Свет
(Видео) Се урна древен храм во Индија, девет лица загинаа, десетици под урнатините
Девет лица загинаа, а десетици останаа заробени откако древниот хинду храм Ањани Махадев Мандир во северната индиска држава Химачал Прадеш, се урна поради обилните дождови, пишува Би-би-си.
Спасувачките операции се во тек откако свлечиште погоди храм во популарниот туристички град Шимла. Во Химачал Прадеш изминативе неколку дена врне силен дожд, предизвикувајќи поплави и лизгање на земјиштето.
Дваесет и едно лице загина во последните 24 часа во несреќи поврзани со дождови. Државниот министер Сухвиндер Синг Суху им изјави на новинарите на местото на одронот дека околу 20 до 25 луѓе би можеле да бидат заробени под урнатините.
Илјадници туристи ја посетуваат ридската држава Химачал Прадеш, особено нејзиниот главен град Шимла, во текот на годината за да уживаат во студеното време и живописната глетка.
Химачал Прадеш е држава со обилни дождови за време на сезоната на монсуните, што доведува до поплави и лизгање на земјиштето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Извештај на СЗО: Осум милиони луѓе во светот страдаат од туберкулоза
Светската здравствена организација (СЗО) објави дека повеќе од осум милиони луѓе се заразиле со туберкулоза, што е најголем број заразени откако здравствената агенција на Обединетите нации почна да води евиденција.
Поновиот извештај покажа дека близу 8,2 милиони луѓе биле заразени со туберкулоза во 2023 година, што е највисок број регистриран откако СЗО почна да ја разгледува болеста на глобално ниво во 1995 година.
Зголемувањето во однос на 2022 година, кога имало 7,5 милиони заразени луѓе, ја претставува туберкулозата како водечка заразна и смртоносна болест во 2023 година, надминувајќи го Ковид-19, според СЗО.
Европа
Русите го нападнаа Киев по 19-ти пат овој месец: има повредени, а уништена е и градинката
Девет лица се повредени, неколку станови се опожарени, а детска градинка е оштетена во 19. руски напад врз украинската престолнина овој месец, соопштија властите во Киев.
Воздухопловните сили на Украина соопштија дека Русија лансирала 62 беспилотни летала во текот на ноќта, но противвоздушната одбрана уништила 33 од нив над Киев и други региони, иако 25 се водат за исчезнати.
„Деветнаесет воздушни напади врз Киев во октомври!“, напиша Серхи Попко, шеф на воената администрација на Киев, на апликацијата за пораки Телеграм. „Во текот на ноќта руските беспилотни летала повторно го прелетаа главниот град“.
Остатоците што паднаа од уништениот дрон предизвикаа пожар во повеќекатната станбена зграда во западниот кварт Соломјански во Киев, при што беа повредени најмалку девет лица, меѓу кои и едно 11-годишно девојче, изјави градоначалникот Виталиј Кличко на Телеграм.
На сите им беше укажана помош од лекари на лице место, изјави Кличко.
Од зградата се евакуирани 19 лица, соопшти градската воена управа, која објави и фотографии од зградата со разнесени прозорци и оштетена фасада, за која велат дека е градинка во Соломјански.
Во текот на ноќта повеќе од два часа беше во сила воздушна тревога низ Киев, околниот регион и речиси цела источна половина на Украина.
Свет
Јапонија: Непризнавањето на истополовите бракови го нарушува правото на еднаквост загарантирано со Уставот
Јапонскиот Врховен суд денеска пресуди дека недостатокот на правно признавање на истополовите бракови во Јапонија го нарушува правото на еднаквост загарантирано со Уставот, наведувајќи дека забраната води кон дискриминаторски третман на луѓето врз основа на нивната сексуална ориентација.
Сепак, Врховниот суд во Токио ја потврди пресудата на понискиот суд со која се отфрли барањето на тужителите државата да им исплати отштета на лицата на кои им биле ускратени тие права, пренесува агенцијата Kyodo.
Судот во Токио, исто така, пресуди дека забраната за истополови бракови ја прекршува одредбата од Уставот која вели дека законите што се однесуваат на бракот и семејството „мора да го зачуваат личното достоинство и суштинската еднаквост на половите“.