Македонија
(Видео) Касами наместо извинување, сподели нова снимка со знамето од т.н. „голема Албанија“ веено во Тетово
Градоначалникот на Тетово, Билал Касами, кој беше организатор на пречекот на косовскиот премиер Албин Курти, не се извини за веењето на знамето со т.н. „голема Албанија“ туку сподели и ново видео каде се гледа чинот. Во скоро четири минути, трипати се покажува спорното знаме со територијални претензии кон други држави, меѓу кои е Македонија.
Касами молчи веќе цел ден, неодговарајќи на прашањата од „Макфакс“ зошто дозволил истакнување на иконографијата.
Од спотот на Касами се гледа атмосферата на вчерашниот настан, куп албански знамиња и ниту едно македонско, а се прикажува и колкава масовност имало. Снимката е објавена пет часа откако Касами ги доби прашањата од „Макфакс“ и не одговори, а два часа откако објавивме дека МВР трага по лицето кое го вееше знамето.
Нема информации дали полицијата го лоцираше лицето со етничкиот симбол каде дел од териториите на Македонија, Црна Гора, Србија и Грција се преставени како дел од т.н. „голема Албанија“.
Осуда и остри критики дојдоа до Кабинетот на премиерот Димитар Ковачевски.
„Кабинетот на премиерот смета дека истакнувањето знамиња кои не се државните е спротивно на протоколите и законите за организирање настани во присуство на државници од странски земји. Воедно, видот на иконографија забележан на настанот во присуство на висок претставник на странска држава е несоодветно и недозволиво во земја членка на ООН и земја членка на НАТО и во таа насока Ве информираме дека СВР Тетово презема мерки за идентификување на сторителите и целосно расчистување на случајот“, велат од Кабинетот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на експресниот пат Кочани-Штип
Од 23:25 часот, вчера вечер сообраќајот на експресниот пат Кочани-Штип целосно е нормализиран, извести АМСМ.
Претходно, од 19:10 часот, поради сообраќајна несреќа на експресниот пат Кочани – Штип во близина на село Тркање, сообраќајот беше во целосен прекин.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

