Спорт
Многу ѕвезди ќе го пропуштат СП – Јокиќ и Јанис ја предводат листата
Мундобаскетот започнува за осум дена, за жал на натпреварувањето организирано во три азиски земји, нема да ги видиме некои од најдобрите кошаркари на денешницата.
Иако ова требаше да биде најголемиот кошаркарски собир за оваа година, повредите, откажувањата, психичкото здравје и физичкиот напор, обврските кон НБА лигата летово ги обликуваа ростерите на многу репрезентации.
„Баскетњуз“, направи список на играчи кои ќе го пропуштат СП во Јапонија, Индонезија и Филипини кое трае до 25. август до 10. септември.
На чело на таа листа е српскиот кошаркар Никола Јокиќ, кој по освојувањето на шампионскиот прстен во НБА реши да не биде дел од тимот на Светислав Пешиќ.
На репрезентативните обврски не одговори ниту неговиот сонародник,новиот плејмејкер на Оклахома, Василије Мициќ, кој по сезоната во Ефес, летово ќе го искористи да се подготви за дебитантскиот настап во НБА лигата.
Ѕвездата на Милвоки, Јанис Адетокумбо нема да може да му помогне на тимот на Димитрис Итудис поради операцијата на коленото, а грчката репрезентација ќе биде без Ник Калатес, Тајлер Дорси и Костас Слукас.
Франција на СП ќе игра без првиот пик од годинешниот драфт, откако Виктор Вембањама реши да го искористи ова лето за да се подготви за сезоната во најсилната лига на светот. Дресот на „триколорите“ нема да го носат и Френк Ниликина, Родриг Бобуа и Килијан Хејс.
Веста дека Рики Рубио ќе го пропушти Мундијалот поради проблеми со менталното здравје го шокираше кошаркарскиот свет, па еден од најдобрите плејмејкери нема да може да им помогне на Шпанците да го одбранат светскиот трон.
„Црвената фурија“ нема да смета ниту на Лоренцо Браун, додека Кристапс Порзингис поради повреда во последен момент отпадна од списокот на Летонија.
Домантас Сабонис нема да ги брани боите на Литванија, меѓу италијанските кошаркари ги нема Данило Галинари, Нико Манион и Дариус Томпсон.
Словенија на чело со Лука Дончиќ овојпат ќе ја нема помошта од Горан Драгиќ и Влатко Чанчар. Драгиќ се пензионираше, а Чанчар доживеа тешка повреда на еден од подготвителните натпревари пред СП.
Австралија ќе биде без Бен Симонс, Јапонија без играчот на Ла Лејкерс, Руи Хачимура, а плејмејкерот на Њу Орлеанс, Хозе Алварадо нема да настапи за Порторико.
Последен кој го откажа учеството на СП е најдобриот Канаѓанец, Џамал Мареј.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Арнолд: Секогаш ќе го сакам Ливерпул
Англискиот фудбалер Трент Александар-Арнолд зборуваше за своето враќање на „Енфилд“ пред натпреварот од четвртото коло од Лигата на шампионите помеѓу Ливерпул и Реал.
Десниот бек го замени својот роден град со Мадрид ова лето. Навивачите на Ливерпул не му го простија предавството.
Најмногу поради начинот на кој го направи тоа, претходно не го обнови договорот, поради што си замина без обештетување. Реал на крајот плати околу 10 милиони евра со што го обезбеди Арнолд за настап на клупскиот Мундијал.
„Моите чувства кон Ливерпул нема да се променат. Таму создадов спомени што ќе траат цел живот. Без разлика како ме гледаат, тоа нема да се промени“, рече Арнолд во пресрет на натпреварот.
Кога стана јасно дека нема да остане во Ливерпул, во финишот на минатата сеозна беше исвиркан на „Енфилд“.
„Зависи од навивачите. Секогаш ќе го сакам клубот, секогаш ќе навивам за нив. Засекогаш сум благодарен за можноста што ми е дадена и сè што направивме заедно ќе биде со мене засекогаш“, додаде Арнолд.
Неговиот настап во вторник во 21 часот е сè уште неизвесен, по повредата на неговото деби за Реал во Лигата на шампионите против Марсеј.
Оттогаш (16 септември) тој не е на теренот, и покрај големата желба да игра против својот поранешен клуб, реалноста е дека најверојатно ќе биде на клупата.
Спорт
Виктор Треневски е кандидат за клупата на Партизан
Поранешниот македонски репрезентативец, Виктор Треневски, според црногорските медиуми и главниот кандидат за нов тренер на фудбалскиот клуб Партизан.
Партизан, во неделата му врачи отказ на Срѓан Благојевиќ, откако клубот испадна од Купот на Србија, по поразот од второлигашот Мачва, а во саботата доживеа тежок пораз од Чукарички.
Виктор Треневски е поранешен македонски фудбалер кој ги бранеше црно-белите бои помеѓу 1995 и 1998 година.
Досега, Треневски беше тренер на Грбљ, Ком, Дечиќ, Работнички и Заврч, додека моментално е главен тренер на Балкан Иглс, тим кој се натпреварува во третото ниво на црногорскиот фудбал.
Од друга страна „Телеграф“ пишува дека потпретседателот на клубот Предраг Мијатовиќ сака шпански тренер.
Прв избор е Диего Мартинез, 44-годишен стручњак кој во текот на својата кариера ги тренираше Осасуна, Гранада, Еспањол, Олимпијакос и Лас Палмас.
Foto/ cg-fudbal.com
Спорт
Почина Шарлс Кост, најстариот олимписки шампион
Највозрасниот олимписки шампион во светот, поранешниот француски велосипедист Шарл Кост, почина на 101-годишна возраст, објави министерката за спорт на Франција, Марина Ферари.
Кост го освои златниот медал на Олимписките игри во Лондон во 1948 година во дисциплината екипна потера, а минатото лето беше носител на олимпискиот факел на Игрите во Париз.
Le #CNOSF rend hommage à la mémoire de Charles Coste, champion olympique à Londres, en 1948, dans l’épreuve de poursuite par équipes, décèdé à l’âge de 101 ans.
Le doyen mondial des champions olympiques avait disputé deux Tour de France, trois Tour d’Italie et sa plus belle… pic.twitter.com/PetKB7XhDv
— FranceOlympique (@FranceOlympique) November 2, 2025
„Со голема тага дознав за смртта на Шарл Кост, олимпискиот шампион од Лондон. На 101-годишна возраст, тој остави зад себе огромно спортско наследство“, рече Ферари во соопштението.
Пред Втората светска војна, тој се сметаше за еден од најперспективните француски велосипедисти, а по војната се врати во спортот, освојувајќи го националното првенство во 1947 година.
На Олимписките игри во Лондон следната година, тој освои злато во екипната потера, водејќи ја Франција до победи над Велика Британија во полуфиналето и Италија во финалето.
Од јануари 2025 година, по смртта на унгарската гимнастичарка Агнес Келети, Кост беше најстариот жив олимписки шампион.

