Култура
Уникатен рецитал на младата пијанистка Ќека на „Охридско лето“
Младата, но мошне талентирана македонска пијанистка Мимоза Ќека вчеравечер ја воодушеви публиката на фестивалот „Охридско лето“ одржувајќи рецитал под акустичните сводови на црквата „Света Софија“.
Музичката критика вели дека „нејзината изведба се одликува со јасна и сугестивна творечка имагинација, со прецизно изработен динамички, артикулациски и ритмички план и извонредно изградена пијанистичка техника…“ што впрочем се потврди и вчеравечер на целовечерниот концерт. Нејзиниот репертоар се протега од барок до современи автори, изведувајќи широк спектар на музички дела. Ќека вели дека и репертоарот со кој настапи на „Охридско лето“ бил внимателно одбран, водејќи сметка тоа да бидат композиции кои не се често изведувани на фестивалската програма.

– Се претставив со програма составена од круцијални композитори на пијанистичката техника и пијаното воопшто. Бетовен, Јаначек, Шопен и Лист. Кога ја избирав гледав да не биде некоја многу застапена програма низ годините на „Охридско лето“, така што се обидов овој концепт да го осмислам како уникатен, вели пијанистката Ќека.
Реномираната македонска пијанистка, која на 26-годишна возраст се стекна со титулата доктор по музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е носител на десет високи државни и меѓународни награди и признанија на натпревари во Италија, Франција, Србија, Босна и Херцеговина и С. Македонија.
– Се трудам сите мои рецитали да бидат со различна програма, да донесам една поврзаност на сите композитори, од барокот на пример, од Бах, па дури и мајсторите пред Бах, сѐ до современите дела. На докторатот ја изведував Барбер Сонатата која што е наградена за современо дело во САД. Сите композитори ми се омилени, не можам да извојам ниту еден и сите сакам да ги свирам, додава младата македонска пијанистка.
Пијанистката Мимоза Ќека настапува како уметник – изведувач на рецитали, како член на камерни ансамбли, пијано дуо и со симфониски оркестри. Нејзините интернационални гостувања вклучуваат концерти и солистички рецитали во Прага, Рим, Париз, Милано, Трст, Сиена, Бристол и Њујорк.
Минатата година таа го издаде својот соло албум „Non-Fungible“ со музика од Бах, Скрјабин и Барбер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Дон Кихот“ на Дино Имери и Дијана Илкоска-Имери премиерно и во Битола
По фантастично успешната премиера во Скопје и меѓународната премиера во Париз, Франција, делото „Дон Кихот во Скопје“ ќе ја има и својата битолска премиера.
В недела, на 14 декември, во Офицерскиот дом во Битола, со почеток во 20 часот, овој разновиден проект инспириран од култната приказна за славниот витез Дон Кихот на Мигел де Сервантес ќе биде претставен и пред битолската публика.
Делото е создадено по повод Националниот ден на Шпанија – 12 Октомври, и е силно поддржано од Амбасадата на Шпанија во Скопје.
Станува збор за концерт за пијано, гитара, наратор и камерен оркестар, чии автори се Дино Имери и Дијана Илкоска Имери. Под диригентство на маестра Дијана Илкоска Имери, ќе настапи Камерниот оркестар „ID“, а како солисти ќе се претстават:
· Дино Имери – пијано,
· Ади Имери – гитара,
· Тина Иванова – наратор и автор на текст.
Како што кажува и самиот наслов, главната инспирација е едно од најзначајните дела во светската и шпанската книжевност – „Дон Кихот“ од Мигел де Сервантес. Музиката е програмска и ја следи приказната за замисленото патување на Дон Кихот и неговиот верен придружник Санчо Панса низ современа Северна Македонија, каде што тргнуваат во потрага по нови авантури и со намера повторно да се борат против „ветерниците“. Звучниот пејзаж е силно инспириран од шпанскиот и македонскиот фолклор, кои се преплетуваат и создаваат специфична, автентична атмосфера.
Текстот на нараторот, кој ја дополнува концертната форма, се провлекува низ делото како сценски контрапункт. Приказната, чија авторка е Тина Иванова, служи како поддршка и проширување на програмската музика.
Премиерата во Битола се реализира со поддршка од ЈОУ Културно-информативниот центар – Битола.
Култура
Охрид домаќин на министерската конференција на Советот на министрите за култура од ЈИЕ – јакнење на културата во функција на одржливиот развој
Охрид и Република Македонија на 11 и 12 декември 2025 година се домаќини на министерската конференција на „Советот на министри за култура од ЈИЕ – јакнење на културата во функција на одржливиот развој“.
Конференцијата официјално ќе биде отворена на 12 декември во 10:00 часот со воведно обраќање на министерот за култура и туризам Зоран Љутков. Свои обраќања ќе имаат и директорката на Регионалното биро на УНЕСКО за наука и култура во Европа, со седиште во Венеција, Магдалена Ландри, министри за култура, заменици-министри и претставници од земјите од ЈИЕ.
На конференцијата ќе биде усвоена Охридската декларација „Одржливи културни модели за иднината“.
Република Македонија го презеде претседателството со „Советот на министри за култура од ЈИЕ – јакнење на културата во функција на одржливиот развој“ во 2024 година за време на министерската конференција што се одржа во Херцег Нови, Црна Гора.
Култура
Проекција на исклучителниот шпански трилер ПИГИ во Кинотеката
Специјалната проекција на вознемирувачкиот и исклучителен шпански трилер „ПИГИ“ во Кинотеката на Македонија. Филм што ѝ го отвори патот на режисерката Карлота Переда кон меѓународната сцена и ја утврди како едно од најзначајните имиња во современиот хорор.
Настанот се реализира како соработка на Кинотеката на Македонија и Амбасадата на Шпанија во нашата земја.
Во задушливото лето на рурална Екстремадура, тинејџерката Сара – маестрално интерпретирана од Лаура Галан – секојдневно се соочува со сурово врсничко насилство. Нарекувана „свинче“ и запоставена дури и во сопствениот дом, таа живее во изолација. Но, еден случаен и сериозно вознемирувачки настан кај локалниот базен ја втурнува во мрачен круг на одмазда, претворајќи ја потиснатата болка во шокантно, но и катарзично ослободување.
„ПИГИ“ е маестрален спој на психолошки трилер и хорор, создаден врз основа на наградуваниот краток филм на Переда од 2018 година. Филмот храбро ги отвора темите на телесната стигма, малтретирањето и траумата, градeјќи атмосфера натопена со напнатост, која кулминира во незаборавно кинематографско финалe.

