Свет
Најмалку 60 лица загинаа во невремето во Кина

Обилни врнежи што ја зафатија северна Кина во последните денови однесоа најмалку 62 животи, според најновите податоци, кои покажуваат дека само во Пекинг за една недела бројот на жртви се зголемил тројно.
Тајфунот Доксури, кој ослабна до невреме откога веќе ги погоди соседните Филипини, погоди делови од Кина минатата недела носејќи обилни дождови, кои предизвикаа голема штета.
Особено беа погодени главниот град Пекинг, кој ги забележа најобилните врнежи во последните 140 години, и соседната провинција Хебеј.
Денеска, бројот на загинати во Пекинг се искачи на најмалку 33, а 18 лица се водат како исчезнати. Врнежите го погодија североисточниот дел на Кина во близина на Русија и Северна Кореја.
Во соседната провинција Хебеј најмалку 15 лица загинаа во невремето, а во североисточна Кина, во голема провинција што произведува жито, најмалку 14 лица.
Кинеските власти во петокот објавија дека при природни катастрофи во јули загинале или исчезнале најмалку 147 лица. Овие жртви не се предизвикани само од тајфунот Доксури.
Во последните месеци Кина се соочи со екстремни временски услови и температури за кои, според научниците, се одговорни климатските промени.
Во планинската провинција Сечуан (југозапад) денеска загинаа најмалку седум лица во ненадеен порој, јавува „Ксинхуа“.
Десетина луѓе се фотографирале во близина на брана во популарниот туристички град Јаан кога биле однесени од силен порој, објави државната телевизија CCTV.
На снимката се гледа како луѓето се борат да ги држат главите над водата и се слуша нивниот плач. Метеоролошките служби предупредуваат на опасност од обилни врнежи денеска во областа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Рубио: И Русија и Украина ќе мора да попуштат

Додека украинскиот претседател Володимир Зеленски зборуваше во Брисел, американскиот државен секретар Марко Рубио даде интервју во Соединетите Американски Држави, коментирајќи ги резултатите од неодамнешниот самит меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин.
Рубио, кој учествуваше на самитот заедно со Трамп, рече дека и Русија и Украина ќе мора да направат отстапки ако сакаат да постигнат мировен договор.
„Двете страни сакаат работи што нема да можат да ги добијат“, рече Рубио. „Можеби дури и не е можно Соединетите Американски Држави да создадат сценарио што би ја завршило војната во Украина“.
Сепак, тој нагласи дека мора да се разговара за безбедносните гаранции за Украина, што го смета за клучен елемент на секој можен договор.
Додаде и дека американската администрација забележала доволен напредок за да го оправда продолжувањето на разговорите со Зеленски.
Свет
Фон дер Лајен: Украина мора да има неограничена воена поддршка и безбедносни гаранции

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека не смее да има ограничувања за украинската армија или странската воена помош.
„Не смее да има ограничувања за украинските вооружени сили, без разлика дали станува збор за соработка со трети земји или за помош од трети земји“, рече фон дер Лајен пред состанокот на европските лидери и самитот во Вашингтон во понеделник, на кој ќе се разговара за евентуален мировен договор меѓу Украина и Русија.
„Како што често велам, Украина мора да стане железна брана, непробојна за евентуални напаѓачи“, рече шефицата на Комисијата на прес-конференција во Брисел, заедно со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Фон дер Лајен го пофали предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп да ѝ понуди на Украина безбедносни гаранции инспирирани од НАТО.
„Ја поздравуваме волјата на претседателот Трамп да обезбеди безбедносни гаранции на Украина, слични на Член 5“, рече таа, додавајќи дека Украина мора да има можност да го зачува својот територијален интегритет.
Фон дер Лајен рече дека терминот „прекин на огнот“ е помалку важен од потребата да се запре убивањето.
„Важен е перформансот. А перформансот мора да биде да се запре убивањето“, рече таа. „Затоа, не е важен изразот, туку содржината. Важно е трилатералниот состанок на претседателите на Украина, САД и Русија да се одржи што е можно поскоро“, истакна шефицата на Европската комисија, во изјава пред најавената видеоконференција на коалицијата на добронамерните.
Свет
Америка ѝ нуди на Украина заштита слична на НАТО, Путин, наводно, се согласил

Американскиот претставник Стив Виткоф изјави во интервју за „Си-ен-ен“ дека рускиот претседател Владимир Путин за прв пат се согласил да вклучи клаузула за колективна одбрана во потенцијален мировен договор за Украина.
Зборувајќи во емисијата „Состојбата на Унијата“, Виткоф појасни дека договорот е замислен како заобиколување на црвената линија на Русија – членството на Украина во НАТО. Наместо формално да се приклучат на Алијансата, САД и европските земји ќе понудат безбедносни гаранции со формулацијата „слична на Член 5“, која ги обврзува сите членки на меѓусебна одбрана.
„Се согласивме дека Соединетите Американски Држави и другите европски земји би можеле да понудат формулација слична на Член 5 како дел од безбедносната гаранција“, рече Виткоф. Тој додаде дека Путин јасно ставил до знаење дека членството на Украина во НАТО е неприфатливо, но дека тие ги започнале преговорите од претпоставката дека Украинците можат да се согласат на алтернатива.
„Сè зависи од тоа со што можат да живеат Украинците. Но, почнувајќи од тоа, успеавме да ја добиеме оваа отстапка – дека САД можат да понудат заштита слична на Член 5“, рече тој.
Виткоф нагласи дека ова е „прв пат да слушнеме дека Русите се согласиле“ на таква клаузула во кој било мировен договор.
Досега, ниту рускиот претседател ниту други функционери јавно не коментирале за толкувањето на преговорите од страна на администрацијата на Трамп.