини низ државата, обезбедувајќи поддршка, достоинство и поголема вклученост за најранливите категории граѓани. Како резултат, освен што се подобри грижата, се создадоа и над 1.500 нови работни места за лица кои претходно беа корисници на социјална помош или долгорочно невработени,“ рече Лимани.
Тој се осврна и на воспоставувањето на интегриран дигитален систем кој поврзува институции и овозможува 90% од податоците да се разменуваат по службена должност, во реално време. Тој посочи дека тоа значи помалку администрација, помалку коруптивен ризик и повеќе доверба во институциите.
„Оваа реформа е доказ дека социјалната политика може да биде столб на економскиот развој, демографската стабилност и европската интеграција,“ порача Лимани.
Во рамки на посетата на Романија, министерот Лимани оствари билатерална средба со министерот за труд, семејство, млади и социјална солидарност на Романија, Петре-Флорин Маноле. На средбата се разговараше за досегашната соработка помеѓу двете земји и продлабочување на истата и размена на искуства во областите кои се во надлежност на министерствата, а од која придобивки би им имале граѓаните на двете држави.
Македонија
АА: Нема да дозволиме преку политички маневри да се укине институционалната застапеност на Албанците
Алијансата за Албанците реагира на информациите дека Подрачната единица за внатрешни работи Струга–Дебар–Кичево се предвидува да биде деградирана во единица од втора категорија. Од таму велат дека нема да дозволат преку административни одлуки или политички маневри да се укине институционалната застапеност на Албанците и да се погази принципот на еднаквост во оваа држава.
„Алијансата за Албанците чувствува јавна и институционална обврска силно да реагира на сериозните информации кои кружат во јавноста, според кои Владата на Република Северна Македонија, преку Министерството за внатрешни работи, подготвува законски измени и нова систематизација на работните места кои директно и штетно го нарушуваат институционалниот статус на градовите Струга, Дебар и Кичево“, изјави Њомза Асани Шаќири, портпаролка на Алијансата за Албанците.
Според неа, со овие измени, Подрачната единица за внатрешни работи Струга–Дебар–Кичево се предвидува да биде деградирана во единица од втора категорија, при што, како што вели, ќе ги изгубат основните оперативни надлежности, командната структура и функционалната автономија. Асани Шаќири додава дека сите надлежности се предвидува да бидат префрлени под јурисдикција на Секторот за внатрешни работи во Охрид.
„Оваа административна реорганизација не е само техничко прашање. Таа произведува сериозни политички, институционални и општествени последици. Конкретно, во градовите со албанско мнозинство повеќе не се предвидуваат клучни раководни позиции во безбедносните структури, како што се: началник на полицијата, началник на одделението за борба против криминал и заменик-командир во полициските станици“, рече Асани Шаќири и додаде дека систематското укинување на овие позиции претставува сериозен удар врз институционалната застапеност на Албанците и реален ризик за локалната безбедност и довербата на граѓаните во државните институции.
Во овој контекст, рече таа, Алијансата за Албанците упатува директен повик до претставниците на коалицијата ВЛЕН да ја преземат политичката одговорност што им припаѓа, да реагираат без одлагање и јасно да се позиционираат во заштита на интересите на албанските граѓани во Струга, Дебар и Кичево.

