Македонија
„Ова е под притисок на српската антиалбанска политика“, Меџити во одбрана на Касами и Ганиу кои се повикани во станица

„Градоначалниците на Чаир и Тетово, Висар Ганиу и Билал Касами, беа повикани од полицијата на информативни разговори, а единствена причина беше посетата на премиерот на Косово, Албин Курти, во Скопје и во Тетово“, коментира поранешниот градоначалник на Чаир, „огнениот“ Изет Меџити кој е и лидер на новата партија Демократско движење.
Според Меџити, во случајот се работи за сталинистички метод на информативни разговори, кој што во времето на комунистичка Југославија најмногу го чувствувале Албанците, а се практикува и сега.
„Сето тоа е направено под влијание и притисок на српската антиалбанска политика на која Албин Курти и стана трн во око. Но, оваа ситуација докажува дека не згрешивме што го ставивме името на Адем Демачи на една од улиците на главниот град, бидејќи денес повеќе од кога било ни е потребен неговиот дух на отпор“, вели Меџити.
Министерството за внатрешни работи претходно денес до надлежните Основни судови поднесе барања за поведување на прекршочна постапка против Општина Чаир и Општина Тетово и градоначалниците на овие општини, Висар Ганиу и Билал Касами.
Од МВР велат дека при пречекот на Курти во Чаир и Тетово не е интонирана државната химна и не е поставено државното знаме на Република Северна Македонија, со што не е постапено согласно Законот за употреба на грбот, знамето и химната.
На пречекот во Тетово се вееше огромно знаме на голема Албанија, а од МВР кажаа дека продолжуваат со потрага по лицето кое го држеше симболот.
По информацијата од МВР се огласи и Касами кој рече дека обидите за страв и замолчување како во времето на комунизмот воопшто не ги плашат.
Касами не кажа ниту збор и за спотот со песна „Добредојдовте во Албанија“ со која го пречека Албин Курти во Тетово.
Спотот беше објавен скоро четири часа откако „Макфакс“ прв ја објави веста дека знаме со т.н. „голема Албанија“ беше веено во Тетово за време на посетата на Курти, а за што прашања испративме и до Касами. Тој не се извини, ниту даде одговори, туку го сподели видеото.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сообраќајот низ државата се одвива непречено, по влажни коловози

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Отворени избирачките места, право на глас имаат 1,83 милиони граѓани

Во 7 часот денеска започна гласањето на осмите Локални избори од осамостојувањето на државата.
На Локалните избори 2025 во Северна Македонија право на глас имаат 1.832.415 граѓани.
Меѓу вкупниот број државјани со право на глас се и 112 илјади запишани во посебниот Избирачки список со лица во странство, како и 2.162 лица во затвор односно притвор и 450 гласачи од домовите за стари лица.
Локалните избори се одржуваат во сите 80 општини во државата и во Град Скопје.
Се гласа на 3.474 избирачки места.
На Локалните избори 2025 има вкупно 309 кандидати за градоначалници и 576 листи за членови на општинските совети со вкупно 10 490 кандидати.
Македонија
Попладнево во Кочани се одржа 27. „Марш за ангелите“

Попладнево во Кочани се одржа 27. „Марш за ангелите“ по дождливо време и според вообичаената маршрута, но без давање официјална изјава од нив, што досега беше начин на комуникацијата на родителите на починатите со јавноста.
Преку испишаните пораки на транспарентите, тие и денеска за трагедијата во „Пулс“ ги обвинија институциите, од кои бараат правда и праведно судење. Десетина минути беше блокиран сообраќајот на улицата „Стево Теодосиевски“, кај двојниот мост на Кочанска Река.
Маршот за нивните ангели родителите го почнаа од „Паркот на Револуцијата“, од каде се упатија кон Трговскиот центар. Марширањето продолжи кон Основниот суд со кратки запирања пред зградата на УЈП и Полициската станица.
27. „Марш за ангелите“ во Кочани денеска заврши каде и што почна – во „Паркот на Револуцијата“.