Македонија
Почина актерката Катина Иванова: „Беше поддржувач на актерите, извонреден пријател и човек“
Од Македонскиот народен театар соопштија дека почина актерката Катина Иванова (1951–2023), која повеќе од четири децении беше дел од овој театар.
„Беше мајстор на сценска интерпретација, со истакнат сценски говор, и посебно специфичен и топол сензибилитет. Катина Иванова беше насмеана и префинета личност, постојан следач на претставите, поддржувач на актерите, извонреден пријател и човек“ велат од Театарот.
Иванова дипломира на отсекот за драмски актери на Вишата музичка школа при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 1978 година.
На сцената на МНТ дебитира уште како студентка во претставите „Соблазна во Шентфлоријанската долина“ и „Славата и смртта на Хоакин Муриета“ (двете во 1976).
По дипломирањето, односно од 1979 г., член е на ансамблот на МНТ, каде остварува бројни доминантни улоги во над 45 претстави меѓу кои: Канигунда во „Кандид“ (1980), Дена во „Кршалнига“ (1983), Амелија во „Погрижи се за Амелија“ (1984), Сузана во „Слободни врски“ (1984), Маријана во „Тартиф“ (1986), Мајката на младоженецот во „Малограѓанска свадба“ (1986), Соња во „Црна дупка“ (1988), Арсиное во „Мизантроп“ (1989), Тамарочка во „Валпургиска ноќ или Чекорите на командорот“ (1990), Клер во „Слугинки“ (1993), Ирина во „Лепа Ангелина“ (1995), Гатачката во „Едмонд“ (1997), Катерина Када во „Немушт јазик“ (2000), Македонка во „Балканот не е мртов“ (2001), Госпоѓа Робинсон во „Дипломец“ (2004), Пациент во „Мара/Сад“ (2008), Сопругата во монодрамата „Сребрена свадба“ (2010), Варвара Петровна Ставрогина во „Бесови“ (2011), Ноќта во „Сината птица“ (2014), Прасковја Фјодоровна во „Мајсторот и Маргарита“ (2015), како и последните улоги во „Разговори во четири очи“ (2015), Сесили Робсон во „Квартет“ (2016) и Госпоѓа Пернел во „Тартиф“ (2016).
Со подеднаква професионална љубопитност и страст настапува и на сцената на други театри низ Македонија, како и во проекти на независни театарски трупи.
Снимила десетина филмови и ТВ серии докажувајќи се како актерка со исклучителен креативен потенцијал меѓу кои се: „Оловна бригада“ (1980), „Хај-фај“ (1987), „Светло сиво“ (1993), „Ангели на отпад“ (1995), „Џипси меџик“ (1997), „Одмазда“ (2001), „Држава на мртвите“ (2002), „Наше маало“ (1999-2004) и „Бунило“ (2009).
За своите актерски остварувања, добитник е на Награда за најдобро театарско остварување на Фестивалот „Tеатарски празници“ (Благоевград, Бугарија) за улогата на Мег во претставата „Роденден“ и наградата на ревијата „Екран“ за улогата на Ревзија во филмот „Џипси меџик“ (1997).
Времето и датумот на погребот дополнително ќе биде објавено.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

