Култура
Лабина Митевска годинашна добитничка на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“
Познатата македонската актерка и продуцент, Лабина Митевска, е добитник на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ за исклучителен придонес во македонската кинематографија, што традиционално секоја година ја доделува Друштвото на филмските работници на Македонија. Наградата на Митевска свечено ќе ѝ биде врачена на Меѓународниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки”.
„Оваа награда, утврдена во 2013 година, е замислена како признание за посебна контрибуција кон македонскиот филм и од самиот почеток критериумот е подигнат толку високо, што навистина не е лесно да се најде вистински кандидат и достоен лауреат. Оваа година се одлучивме за ѕвезда, која со години блеска на големото платно со голем број главни и споредни филмски улоги и е еден од најуспешните продуценти во историјата на македонскиот независен филм. Станува збор за исклучителна актерка со која и лично сум имал можност да соработувам. Едно од најсензибилните и најфотогенични лица во современата македонска кинематографија и сосема заслужено ќе го носи и епитетот ‘Голема ѕвезда на македонскиот филм’“, истакна на денешната прес-конференција претседателот на ДФРМ, Игор Иванов-Изи.
Лабина Митевска е родена на 11 октомври 1975 година. Основно и средно училиште завршува во Скопје, а образованието го продолжува на Факултетот за уметност и археологија при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Добива стипендија за Европскиот колеџ за филмови во Данска, каде што се дообразова, а историја на уметност студира на Универзитетот во Тусон, Аризона, САД. Својата актерска кариера Митевска jа почнува во 1994 година со една од главните улоги во филмот „Пред дождот“ во режија на Милчо Манчевски, филм што го добива „Златниот лав“ во Венеција, а потоа следуваат многубројни улоги во познати филмови: „Туку така под облака“, „Добредојдовте во Сараево“, „Те сакам тебе“, „Премногу лош така што Балканскиот експрес беше претходно употребен“, „Како убив светец“, „Бубачки“, „Тајната книга“, „Јас сум од Титов Велес“, „Превртено“, „Кога денот немаше име“, „Господ пости, името ѝ е Петрунија“, „Најсреќниот човек на светот…
Покрај актерството, Митевска е автор и на многубројни есеи објавени во весници и списанија, зборува чешки, германски и англиски јазик, во два наврата соработувала со режисерот Мајкл Винтерботом, во 2001 година била член на жирито на Фестивалот во Карлови Вари и во неколку наврати беше директор на ИФФК „Браќа Манаки“. Со сестра си Теона С. Митевска и братот Вук Митевски ја оформуваат продукцијата „Сестри и брат Митевски“, со која снимаат многубројни краткометражни и долгометражни играни филмови, кои се прикажуваат на фестивалите во Берлин и Венеција. Со филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ го свртеа вниманието на европската и на светската филмска јавност и беа меѓу трите финалисти за престижната европска награда „Лукс“. Лабина и Теона, по поддршката што ја добија од „Еуримаж“, Агенцијата за филм, Creative Europe – MEDIA, Данскиот филмски институт, Belgium Tax Shelter, Хрватскиот аудиовизуелен центар и Филмскиот фонд од Сараево го завршија последниот проект, филмот „Најсреќниот човек на светот“, по сценарио на Елма Татарагиќ, кој беше избран за македонски кандидат за „Оскар“ во категоријата најдобар меѓународен филм.
Досегашни добитници на наградата на ДФРМ се Кирил Ценевски, филмски режисер и сценарист (2013); Милчо Манчевски, филмски режисер и сценарист (2014); Дарко Марковиќ, карикатурист, сатиричар, филмски режисер (2015); Сајмон Пери, филмски продуцент (2016); „Вардар филм“, продуцентска компанија (2017); Милица Стојанова, глумица (2018); Љупчо Константинов, композитор (2019); Столе Попов, филмски режисер и сценарист (2020), Северџан Бајрам, актер (2021) и Горјан Тозија, филмски продуцент (2022).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Голем двоен меѓународен успех на познатата штипска оперска пејачка Виолета Арсовска
Оперската пејачка професор м-р. Виолета Арсовска неодамна оствари двоен меѓународен успех на престижни натпревари во САД и Русија. На International Youth Music Competitions во Атланта, САД, во конкуренција со пејачи од 23 држави од целиот свет, таа освои прва награда и беше прогласена за „апсолутен победник“ за изведбата на „Марика мома убава“ од Томислав Зографски во пијано придружба од Трајче Роглев. Во оценката за нејзиниот настап стручното жири меѓу другото напиша:
„Настапот беше обележан со лесен, добро поддржан тон и стабилна вокална техника. Звукот е постојано слободен и резонантен, а пеењето се одликува со природна леснотија што ѝ овозможува на музичката линија да тече без напор. Целокупниот впечаток е израз на самодоверба и вокална сигурност. Изразната посветеност на музиката е јасно видлива, а карактерот на делото е многу ефективно пренесен. Визуелниот контакт со публиката ја зајакнува комуникацијата и ја зголемува непосредноста на изведбата, особено кај дела со ваква изразна природа. Севкупно, ова е многу силна и изразна изведба, полна со достоинство, музикалност и техничка стабилност. Награда: Прва награда и апсолутен победник во категоријата.“
Претходно, Арсовска учествуваше и на 13. International Moscow Music Competition, каде во исклучително силна конкуренција, оценувана од строго и еминентно интернационално жири, го освои второто место со тоа што првото место не беше воопшто доделено.
Таа беше единствен претставник од Македонија во возрасната категорија 36–45 години каде настапи со внимателно избран вокален репертоар од нејзината изведба на македнските композиции „Со маки сум се родила“, „Шарпланинска приспивна“ од Тодор Скаловски и познатата руска композиција „Подмосковние вечери“.
Култура
Подгответе се за магијата на Моцарт – легендарната опера „Дон Џовани“ оживува на сцената на Националната опера и балет на 7 февруари
Едно од најзначајните дела во историјата на оперската уметност, операта „Дон Џовани“ од Волфганг Амадеус Моцарт, по подолга пауза ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет на 7 февруари 2026 година, со почеток во 19.30 часот. Ова возбудливо и комплексно оперско остварување, инспирирано од вечната легенда за Дон Жуан, плени со својот драмски контраст – спој на комично и трагично – и со незаборавната музичка генијалност на Моцарт.

