Економија
Реакција од директорот на ТИРЗ на прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ
Директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски реагираше на вчерашната прес конференција на политичката партија ВМРО ДПМНЕ.
– Како одговорен човек, носител на јавна функција со јасно чувство на обврска за градење на здрави односи во општеството ја проследувам мојата лична реакција кон прес конференцијата на политичката партија ВМРО ДПМНЕ.
Прво и директно ќе одговорам дека државните пари за проектот за електрично возило се онаму каде рековме дека ќе бидат, а тоа е Буџетот на државата. Причината за тоа е едноставна: работам чесно и одговорно од првиот ден на мојот мандат и не менувам принципи на работење, посебно не оние што ги сметам за основни. Од самиот почеток на овој проект, јасно рековме дека средства за проектот ќе има, но откако инвеститорот ќе ги реализира сопствените обврски предвидени со договорот. Тоа останува услов до крај.
Второ и повторно директно ќе одговорам дека денес, во овој момент, се уште нема фабрика. Но, има проект, има конзорциум на домашни компании кои се избрани од инвеститорот да го реаизираат градежниот дел, има договор за закуп на земјиште, има подготовка за градба на клучна инфраструктура кон зоната.
Но, и без овие работи, навистина не сметам дека ова е причина за задоволство, па макар доаѓало и од нашите политички опоненти. Ефектите од оваа, како и од останатите инвестиции се за сите граѓани на оваа држава. Затоа навистина е, коректно кажано, несоодветно е да самите да креираме слика за неуспеси, а притоа и да се радуваме. Впрочем, ако е тоа пристап и политика со која се гради здрава држава и општество, тогаш секако и сите ние останатите, што не сме дел од врвот на ВМРО ДПМНЕ, би имале многу причини за вакво „радување“, почнувајќи од проектите во Скопје 2014, преку клучките на автопатот до Охрид, до зоната во Ранковце, каде во име на државата се ветувани работници за 8.000 денари месечна плата.
Трето, одговорноста кон граѓаните се гледа низ резултати, а не низ желбите и обидите да стигнеме до резултати. Денес можеме да зборуваме за над 4.000 нови работни места во компаниите во зоните во период од само 30 месеци. Истото е 2/3 од вкупно оствареното во цела деценија до 2017 година. Или дека средствата што со услови и по јасни правила се вложуваат како поддршка на инвестициите денес носат над 60 милиони евра приходи во Буџетот на годишно ниво. Тоа се 50 милиони евра годишно повеќе за училишна, болници, инфраструктура, пензии, плати на здравствените, образовните и работниците во војската и полицијата.
Конечно, во сета измината 1 година и институцијата и лично јас не сме избегнале ниту едно прашање, ниту пак барање за информации поврзани со овој проект. Така ќе остане и понатаму и за овој и за сите проекти што ги работиме“, се вели во реакцијата од директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Јован Деспотовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,24% во однос на одлуката од 16.2.2026 година.
Од 24.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,637 ден/кг и сега ќе изнесува 34,520 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,380%, кај дизелот за 2,624%, кај екстра лесното масло за 2,351% и кај мазутот зголемувањето е за 2,274%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,4252%.
Економија
Работилница на македонската и грчката регулаторна комисија за енергетика: во фокусот поврзувањето на пазарите за електрична енергија
Регулаторното искуство во поврзување на пазарите за електрична енергија беше фокусот на третата заедничка работилница помеѓу Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) и Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY).
“Откако се донесе Законот за енергетика, во РКЕ се формирани тимови од инженери, економисти и правници кои работат интензивно на подзаконската регулатива што ќе обезбеди усогласување на домашната легислативата со европската. Ова е само еден од предусловите за да започне практичната интеграција на домашниот пазар со регионалните пазари, а потоа и со Европскиот пазар за електрична енергија. Регулаторната работилница за нас е можност да размениме искуства и знаење, затоа што грчкиот регулатор веќе го има затворено овој процес.“ посочи Лирим Сулејмани, заменик претседател на РКЕ.
Од Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY) ги презентираа регулаторните чекори кои што ги презеле при спојување со европскиот енергетски пазар, нагласувајќи дека ова е интензивен процес што бара блиска и ефикасна соработка на засегнатите страни за да се постигне јасна и транспарентна транзиција.
РКЕ и РАЕ минатата година во февруари склучија Меморандум за соработка во областите: енергија, вода и отпад со цел размена на регулаторна експертиза.
Економија
Божиновска со концесионерите во Прилеп: Развојот на рударството продолжува со јасни правила, повисоки стандарди и поголема контрола
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Прилеп одржа заедничка работна средба со најголемите концесионери од регионот, посветена на актуелните состојби во рударскиот сектор, предизвиците со кои се соочуваат компаниите и можностите за понатамошен развој.
На состанокот присуствуваа претставници на повеќе компании кои имаат значајна улога во експлоатацијата и преработката на минерални суровини. Во отворена дискусија се разговараше за тековната динамика на работа, инвестициите во модернизација на производството, предизвиците поврзани со административните постапки, како и потребата од предвидлива и стабилна регулаторна рамка која ќе овозможи долгорочно планирање и нови вложувања.
Министерката Божиновска нагласи дека државата има јасен интерес рударството да се развива како силен економски сектор, но исклучиво со целосно почитување на законските обврски, еколошките стандарди и безбедносните правила.
„Партнерството со компаниите е важно, но уште поважно е довербата на граѓаните. Затоа развојот мора да оди паралелно со одговорност, транспарентност и засилен надзор“, истакна Божиновска.
Концесионерите ја поздравија иницијативата за почести директни средби со институциите, оценувајќи дека ваквиот пристап овозможува побрзо решавање на отворените прашања и подобра координација во секторот.
На средбата беше потенцирана и потребата од засилен инспекциски надзор на терен, при што беше нагласено дека отворањето на новата канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп ќе придонесе за поефикасна контрола, еднакви услови за работа и дополнително зајакнување на стандардите во индустријата.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на континуиран дијалог со индустријата, со цел создавање стабилна деловна средина, одржлив економски раст и јасни придобивки за локалните заедници.

