Македонија
(Видео) Пензионерите се прогласија за столб на Македонија и побараа минималната пензија да е 18.000 денари, зголемувањето да е за 3.500 денари
Барање за минималната пензија да биде 18.000 денари, линеарно зголемување на пензиите за 3.500 денари, зголемување на надоместоците. Ова се барањата на пензионерите кои протестираа пред Министерството за труд и социјална политика.
Тие бараа да излезе министерката Јована Тренчевска за да ги чуе што сакаат да добијат. Ѝ порачаа и да не се плаши. Потоа, доставија документ до архивата, а на бина, јавно, прочитаа што целат за да добијат.
„Врз основа на укажаната потреба за помош на пензионерите бараме: Владата да го почитува Законот за усогласување објавен од ДЗС, плус да даде линеарно зголемување од 3.500 денари на основицата на пензијата и одредување на минимална пензија од 18.000 денари. Сојузот на здруженија на пензионери веднаш да се укине бидејќи не ги застапува интересите на пензионерите. Да се укине членарината, нашата членарина, која ја плаќаме по 30 денари и за солидарен погреб 150 денари, значи ни земаат 180 денари. Ако нѐ поддржува Фондот за пензионери, ќе го префрлиме кај нив. Затоа нека бидат солидарни со нас и нека ги задоволат нашите барања“, рече пензионерка од Прилеп.
Себеси, се преставија како столб на Македонија.
„Нека бидат солидарни со нас, нека ги задоволат нашите барања. Ние со нашата голема бројка сме столбот на Македонија. Сојузот на здруженија на пензионери треба да го испочитува и да одвои од здруженијата и да се врати во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Зголемување на надоместокот за туѓа нега и мобилност, мора да се удвои. Луѓето се неподвижни и зависни од други. Зголемување на надоместокот за социјална помош, за лица кои останаа без работа се до остварување на правото на пензија. Поведување на иницијатива за промена на Законот за пензиско и инвалидско осигурување“, додаде пензионерката посочувајќи дека барањата се од иницијативниот одбор.
Драган Угриновски oд иницијативниот одбор, до министерката Тренчевска порача дека е избрана да работи во интерес на граѓаните.
„Пензионерите не се дојдени од што им е добро, туку бидејќи им е лошо. Министерке вие сте избрани да работите во интерес на граѓаните, а не само за лични интереси. На вас не ви е лошо со зголемувањето на платата од 78 проценти. Овие пензионери кои се дојдени гладуваат. Пензионерот треба да има достоен живот. Работел и придонесувал за државата, а сега кога сме во пензија уште малку ни преостанува во овој свет заслужуваме достоинствен живот“, рече тој.
Пензионерите денешниот протест го почнаа пред Сојузот на здружението на пензионери од каде што побараа оставка од раководство.
Пред камерите се пожалија дека со ниските пензии тешко е да се живее, примањата не стигнуваат ни за сметки, но нема да отстапат од нивните барања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Лимани: Попреченоста не е причина за исклученост, туку повод за повеќе грижа, солидарност и човечност
Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани по повод 3 Декември – Меѓународен ден на лицата со попреченост присуствуваше на настан во Владата на Република Северна Македонија. На настанот покрај претставници на Владата, присуствуваа и претставници на здруженија, лица со попреченост и деца со попреченост од државното средно училиште со ресурсен центар „Димитар Влахов“ од Скопје.
Во своето обраќање кон присутните Лимани истакна дека овој ден е потсетник на важна вистина дека инклузијата не е само законска обврска – таа е човечка должност и темел на праведно општество.
Тој рече во државата живеат над 94.000 лица со попреченост, а анализите покажуваат дека повеќе од една третина од граѓаните се соочуваат со некаква форма на попреченост. Овие бројки, посочи Лимани, не се статистика – тие се потсетник дека еднаквите можности мора да бидат срцето на сите наши политики.
