Македонија
(Видео) Со знамето на т.н. „голема Албанија“ се занимава полицијата која ги бара сторителите, додека Касами молчи и не се извинува

Полицијата започна со проверка кој го вееше знамето со т.н. „голема Албанија“ во Тетово, на настанот организиран од Општина Тетово и градоначалникот Билал Касами. Од МВР за „Макфакс“ велат дека веќе се работи на проверките. Касами се уште не одговара на нашите прашања поврзани со знамето кое тој самиот го промовираше преку видеа и фотографии.
„Во врска со случајот за кој прашувате, СВР Тетово презема мерки за идентификување на сторителите и целосно расчистување на случајот“, велат од МВР за „Макфакс“.
„Макфакс“ објави дека знамето со картата од т.н. „голема Албанија“ се вееше во Тетово на вчерашниот собир во центарот на градот. Ова се гледа од фотографијата која на социјалните мрежи ја сподели градоначалникот на Тетово, Билал Касами. Тој во првите редови со Иџет Меџити и Африм Гаши, а до нив, Албин Курти. Околу нив и десетици албански знамиња.
Организатор на настанот беше Касами. „Макфакс“ побара одговори зошто дозволил да се вее етничкиот симбол каде дел од териториите на Македонија, Црна Гора, Србија и Грција се преставени како дел од т.н. „голема Албанија“. Тој и натаму молчи. Нема одговор и на прашањата дали ќе им се извини на Македонците и другите народи за овој чин, но и дали ќе бара санкционирање на лицата кои го вееле.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Герасимовски: Поставена нова подлога на детското игралиште во Капиштец, урбаната опрема да не се оштетува

Градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски информира дека викендов беше поставена нова подлога на детското игралиштe во паркот во Капишец, a реконструкцијата на паркот во оваа населба е во завршна фаза.
На детското игралиште е поставена вештачка трева како горна подлога, при што се задржани постојните гумени плочи под неа кои служат како амортизирачки слој. Подлогата е во согласност со стандардите за квалитет и безбедност, со цел да се обезбеди заштита на здравјето на децата и заштита на животната средина, според Општината.
„Викендов поставивме нова подлога на детското игралиште во Капиштец, како дел од завршната фаза на целосната реконструкција на паркот. Во следните денови ќе биде поставена дополнително детска урбана опрема од лулашки, клацкалки. Во изминатиот период поставивме ново лед осветлување, изградивме нова патека за движење, засадивме ново зеленило и декоративни садници, со што се обновени вкупно 7.800 квадратни метри јавна површина. Апелирам до сите граѓани да се грижиме за новата урбана опрема, да не ја оштетуваме и заеднички да создадеме и одржуваме почиста, побезбедна и поубава животна средина за сите, особено за најмладите“, вели Герасимовски.
Македонија
Има осомничени за пожарот во куќата на Пандов: Ќе бидат фатени и сторителите и нарачателите, нарачателите се многу важни

Полицијата три недели трага по лицата што ја запалија куќата на директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов, во Орешани. Денес, тој рече дека има осомничени.
„Нешто конкретно немам, осомничени има. Се работи, ќе бидат фатени сторителите. И сторителите и нарачателите, нарачателите се многу поважни“, кусо изјави денес директорот Пандов по промоцијата на нови пристапи во третманот на лица прекршители во тренинг-центарот во Идризово.
На 29 април директорот Пандов на социјалните мрежи објави видео од изгорената куќа со објаснување дека тоа е цената за удирањето по мафијата.
Палењето на куќата на Пандов, ВМРО-ДПМНЕ го оцени како обид за заплашување и замолчување оти криминалците повеќе немаат заштита од власта.
Министерот за правда Игор Филков, по пожарот, побара одлучна акција, во која ќе се утврдат причините и најстрого ќе се казнат сторителите, а на Пандов му даде целосна поддршка во истрајноста и во борбата против криминалот и корупцијата.
Македонија
Муртезани: „Реформската агенда е мапа за трансформација, не декларација“

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска учествуваше на Првиот состанок на Националниот консултативен механизам за Реформската агенда, кој се одржа во Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, во коорганизација на Министерството за европски прашања и Институтот за европска политика (ЕПИ).
Во воведното обраќање, Муртезани рече дека овој состанок претставува нов начин на градење консензус за суштински реформи.
„Како што нагласив неодамна „Реформската агенда не е само технички документ, таа е мапа на трансформација, визија за иднината преточена во конкретни чекори, рокови и резултати, за чија реализација потребна е обединетост и вклученост и на државните институции и граѓанскиот сектор. Ние веќе сме во завршна фаза на дефинирање на националната структура која ќе работи на спроведување на РА, која на политичко и оперативно ниво ќе го координира целиот процес и ќе гарантира институционална кохерентност. Денес, нашата визија добива и своја структура преку овој Национален механизам кој ќе обезбеди транспарентно, инклузивно и евиденциски засновано следење на реформите. Преку овој механизам, всушност ја отвораме вратата за системски дијалог меѓу институциите, граѓаните, научната и бизнис заедницата.“
Порача дека состанокот треба да се искористи како поттик за нова етапа на дејствување.
„Да покажеме дека Северна Македонија, подготвувајќи се за полноправно членство во Унијата, се позиционира како проактивен чинител во регионот кој ги предводи реформите со интегритет, визија и зрелост. Посебна благодарност упатувам до Европската комисија и Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија за континуираната поддршка и партнерство“, рече тој.