Топ
(Видео) МВР: Спречен меѓународен транспорт на дрога на јужната граница, со вкупна вредност од 200.000 евра

Вчера вечер во 23.30 часот од страна на полициски службеници на граничната полиција од Регионалниот центар Југ, во близина на местото викано Вршник Бара, непосредно покрај граничната линија со Република Грција, биле забележани две лица кои од територија на Република Северна Македонија исфрлиле две торби преку жичаната ограда на грчка територија, а потоа и самите ја преминале граничната линија, извести МВР.
– Поради сомнение дека во торбите се пренесува марихуана, од страна на Регионалниот центар Југ во координација со Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога оружје и опасни материи, известени се Службата за дрога со седиште во Килкиз и грчката гранична полиција и како резултат на заедничките и координирани активности на полициските службеници од двете земји за кусо време се пронајдени двете торби во кои биле сместени околу 40 килограми марихуана, а малку подоцна се лишени од слобода се В.Х.(36) и Е.Џ.(52), двајцата државјани на Република Албанија. Двете лица од страна на грчката полиција се задржани за понатамошна постапка и против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави, изјави Сузана Прањиќ Талевска од МВР.
Ова е втора ваква заедничка акција од почетокот на август помеѓу двете полиции, при што и во првата беше спречен транспорт на 40 килограми марихуана, како резултат на разменети информации помеѓу Секторот за недозволена трговија со дрога при Одделот за криминалистичка полиција, Регионалниот центар Југ и Службата за борба против дрога од градот Килкиз, известуваат од Министерството.
Како што соопшти Сузана Прањиќ Талевска од МВР, во првата акција, на територија на Република Грција беше лишен од слобода грчкиот државјанин Ј.С., кај кого беше пронајдена марихуаната.
– Воспоставената успешна соработка помеѓу службите за борба против дрога и граничната полиција од двете земји, што во кус интервал резултираше со овие две успешно реализирани акции за спречување на меѓународен транспорт на дрога, ќе продолжи и во иднина, со цел спречување на секаков вид на прекуграничен криминал, додава Прањиќ Талевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
(Видео) Брановите удрија во брегот – први снимки од цунами по разорниот земјотрес во Русија

Првиот бран на цунами ја погоди крајбрежната зона на Северно-курилскиот регион, откако Камчатка беше погодена од разорен земјотрес со магнитуда од 8,8 степени според Рихтеровата скала во текот на ноќта.
„Првиот бран на цунами ја погоди крајбрежната зона на Севернокурилскиот регион. Жителите на населбата се на безбедно високо место и ќе останат таму сè додека заканата од повторени бранови целосно не се отстрани“, се вели во соопштението на гувернерот на Сахалинскиот регион Валериј Лимаренко.
NOW – Tsunami waves hit Russian coast along Severo-Kurilsk. pic.twitter.com/1cxuFHohVL
— Disclose.tv (@disclosetv) July 30, 2025
Според податоците на Министерството за вонредни ситуации на Русија, самиот град и компанијата за преработка на риба „Алаид“ беа потопени како резултат на катастрофата.
Видео што кружи на социјалните мрежи покажува како морето „се втурнува“ во длабочините на копното со брзина на молња, додека големи бранови се развиваат на отвореното море.
Издадено е предупредување за цунами за западниот брег на САД, Јапонија.
Ова е најсилниот земјотрес регистриран во последните 14 години, поточно од катастрофалниот земјотрес во Јапонија во 2011 година, со јачина од 9,1 степени според Рихтеровата скала, кој однесе повеќе од 19.000 животи.
Свет
(Видео) Силен земјотрес од 8,8 степени во Русија предизвика цунами, Јапонија и Хаваи наредија евакуација

Силен земјотрес со интензитет од 8,8 степени што го погоди рускиот Далечен Исток предизвика цунами, а Јапонија и Хаваи наредија евакуација.
Земјотрес со интензитет од 8,8 степени според Рихтеровата скала го погоди градот Петропавловск на Камчатка, а според првичните извештаи, има повредени, објавија руските медиуми. Првиот бран цунами ги погоди Курилските острови, а цунами високo 3-4 метри го погоди полуостровот Камчатка.
Гувернерот на регионот Сахалин, Валери Лимаренко, изјави дека жителите се евакуирани на повисоки места додека заканата од нови бранови целосно не помине.
Предупредувања за цунами и евакуација беа издадени и за Јапонија, Хаваи, Западниот брег на САД и други земји од Пацификот, објави АП.
Американскиот систем за предупредување од цунами, исто така, издаде предупредување за „опасен бран цунами“ за следните три часа. Бранови високи над три метри се можни по должината на некои брегови на Русија и Еквадор, додека бранови високи од 1-3 метри се можни во Јапонија, Хаваи, Чиле и Соломонските Острови, се вели во соопштението.
Тлото не се смирува, а по земјотресот се регистрирани и последователни потреси во истата област.
Македонија
(Видео) Драчево бара лежечки полицајци на „Јустинијан Први“: Не утре, туку сега, пред да има мртви

„Колку животи треба да се изгубат на улица „Јустинијан Први“ за конечно да се преземе нешто?
Денеска повторно автомобил излета од коловозот и заврши во двор на жител. Само по среќа немаше жртви. Но до кога ќе се потпираме на среќата? Утре тоа може да биде нечиј син, ќерка или родител згмечен на тротоар“, реагираат граѓаните преку социјалните мрежи на ѕидот на општината Кисела Вода по тешка сообраќајка на улицата.
„Години наназад алармираме на оваа улица се вози како на автопат! Нема лежечки полицајци, нема контрола. Се што некогаш беше поставено, одамна е уништено од нашите сонародници, во 3 часот ноќе со копач ги корнат и со камиони кочат на нив да ги одкорнат, а институциите молчат. Нивната незаинтересираност е директна закана за животите на жителите“, стои во објавата.
Доста е, како што вели во напишаното револтиран жител, со празни ветувања и молк.
„Бараме итни мерки, поставување на лежечки полицајци. Не утре, не, кога ќе има средства, туку сега пред да има мртви!
Ако општината и надлежните органи продолжат да си ги затвораат очите, секоја идна несреќа и секоја изгубена жртва ќе биде нивна одговорност нивно злосторство со премолчена дозвола!
Градоначалниче Орце Ѓорѓиевски, те повикуваме да реагираш!
Жителите на оваа улица очекуваат од тебе итно да се постават лежечки полицајци.
Време е безбедноста на граѓаните да биде на прво место пред да дојде до трагедија“, стои во напишаното на социјалните мрежи.