„Како Министерство направивме важни чекори: го подобривме законодавството, ги зајакнавме социјалните услуги, вложивме во личната асистенција, раната интервенција, менталното здравје и поддршката за семејствата. Работиме на деинституционализација, поголема пристапност и вистинска вклученост во образованието, професијата и заедницата. Но знаеме дека има уште многу работа. Затоа создадовме модерен и транспарентен систем за проценка на попреченоста, воспоставуваме Национален регистар, нов информациски систем, дигитални алатки и асистивни технологии. Ги трансформираме услугите таму каде што им се најпотребни – во локалните заедници;“ истакна Лимани.
Тој подвлече дека „инклузијата не се гради со документи – се гради со достапни улици, отворени училници, социјални услуги што навистина допираат до луѓето, и со поглед што не осудува, туку охрабрува.“
„Нашата држава ќе продолжи да инвестира во инклузијата не затоа што е европска препорака или законска обврска, туку затоа што е тоа исправно. Затоа што секое дете со поддршка денес, е независен млад човек утре. Секој млад човек што добива шанса да учи, работи и живее достоинствено, е граѓанин кој ја гради иднината на оваа земја. Ова е визијата што ме мотивира секој ден: општество во кое попреченоста не е причина за исклученост, туку повод за повеќе грижа, повеќе солидарност и повеќе човечност,“ рече Лимани.
Македонија
(Видео) Апасиев до Гаши: Со месеци ја држите во фиока информацијата по претставката на родителите од Кочани
На денешната седница на Собранието, пратеникот и претседател на Левица, Димитар Апасиев, откри дека спротивно на Деловникот, веќе неколку месеци не се става на дневен ред информацијата која ја поднел во врска со претставката на родителите на загинатите деца од трагедијата во „Пулс”.
„Сакам да ја известам јавноста дека на 7 август 2025 година до Вас како претседател на Собранието, јас како овластен предлагач имам доставено информација. Информацијата гласи: ,,Информација за добиена претставка од родителите во врска со трагичниот настан во Кочани од 16 март 2025 година.“
Анализите од праксата, покажуваат дека во Собранието на РМ, вакви информации се ставале на дневен ред за неколку дена од поднесувањето, и ова е прв пат да се чека вака долго”, истакна претседателот на Левица од собраниската говорница.
Во своето излагање, Апасиев праша зошто оваа информација не е проследена до пратениците и зошто јавноста не е запознаена, ниту пак истата е вратена на доработка.
,,Моето прашање е дали ќе се постапи по оваа информација што ја имам доставено како овластен предлагач”, праша Апасиев.
Македонија
(Видео) Филипче: Посебна Анкетна комисија за трагедијата во Кочани, тоа е барање на родителите
Нашиот став е дека ние ќе ги поддржиме двете анкетни комисии. Едната којашто ја предлага владеачкото мнозинство каде сакаат да се дискутира за сите трагедии во минатото, меѓутоа сметам дека имаме обврска да организираме и посебна Анкетна комисија само за трагедијата во Кочани, истакна лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
„Мора да имаме одговорност пред општеството, пред државата. Тоа е пред се на барање на родителите, на загинатите и повредените деца. И апелирам сега до сите пратеници да го поддржат формирањето и одржувањето на таа анкетна комисија само за трагедијата во Кочани. Рековме немаме проблем ќе гласаме и ќе ја поддржиме и таа иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ и владеачката коалиција во којашто сака да се разговара за сите трагедии претходно. Во јавноста излегоа повеќе луѓе, ги коментираа овие иницијативи, правници и така натаму. Легитимни се нивните ставови. Треба да се земат предвид дали има, дали нема судски процеси, каде се завршени“.
Според него најбитно во овој контекст и како што рече упатува апел сите, дури експертите да го работа ова.
„Имаме ние пред се и морална обврска пред сите луѓе коишто ова го бараат од нас. Мора да се слушне гласот во собранието. Тоа е дом на сите граѓани во конкретниот случај родителите на загинатите и повредените деца коишто ова го бараат од нас. Очекувам од сите пратеници да ја поддржат анкетната комисија за несреќата во Кочани како што сите ние ќе ја поддржиме и таа друга анкетна комисија којашто тие ја предлагаат“.