Изведбата е под диригентската палка на Џанлука Мартиненги (Италија), во режија на Лев Пуљиезе (Италија). Сценографијата е на Марија Ветероска, костимографијата на Марија Пупучевска, кореографијата на Олга Панго, концерт-мајстор е Климент Тодороски, а хор-мајстори се Јасмина Ѓорѓеска и Ѓурѓица Дашиќ.
Во солистичката екипа настапуваат: Кристијан Федеричи (Италија) во насловната улога Дон Џовани, Јанош Носек (Полска) како Лепорело, Игор Дурловски како Комендаторе, Биљана Јосифов како Дона Ана, Нико Франкини (Италија) во улогата на Дон Отавио, Злата Тошевска како Дона Елвира, Николина Јаневска како Церлина и Драган Ампов како Мазето, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.

„Дон Џовани“ е опера инспирирана од легендата за Дон Жуан, во која Моцарт и либретистот Лоренцо да Понте создаваат сложен и фасцинантен лик што ја отсликува вечната борба меѓу желбата, моралот и одговорноста. Со својата музичка генијалност и длабока психолошка разработка на ликовите, делото и денес силно комуницира со современата публика и го задржува статусот на едно од највлијателните оперски остварувања во светската музичка литература.
Култура
Американска премиера на „Јон Вардар против галаксијата“ во Мајами
Анимираниот филм „Јон Вардар против галаксијата“ во режија и сценарио на Гоце Цветановски, влезе во официјалната селекција на Miami Science Fiction Film Festival, еден од водечките американски фестивали посветени на научната фантастика.
Фестивалот, кој со години привлекува врвни автори и продуценти од целиот свет, е препознатлив по својот фокус на иновативни, визионерски и авторски филмски дела. Во претходните изданија меѓу специјалните гости се најде и Џорџ Р.Р. Мартин, авторот на романите врз кои е базирана глобалната хит ТВ серија Игра на Тронови.

Со селекцијата во Мајами, филмот го продолжува својот успешен фестивалски пат и дополнително ја зацврстува позицијата на македонската анимација на светската сцена. Светската премиера ја имаше во Ситџес, Шпанија, еден од најголемите жанровски фестивали во светот, а досега беше прикажан на повеќе од 40 меѓународни фестивали, каде што освои шест награди.
„Среќен сум што преку овој филм не само што и‘ дадовме на Македонија прво долгометражно анимирано остварување, туку успеавме и да ја ставиме нашата земја на светската мапа на научната фантастика. Нашата национална кинематографија бележи период на невиден подем на светско ниво, и среќен сум што сум дел од оваа мала културна револуција“, изјави Цветановски.

Главните улоги во филмот ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, сценариото и режијата се на Гоце Цветановски, а продуцент е Алан Кастиљо.

