Регион
Еколошка катастрофа во Словенија: реките во поплавените подрачја остануваат речиси без риби

Реките во Словенија, во подрачјата погодени од недамнешните поплави, ќе останат речиси без риби, соопшти денеска Словенечкото риболовно здружение.
Поголемиот дел од рибите угинале од силните струи и од матната вода, пренесува „СТА“.
Многумина што успеале да преживеат завршиле на полињата, додека некои од нив биле спасени од рибари кога водата се повлекла.
Рибите ќе бидат повторно населени каде што тоа е можно, така што некои што се одгледуваат на вештачки начин, како што е пастрмката, ќе бидат преместени од рибниците во реките, додека видовите кои не се одгледуваат вештачки ќе мора да се населат природно, што ќе трае најмалку три години.
Многу млади риби угинаа бидејќи не можеа да се повлечат, изјави претседателот на Словенечкото риболовно здружение Мирослав Жаберл.
Реките беа контаминирани со отпадни води и нафта од резервоарите.
„Сето ова не е добро ниту за потоците, ниту за рибите“, рече Жеберл.
Засега не е јасно дали рибата која е зафатена од поплавите ќе биде безбедна за консумирање.
„Не можат да се проценат штетите што ќе ги имаат нашите рибари поради празните реки и потоци“, рече Заберл и додаде дека состојбата по поплавите ќе влијае и на риболовниот туризам.
Се надеваат дека Владата на подолг период ќе ги ослободи од надоместоци и такси, а очекуваат и финансиска помош за реновирање на риболовните капацитети и повторно внесување на рибите во потоците.
Тој рече и дека рибарите ќе продолжат да помагаат во санирањето на последиците од поплавите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Завршени обдукциите на четворицата државјани на Малта кои загинаа во сообраќајна несреќа во Хрватска

Давењето е најверојатната причина за смртта на двата брачни пара од Малта кои загинаа минатиот четврток во тешка сообраќајна несреќа во Буница кај Сењ, Хрватска, кога нивниот автомобил излеѕа од Јадранската магистрала во морето.
Ова го открија прелиминарните резултати од обдукцијата спроведена во Риечкиот институт за судска медицина и криминалистика, пишува риечкиот портал Бурин.
Иако лабораториските тестови сè уште се во тек, давењето се смета за најверојатна причина за смртта. Починатиот Џереми Гамбин (68), неговата сопруга Лорејн (67), Кевин Боничи (67) и неговата сопруга Александра (66) претрпеле само полесни повреди кои не можат да се поврзат со смртта.
Се верува дека сите носеле безбедносни појаси кога нивниот „ленд ровер дискавери“ излетал клисурата, а потоа и во морето.
Веднаш по несреќата, се сомневаше дека на возачот му се слошило, поради што ја изгубил контролата врз возилото на малата кривина. Сепак, обдукцијата не ја потврдила оваа шпекулација, објавија хрватските медиуми.
Утврдено е дека сите жртви имале здрави срца, без претходни срцеви удари или други здравствени проблеми што би можеле да ја предизвикаат несреќата.
Останува нејасно зошто возачот, за кој се верува дека е Кевин Боничи, ја изгубил контролата врз возилото. Тој бил пронајден во скутот на патникот Џереми Гамбино, додека нивните сопруги биле на задното седиште.
Трагедијата покрена голем број прашања, првенствено зошто патниците не можеле да излезат од автомобилот, кој потонал на длабочина од 11 до 12 метри.
Никој од нив не претрпел повреди што би предизвикале губење на свеста, но вратите од смачканото возило не можеле да се отворат.
Автомобилот, кој мажот од Малта го изнајмил на аеродромот во Загреб, бил извлечен од морето минатиот петок. Нуркачи и камион за влечење учествувале во операцијата.
Полицискиот службеник Јасмин Мујаковиќ, кој прв пристигнал на местото на настанот, скокнал во морето и нуркал неколку пати, но безуспешно се обидел да ја отвори вратата. Телото на една жена исплутало од возилото, додека другите три жртви биле пронајдени во автомобилот.
фото: принтскрин
Регион
(Видео/Фото) Србите и Унгарците одржаа заедничка воена вежба

Србија и Унгарија одржаа заедничка воена вежба „Соседи 25“ со цел зголемување на нивото на соработка меѓу армиите на двете земји и размена на борбени искуства, соопшти српското Министерство за одбрана.
Вежбата се одржа на воениот полигон Пасуљанске ливаде со учество на припадници на Првата бригада на српската армија и 30-та механизирана бригада на Унгарија.
За време на повеќедневната вежба, војниците заедно ги вежбаа дејствата на единиците во тактички операции, вклучително и употребата на современи борбени возила, комуникациски системи и опрема за собирање и обработка на разузнавачки информации.
Ова е десетта заедничка вежба наречена „Соседи“ што ја спроведуваат вооружените сили на Србија и Унгарија.
Регион
Во Бугарија и Романија на сила црвен метео аларм поради обилни дождови

Во Бугарија и Романија на сила е црвен метео аларм поради обилни дождови. Обилните дождови продолжија да ја погодуваат Бугарија, што доведе до затворање на патишта, прогласување црвен метео аларм во неколку области, а 51 населено место останаа без електрична енергија поради бурата. Надлежните органи го интензивираат надзорот над сите мостови и инфраструктура што е потенцијално оштетена од поплавите, пишува денес „Новините“. Службениците предупредија дека секоја локација што е изложена на ризик ќе биде веднаш затворена.
Граѓаните се повикуваат да бидат внимателни, да избегнуваат патувања и да ги следат упатствата на надлежните служби. Бугарскиот национален институт за метеорологија и хидрологија прогласи црвен метео аларм, највисоко ниво на предупредување, за осум области каде што се очекуваат повеќе од 65 литри дожд на квадратен метар, пренесува Танјуг.
Во исто време, властите објавија дека Бугарија ќе побара помош од Европскиот фонд за солидарност за погодените места поради предизвиканите штети.
Метеоролозите во Романија денес го продолжија црвениот временски аларм поради предвидените обилни врнежи од дожд за пет области и градот Букурешт со можност за врнежи до 140 литри на квадратен метар.
Според најновото предупредување на Романската национална метеоролошка управа (ANM), од 21 часот на 7 октомври до 15 часот на 8 октомври се очекуваат обилни врнежи од дожд во неколку области, пишува романската новинска агенција Аѓерпрес.
Фото: принтскрин