Македонија
Димитриевски: Да се намалат приходите на функционерите и процентуално еднакво да се покачат платите и пензиите на сите
„Надлежните итно и најтранспарентно да ја информираат јавноста со колку средства располага пензискиот фонд. Недозволиво е за политичката елита седумдесет и осум проценти покачување на платите, а на пензионерите шест проценти. Доколку градиме праведна држава, тогаш праведно е процентуално еднакво покачување на приходите за сите. Да се намали на функционерите и еднакво да се распредели на другите“, бара градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски.
Според него, барањата на пензионерите, кои преку протестни собири бараат линеарно покачување на пензиите, се реални и неопходни истакнувајќи дека токму тие своевремено беа финансискиот столб во семејството, а денеска се сведени на преживување и елементарна егзистенција на нивните семејства.
„Токму овие генерации граѓани со лопата и крампа изградија сѐ во државата и сведоци се како поединци во политиката разграбаа сѐ! Нивните одбитоци за пензиско и инвалидско осигурување во минатото беа основа за создавање на пензискиот фонд, денеска тие не го користат ниту делумно тоа што го уплаќале тогаш. Нема потреба да донираме и да се рекламираме секој месец на социјални мрежи и медиуми, тие средства се граѓански и од буџетот на Македонија нека ги усогласат платите и распределат средствата со закон“, порачува Димитриевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Облачно време со врнежи од дожд и температуриа до 9 степени
Времето денеска ќе биде облачно со повремени врнежи од дожд, пообилни во источните делови (над 35 l/m²). На планините врнежите ќе бидат од снег, а на некои од повисоките места од дожд и снег. Ќе дува умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северозападен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 9 степени.
Во Скопје, облачно со повремени врнежи од дожд. Во повисоките делови од котлината врнежите ќе бидат од дожд и снег. Ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 5 степени.
Утре на планините и на повисоките места ќе провејува слаб снег. Од недела времето ќе биде стабилно со ниски утрински температури, а дневните ќе бидат во пораст. По одделни котлини ќе има појава на магла и таму температурата ќе остане пониска.
Македонија
АМСМ: Тековен сообраќај по влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози, информира АМСМ.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Потсетување дека патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица од 21.11.2025 до 31.03.2026 година се затвора за сообраќај за сите видови возила.
Македонија
Дел од корисниците од Гази Баба без струја
Дел од корисниците од Гази Баба денеска ќе останат без струја.
„Од ЕВН Македонија АД добивме известување дека на ден 28.11.2025 година ( Петок ) без електрична енергија ќе останат: во периодот од 08:30 до 14:30 часот, корисниците на ул.2 во Раштак ( општина Гази Баба )“, информира РЦУК.

